5 начини до подобро ментално здравје онлајн

Совети како да се грижите за себе и за другите

UNICEF
Graphic image - adolescent girl looking at her phone
UNICEF
07 Февруари 2022

Интернетот нуди многу прекрасни можности за поврзување со другите, учење и споделување работи што ни се важни. Но, покрај придобивките, носи и предизвици.

Доколку социјалните мрежи или интернетот некогаш ви предизвикале стрес, завист или осаменост, односно чувства на пониска самопочит или социјална вознемиреност, треба да знаете не сте сами и дека има решение. 

Следуваат пет совети за тоа како да се грижите за вашето ментално здравје и да придонесете кон подобра и пољубезна онлајн средина. 

 

1. Избегнувајте да читате само лоши вести 

Внимателно анализирајте на кој начин содржините на социјалните мрежи и онлајн влијаат врз вашите емоции, мисли или дејства. Какви чувства ви предизвикуваат? Дали читањето на вестите прави да се чувствувате информирани или ве вознемирува? Дали гледањето фотографии на ваши пријатели на некоја забава прави да се чувствувате добро или ви создава завист? Дали веднаш откако наутро ќе станете, го проверувате телефонот за да дознаете најнови вести и дали тоа го правите од чиста навика?

Ако размислите зошто сте онлајн и како тоа прави да се чувствувате, таквото размислување може да ви помогне да си поставите соодветни лични ограничувања на времето што ќе го поминувате на социјалните мрежи или на други апликации. Знаејќи дека не секогаш е реално дека ќе го „одследите“ или пријавите секого кој намерно или ненамерно негативно влијае врз вашите емоции, би можеле да се обидете да ги блокирате или ограничите содржините од кориснички сметки кои не делуваат поволно на вашето расположение. Важно е да се запомни дека не сè што гледате онлајн е вистинито, дури и работи што ги објавиле ваши пријатели, но она што сигурно е вистинито е лошото чувство што ви се јавило како последица од тоа што сте го виделе.

 

2. Бидете внимателни

Постојат голем број онлајн алатки и содржини кои можат да помогнат околу сите аспекти на менталното здравје и добросостојбата, и тоа од апликации за медитација кои може да ви помогнат да се опуштите и фокусирате, до платформи кои ќе ви помогнат да го развиете сопственото чувство за идентитет и самосвест, да останете поврзани и да се поддржувате едни со други. На интернет има голем број алатки за учење со кои можете да испробате нешто ново како на пример цртање или јога и на тој начин да изградите нови когнитивни и креативни вештини, како и онлајн часови по вежбање кои може да ви помогнат да останете здрави и да се релаксирате.

Обидете се да најдете позитивни и мотивирачки содржини и креативни личности што ќе ги следите, како на пример спортисти, пејачи, готвачи, автори или други млади луѓе кои зборуваат за работи што им се битни. Не заборавајте дека интернетот и социјалните мрежи може да ги користите и за да побарате стручна помош и информации во врска со менталното здравје доколку ви се потребни.

 

3. Заштитете се себеси и другите онлајн

Проверете ги поставките за приватност на сите ваши профили на социјалните мрежи. Веб камерите нека ви бидат покриени секогаш кога не се во употреба. Бидете внимателни кога се пријавувате за апликации и услуги онлајн, особено кога давате цело име и презиме, адреса или фотографија. Ако сте загрижени за нешто што сте виделе или доживеале онлајн, треба да разговарате со возрасно лице на кое му верувате, да го пријавите инцидентот на соодветната платформа (не заборавете да направите запис т.е. скриншот како доказ) и да побарате поддршка од телефонска линија за помош или од соодветна служба за ментално здравје во вашата земја.

Можете, исто така, да им помогнете на другите така што ќе ги следите и нивните онлајн искуства и ќе препознаете знаци дека одреден соученик, пријател или некој кого не го познавате не се чувствува добро или манифестира знаци на тегоба и ќе им помогнете да ја добијат поддршката што им е потребна.

Зборовите се важни и затоа треба внимателно да размислиме што споделуваме.

4. Изберете добрина

Користете ги социјалните мрежи за добро, споделувајќи позитивни и поддржувачки содржини и пораки со вашите пријатели, семејството и соучениците. На пример, можете некому да му напишете дека мислите на него/неа или да додадете позитивен коментар на нечија објава на социјалните мрежи. Ако се најдете во ситуација да реагирате на некоја порака или објава со негативен коментар, запрете за момент и размислете дали можеби реакцијата би можеле да ја „спакувате“ на поинаков начин или наместо преку виртуелниот медиум да се обидете проблемот да го решите со средба и разговор со лицето во живо. Доколку гледате или добивате пораки или содржини што ги сметате за злонамерни или малтретирачки, треба да го блокирате и пријавите испраќачот. Зборовите се важни и затоа треба внимателно да размислиме што споделуваме. Сите ние имаме моќ да бидеме добри и да им го разубавиме денот на другите, па затоа ајде да шириме љубов наместо омраза!

 

5. Останете присутни и поврзани

Линијата на разграничување меѓу виртуелниот и реалниот свет е сè потенка, што го отежнува живеењето во сегашниот момент и задоволувањето на нашата вродена потреба од човечки контакт. Дали сте се нашле во ситуација да прекинете со нешто што  правите за да го објавите тоа на социјалните мрежи или да читате што објавиле вашите пријатели, наместо да им се јавите и да се сретнете во живо на разговор? Важно е одвреме навреме да се исклучиме и да паузираме од социјалните мрежи и да поминеме одредено време заедно со пријателите и семејството во реалниот живот, таму каде е тоа безбедно.

Поставете си реални лични цели; на пример, дека нема да го земете телефонот в рака или да се поврзете на интернет во првиот час од денот (таквата пракса ви ја троши залудно енергијата и ве навикнува да ги апсорбирате информациите во нефилитрирана форма) или непосредно пред да си легнете. Активности како на пример медитација, прошетка или разговор со другар или другарка ќе ви помогнат да си обезбедите слична стимулација и притоа да се чувствувате пососредоточени и опуштени.