3 начини да им помогнете на вашите тинејџери да управуваат со времето поминато пред екран
Помогнете им на вашите тинејџери да најдат здрава рамнотежа во времето што го поминуваат со своите дигитални уреди.
Дали имате дете тинејџер кое изгледа како да е врзано за екранот? Д-р Лиза Дамур, психолог, мајка и најпродавана авторка, споделува три начини на кои можете да им помогнете на вашите тинејџери да создадат здрави навики кога користат дигитални уреди.
Погледнете го видеото или прочитајте ги советите подолу .
(транскрипт)
Не е секогаш лесно за децата да управуваат со тоа колку време поминуваат пред екраните, особено кога се вклучени во социјалните медиуми или видео игрите, бидејќи тие се дизајнирани да им отежнат на тинејџерите да се повлечат.
Јас сум д-р Лиза Дамур, психолог, автор и мајка. Еве три работи што возрасните можат да ги направат за да им помогнат на тинејџерите да најдат здрава рамнотежа во тоа колку време поминуваат на дигитални уреди.
1. Покажете интерес за односот на вашето дете кон технологијата
Тинејџерите ги користат дигиталните уреди за секакви работи, од гледање документарни филмови и учење од видеата како да направат нешто, до интеракција со своите пријатели. Разговорите со тинејџерите за тоа како ги користат дигиталните уреди се скоро секогаш поуспешни кога тргнуваме од позиција на љубопитност. Откријте во што уживаат вашите деца кога ја користат технологијата и што не им се допаѓа толку многу. Замолете ги да размислат како се чувствуваат кога прават различни дигитални активности. Тоа ќе ве зближи и ќе ви помогне да разговарате заедно за поставување граници што ќе му помогнат на детето да го има најдоброто можно искуство.
2. Не дозволувајте времето поминато пред екраните да ги замени другите активности
Наместо да бидете против користење дигитални уреди, бидете ЗА вашето дете да се вклучи во активности кои поддржуваат здрав развој. Тинејџерите кои поминуваат многу време фокусирани на училишните задачи, уживајќи во интеракции лично, помагајќи околу куќата или заедницата и се физички активни, имаат тенденција да имаат најздрав, најбалансиран однос со дигиталните уреди.
3. Моделирајте здрава употреба на екранот
Тинејџерите обрнуваат внимание на она што го прават возрасните барем онолку колку што слушаат што зборуваме ние. Доколку вие усвоите здрави навики за користење на дигиталните уреди, ќе им помогнете и ним да го сторат истото и ќе ви се олесни спроведувањето на правилата за користење на дигиталните уреди. На пример, можете да кажете : "Јас не држам дигитални уреди во мојата соба преку ноќ бидејќи ми пречи во спиењето, а спиењето е важно за моето физичко здравје и за моето ментално здравје. Затоа, да имам исто правило за тебе какво што имам за себе претставува важен дел од тоа како се грижам за тебе".
Д-р Лиза Дамур е психолог, авторка, соработничка на „Њујорк тајмс“ и мајка на две деца.