Како да почнете разговор за менталното здравје: 14–18 години
Како да се надминат ризици поврзани со емоциите, однесувањето и здравјето коишто може да влијаат понатаму во животот.

Во овој период кога стануваат возрасни, вашите деца ја развиваат својата посебна личност и бараат поголема независност и одговорност.
Тинејџерите се во сѐ поголема интеракција со останатите преку социјалните мрежи и мобилните телефони. Како резултат на тоа, тие поминуваат помалку време со семејството и повеќе време со пријателите, како на интернет, така и надвор од домот.
Тоа е исто така време кога се случуваат физички промени и кај момчињата и кај девојчињата.
Тинејџерите може да доживеат
- Брзи физички промени што може да предизвикаат загриженост околу големината, обликот или тежината на телото.
- Проблеми или загриженост во врска со јадењето.
- Зголемени промени во расположението и социјална анксиозност.
- Тага или депресија, што може да доведе до ниска самодоверба или други проблеми.
Повеќе од чувство на тага
- Лошото ментално здравје кај тинејџерите може да оди рака под рака со други ризици поврзани со здравјето и однесувањето, меѓу кои и користење алкохол и дрога, насилно однесување и небезбеден секс.
- Бидејќи голем број здравствени однесувања и навики се пренесуваат од адолесценцијата во возрасното доба, важно е тинејџерите да добиваат поддршка во развивањето здрави навики што ќе помогнат за нивната добросостојба.
„Како се чувствуваш/како си?“
Со вашиот тинејџер може добро да се согласувате, или може да имате предизвици. Без разлика каков е вашиот однос во моментот, важно е да покажете дека секогаш сте тука за да му помогнете да се справи со сите тешки моменти преку покажување љубов и поддршка.
Како да започнете разговор
- Прашајте како го поминал/а денот – обидете се да создадете прилики за разговор, на пример, додека заедно готвите вечера.
- Поставувајте прашања од отворен тип, појаснете ги прашањата за да разберете како се чувствува. Можете да се обидете со следното „Можеш ли да ми објасниш што мислиш со…” или „Што мислиш, како би се чувствувал ако…”
- Побарајте да го чуете неговото/нејзиното мислење и кажете го и вашето мислење за да се разберете подобро.
Самоповредување
Ако сте загрижени дека може да има проблем со самоповредување, ненаметливо отворете ја темата и обидете се да дознаете дали вашиот тинејџер некогаш добил/а такви мисли.
Ќе ви помогне ако почнете да прашувате за другите, наместо за него/неа, на пример, „Некои луѓе на твоја возраст се повредуваат себеси, си слушнал/а од твоите пријатели дека некои луѓе го прават тоа?”.
Уверете го/ја дека секогаш ќе бидете тука за него/неа, на пример, „Знаеш дека секогаш можеш да зборуваш со мене за било што”. Така ќе дадете на знаење дека може да зборува со вас и дека сакате да помогнете.
Што треба да правите
- Препознавајте ги и добрите и лошите работи и давајте пофалби за достигнувањата, дури и за мали достигнувања. Оваа фаза од развојот е исто така период на креативност и личен развој – идентификувајте ги таквите ситуации со вашиот тинејџер.
- На тинејџерите често им се чини дека светот е непредвидлив и надвор од нивна контрола. Кажете дека го разбирате тоа.
- Проверувајте ги навиките за користење на онлајн медиумите и социјалните мрежи. Разговарајте со вашиот тинејџер за времето што го поминува на интернет, и како да се заштити од малтретирање и вознемирување онлајн. Уверете го дека доколку се најде во невола, или доколку направи некаква грешка додека е на интернет, вие сте тука за него/неа и дека можете да помогнете без оглед на било што.
- Бидете отворени за вашите чувства. Покажувајќи како вие се справувате со стресот, може да дадете пример за него/неа. Разговарајте како вие сте се справиле со проблемите кога сте биле на таа возраст.
Што не треба да правите
- Не преземајте ја дискусијата во свои раце и не кажувајте му што да прави. Прашајте што можете вие да направите и работете заедно на изнаоѓање решение.
- Не водете разговор кога сте налутени. Тргнете се, длабоко вдишете и смирете се – разговорот продолжете го подоцна.
- Не започнувајте битка на моќ. Наместо да се расправате, обидете се да сочувствувате со фрустрациите што ги доживува вашиот тинејџер.
Запомнете: Сѐ е поврзано
Добра вест е дека тинејџерите се отпорни и дека лошите искуства се дел од процесот да се стане независен и способен возрасен човек.
Помагајќи им на тинејџерите да се градат (чувство на) поврзаност со училиштето, семејството и пријателите, се подобрува нивното ментално здравје и се спречуваат низа различни негативни однесувања, како што се користење дрога и насилство.
Одвојте време за да најдете начини како да го поддржувате, охрабрувате и вклучите вашиот тинејџер. Тоа нема да биде секогаш лесно и ќе биде потребно трпение и само-контрола од ваша страна, но тоа може да се постигне и секогаш вреди да се вложи труд.