Лекцијата што ќе ја научиме од оваа пандемија
Блог од младите репортери на УНИЦЕФ Ева Хаџипетрова (15), Мариа Митриќеска (15), Бранислав Максимовски (15) и Андријана Камчева (25)
- Достапно на:
- English
- Македонски
Младите репортери на УНИЦЕФ ја споделуваат лекцијата која тие ја научија за време на КОВИД-19 пандемијата. Нивните рефлексии нѐ потсетуваат дека сите сме заедно во ова и нивниот оптимизам ни дава надеж дека по ова ќе бидеме посилни и поиздржливи.
Без дожд нема виножито
Ева Хаџипетрова (15), млад репортер на УНИЦЕФ
Многу размислував, што е тоа што ќе произлезе од сето ова? Еднаквост! Оваа ситуација ни покажа дека сите сме исти без разлика на нашата вера, култура, обичаи, без разлика дали сме сиромашни или богати. Вирусот едноставно не бира. Тој на некој начин нѐ поврза, ни покажа дека сите треба да се држиме заедно. За време на овој хаос додека сме сите во паника ни ја покажа тежината на човештвото. Нѐ потсети всушност кои сме ние. Можеби светот најпосле ќе се смени.
Ние луѓето, сами по себе, сме кревки. Нашата сила доаѓа од нашата заедница.
Ние не живееме без меѓусебно социјализирање и не треба да го забораваме тоа. Имаме многу грижлива и заедничка конекција меѓу нас и неверојатно е да се види како на моменти се држиме заедно. Споделувањето е грижа. Понекогаш, треба да се потсетиме колку е значајна добрината и дарежливоста. Треба да се потсетиме дека ни е подарен подарок наречен живот и дека треба да го цениме.
Сѐ може да заврши утре. Да се фокусираме на тоа што е значајно за нас. Кога сето ова ќе заврши, Земјата ќе продолжи да се врти и животот повторно ќе си тече. Прашањето е дали до тогаш ќе ја научиме нашата лекција. Да бидеме совесни кон нашата Земја и таа ќе биде љубезна кон нас. Без дожд нема виножито. Запомнете го тоа!
Во секое лошо има добро
Мариа Митриќеска (15), млад репортер на УНИЦЕФ
„Во секое лошо има добро” е стара изрека која јас сега ќе ја употребам како мала утеха во ова тешко, неочекувано време. Како млада тинејџерка, верувајте тешко ми е да се справам со оваа ситуација, како и сите кои го читате ова и се чувствувате беспомошно, но само сакам да ви кажам дека не сте сами и ќе биде подобро!
Свесна сум за сето она што ни е одземено поради оваа ситуација, за сите нереализирани планови, дали тоа биле родендени, патувања, свадби и слично. За жал, не можеме да преземеме ништо во врска со тоа. Но, не сме немоќни! Баш напротив ние сите заедно сме оние кои можат да го направиме светот подобро место за живеење. Ако секој од нас ги почитува мерките изречени од надлежните органи ситуацијата нема да се влошува и ќе помине многу побрзо од очекуваното.
Можам да ја издвојам мерката за изолација - седење дома- како најважна мерка. Знам дека звучи тешко, верувајте на почетокот ова мене ми звучеше како нешто невозможно, просто неизводливо. Ми беше тешко, здодевно, не бев навикната толку време да седам на едно исто затворено место. Но, со тек на време почнав да си наоѓам занимации, пробав работи кои не сум ги пробала никогаш досега, поминував многу повеќе време со моите родители од порано, иако не излегував надвор вежбав дома, и конечно имав време да ги изгледам сериите и да ги прочитам книгите за кои сум немала време досега!
Исто така, морам да признаам дека мене онлајн учењето ми е многу полесно, полабаво и без никаков стрес.
Една од најважните работи кои ги научив додека сме во изолација е да се грижам и да се посветам на самата себе.
Грижата за себе е нешто толку потценето во денешно време. Дали поради немањето доволно време или пак поради преголемиот стрес од секојдневниот живот или пак поради некоја сосем различна причина луѓето не си посветуваат доволно време на себе. Откога сум во излоција имам пмногу време да размислувам, сфаќам дека всушност грижата за себе е една од работите кои ме прават среќна. Мислам на ситни работи верувам достапни за секој - овие ситни работи всушност ми помагаат да се пронајдам себеси.
Да се навратиме на реченицата која ја спомнав на почетокот „Во секое лошо има добро”, една обична кратка реченица, но сепак толку моќна! Ова е само една гледна точка на млада девојка која го поминува истото што и вие. Па затоа, не заборавајте, никогаш не сте сами!
Пандемија која ме научи да сакам
Бранислав Максимовски (15), млад репортер на УНИЦЕФ
Потребно е само малку трпение и поддршка за да ја надминеме кризава, но заедно ќе успееме. Потребно е само да ги почитуваме препораките и мерките кои ни се изречени од државата, за да се заштитиме самите себеси, луѓето кои ни се најблиски и останатите кои живеат во ова општество. Знаеме сите дека не е лесно да седиме дома, ама и тоа седење си има сопствени доблести.
Ако некој ме праша како се справувам со пандемијата и како таа влијае врз мене, јас би рекол: Знам дека не ни е лесно на сите, знам дека не им е лесно на тие што лежат по креветите во болниците, знам дека не им е лесно на луѓето кои изгубиле некој близок, но животот е таков. Животот нѐ носи во различни насоки. Затоа потребно е да живееме во моментот каде што сме, без да мислиме на минатото и иднината. Седам дома, извршувам училишни обврски, излегувам на тераса, пијам кафе или чај, слушам добра музика. Не можам да набројам колку активности правам, само за да останам позитивен. Многу ми значи што брат ми, моите родители, моите баби и дедовци се живи и здрави и за нив се трудам да дадам сѐ од себе. Пишувам есеи, сликам, читам. Оваа ситуација ме научи на многу нешта.
Ме научи да сакам, да слушам, да се грижам, да почитувам и помагам.
Помагам- тоа е зборот што го барам. Што значи да помогнам некому? Да помогнам некому да научи нешто. Да помогнам со разговор. Овој збор треба да го користиме почесто во разговорниот речник за да можеме да гледаме почесто насмевки на другите лица. Оваа ситуација ме научи и да сакам. Не само да сакам некоја личност, туку и да ги сакам најмалите нешта во животот.
Животот е лекција која секојдневно ја учиме и секојдневно ќе ја учиме.
Андријана Камчева (25) млад репортер на УНИЦЕФ
Луѓето се комплексни, тие го поминуваат целиот живот учејќи. Меѓутоа зошто чекаме да се случи нешто лошо за да знаеме да го цениме доброто? Зошто не можеме да ги цениме малите работи кои нè прават среќни?
Досега не сум имала прилика да размислувам за многу работи што ми се случувале. Многу работи не сум знаела да ценам и на многу работи сум давала важност, а всушност и не биле толку важни. Не сум знаела дека дождот ме прави среќна, дека кафето испиено на тераса е подобро од кафето испиено во кафуле. Сфаќам дека читањето книги е она што ме исполнува, ме прави среќна. Играње карти и монопол во домашна атмосфера всушност и не било толку лошо, а вежбањето дома било подобро од било која теретана. Сфатив дека сум филантроп, имам огромно чувство на емпатија и тоа ме прави исто толку среќна.
Секој ден учиме да живееме. Сами си го одбираме патот по кој ќе одиме.
Размислете само за што сѐ мечтаете. Добро е тоа што мечтаеме и што имаме цел која треба да ја оствариме. Не плашете се да правите чуда од вас, не плашете се да живеете онака како што заслужувате. Со тек на време ќе има многу пречки, но така учиме да ги надминеме предизвиците.
Животот е лекција која секојдневно ја учиме и секојдневно ќе ја учиме. Не треба да ни е сѐ совршено во животот за да бидеме среќни и да се цениме себе и сѐ околу нас. Треба само да сме благодарни и среќни со тоа што го имаме.
Запомнете дека најдобрата животна лекција се учи во лоши времиња и кога човекот прави грешки. Уживајте во животот и ценете го она што го имате. Помислете дека во светот постојат луѓе кои имаат помалку од вас. Бидете среќни и позитивни за сѐ што ви се случува, само така ќе ја изградите вашата цврста личност.
Aндријана, 25
Бранислав, 15
Mариа, 15
Блоговите напишани од младите репортери на УНИЦЕФ се дел од волонтерската иницијатива која има за цел да им даде на младите луѓе простор да ги споделат своите видувања на теми значајни за нив. Работата на Младите репортери за време на пандемијата КОВИД-19 делумно е финансирана од УСАИД.