Интервју – Bionic – GenUnlimited winners

3Д печатена бионичка рака (електронска протеза) што функционира со помош на мускулни сензори кои ги читаат импулсите на мускулите на подлактницата

Интервју на Матеј Милосиевски (16), Млад репортер на УНИЦЕФ
Team Bionic one of the national winners of Generation Unlimited
UNICEFMK
13 Јули 2020

Младите поседуваат неоткриена количина на фантазија и креативност. Нашата фантазија понекогаш знае да биде необична, некои би рекле и недостижна. Но некои млади во себе носат посебна дарба, дарба да ја претворат фантазијата во реалност. Реалност, којашто возрасни луѓе, бизнисмени и компании со години се стремат да ја достигнат. Денес сакам да ве запознам со моите соученици кои ги надминаа сите граници, ги прекршија сите стереотипи и му докажаа на светот дека ние младите сме способни за многу повеќе отколку што возрасните мислат дека сме. Успешен пример за тоа е тимот Bionic - Орхан, Тео, Анамариа и Борис - што е еден од тимовите победници на националниот младински предизвик „Генерација без граници“ (Generation Unlimited). Bionic e еден од двата тима избрани да ја претставуваат нашата земја на глобалниот младински предизвик „Генерација без граници“. Нивната задача во рамките на овој предизвик беше да креираат дигитални решенија за поактивно вклучување на децата и на младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот.

 

Ова интервју ви нуди можност да дознаете повеќе за овие извонредни средношколци и нивниот неверојатен продукт.

 

 


 

Матеј: Што конкретно претставува вашиот продукт?

Бионик: Нашиот продукт е 3Д печатена бионичка рака (електронска протеза) што функционира со помош на мускулни сензори кои ги читаат импулсите на мускулите на подлактницата и е наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет.

Bionic arm 3D image
UNICEFMK

Матеј: Како дојдовте до идејата за вашиот продукт?

Бионик: Нашиот тим се стреми кон создавање иновативни решенија кои ќе им помогнат на луѓето во секојдневниот живот. Токму таа особина беше главна инспирација за учеството на овој проект. А главната идеја за продуктот потекнува од дизајнерот во нашиот тим, Орхан.

Матеј: Кои предности ги носи вашиот продукт за лицата со попреченост?

Бионик: Една од главните особини на бионичката рака е нејзината ниска цена што овозможува раката да биде достапна за сите на кои им е потребна, што значи дека и луѓето од помалку развиените земји ќе можат да си дозволат да имаат бионичка рака. Исто така, раката ќе има повеќе различни димензии што значи дека ќе биде надградлива за деца и тинејџери чие тело континуирано се развива.

Матеј: Кои се предностите на вашиот продукт во споредба со други слични продукти?

Бионик: Нашиот продукт е направен врз принцип секој човек кој има потреба од бионичка рака да може да преземе бесплатен модел за 3Д печатење и да го отпечати, да ги нарача другите делови на интернет и да ја состави раката, без претходно искуство, во рок од 1 до 2 часа. Според ова, може да се заклучи дека ние не наплаќаме за испорака, работна рака и профит за производителот и добавувачот. Овие карактеристики прават нашата бионичка рака да има најмалку 28 пати пониска цена од другите моментално достапни бионички раце на пазарот.

Матеј: Која беше улогата на секој член од тимот BIONIC?

Бионик: Орхан беше задолжен за дизајнот, Тео за програмирањето, Борис за менаџирање на социјалните мрежи и Анамариа за изработка на веб-страницата.

Team Bionic working on the Generation unlimited workshop
UNICEFMK

Матеј: Колку време Ви беше потребно за конструкција на финалниот прототип од вашиот проект/продукт?

Бионик: Уште на самата тридневна работилница што се одржа во декември ние го изработивме првиот прототип, додека финалниот продукт го изработивме во периодот кој беше зададен за реализирање и усовршување на проектот од страна на самиот натпревар Generation Unlimited. Севкупно, ни беа потребни 5 месеца за изработка на продуктот.

Матеј: Која е вашата инспирација, односно мотивот за креирање на овој продукт?

Бионик: Бевме изреволтирани од непотребно превисоките цени на постојните бионички раце на пазарот и бевме свесни дека тоа би можело да се промени доколку бионичките раце станат достапни на интернет (Open Source).

Матеј: На какви реакции наидувате?

Бионик: Досега добивме многу позитивни коментари за функционалноста на раката и за нејзиниот целосен дизајн. Горди сме што за толку кратко време на многу луѓе им се допадна целосната идеја и се пројави интерес за соработка.

Testing of the bionic hand
UNICEFMK

Матеј: Што значи за вас да учествувате на ваков натпревар?

Бионик: Самата тема и идеја на овој натпревар е креирање на продукт кој ќе биде корисен и од голема помош на општеството. А самото чувство на придонесување во создавањето подобра иднина за сите е нешто што не може да се објасни со зборови.

Матеј: Кое е Вашето искуство од натпреварот и работилниците во кои учествувавте и дали бевте изненадени кога дознавте дека сте победници во локалната рунда на предизвикот од Generation Unlimited?

Бионик: Искуството беше фантастично. Се стекнавме со многу нови вештини и сознанија. Бевме многу изненадени по победата на предизвикот, но и среќни заради можноста да го усовршиме продуктот.

Матеј: Што значи за вас пласманот на глобално ниво?

Бионик: Пресреќни сме што успеавме да стигнеме до ова ниво. Тоа што успеавме да се пласираме ни донесе многу верба и храброст да продолжиме.

Матеј: Што би сакале да им порачате на сите млади ентузијасти?   

Бионик: Би сакале да им порачаме на младите да ги следат своите соништа и дека со труд, желба и соработка сѐ може да се оствари. Истрајноста и упорноста, во секој случај, се најтешката опција, но тие секогаш водат кон успехот. Грешките и лошите моменти се составен дел од секој голем успех, но наместо да се трудиме да ги избегнеме, треба да научиме како да ги поправиме и да не се откажуваме. Факт е дека е најлесно да се откажеме, но така само ги потиснуваме нашите желби и амбиции и стануваме исти како другите. Бидете различни и дајте го најдоброто од себе. Ништо не е залудно. Убавите моменти и среќата секогаш доаѓаат на крај, бидејќи се награда за одличната работа.

 

3D printer printing the bionic arm
UNICEFMK
Team Bionic presenting their project at the Generation Unlimited finale
UNICEFMK