Грижа за менталното здравје во училиштата
Да се вратиме во подобро училиште
- English
- Македонски
Започнувањето на училишната година нè натера да размислиме што можеме да предложиме за да ги подобриме нашите училишни искуства. Разгледувајќи многу идеи, сфативме дека еден од најголемите проблеми, на кој недоволно се работи во нашите училишта е поддршката на менталното здравје!
Ова е важна тема отсекогаш, но сега е вистинско време да ѝ се посветиме, бидејќи сите се соочуваме со нови предизвици и мораме заедно да работиме за да ги надминеме. Од почетокот на пандемијата, ни се промени животот на сите. Не може секој подеднакво успешно да се справува со промените, а тоа, на многу начини, може да влијае на нашето ментално здравје.
„Зборувајќи од моето сопствено искуство, сега повеќе од кога било ми треба да разговарам со некого и да бидам отворен за сè. Со задоволство велам дека моите пријатели беа тука за мене, но не секој ја има таа поддршка и не секој се чувствува толку слободен да им се отвори на пријателите“. (Ерблин, 16)
Важноста на изразувањето на емоциите
Изразувањето на емоциите е важно и ни помага да сфатиме како се чувствуваме. Затоа, на сите ни е важно да имаме кому да се обратиме кога имаме потреба.
За почеток, може да ни помогне разговорот со нашите пријатели, бидејќи е полесно да им се довериме ним, зашто и тие се соочуваат со слични предизвици. Но, и покрај тоа што е убаво чувството кога ќе споделиме нешто со пријател, сепак, во некои ситуации треба да побараме помош од професионалци.
Поминуваме голем дел од времето на часови и очекувано е училиштето да биде местото каде што можеме да кажеме како се чувствуваме, со какви проблеми се соочуваме. Да имаме на кого да се потпреме, некој што ќе нѐ ислуша и ќе ни биде на располагање.
За нас би било од голема помош ако во нашите училишта, еднаш неделно или двапати месечно би се организирале индивидуални средби со психолози. На овој начин би го нормализирале разговарањето со професионално лице и би ја смениле перцепцијата за училиштето бидејќи училиштето не е само место каде учиме и се натпреваруваме за оценки. Секој од нас може да има проблем со некој предмет, на некого му треба повеќе време за совладување на наставната програма, а наставниците и родителите треба да го разберат тоа. Можноста да разговараме со стручно лице, психолог, ќе ни ја олесни комуникацијата и со нашите наставници и со родителите, а училиштето ќе го претвори во место каде што доаѓаме со радост.
Да се вратиме во подобро училиште
Навистина сакаме да се вратиме во училиште но, исто така, сакаме и да видиме некои промени, промени што ќе бидат корисни за младите. Веќе ни е јасно дека ништо нема да биде исто, но мора да се прилагодиме на оваа нова „нормала“, а за тоа да биде ефективно треба да се направат некои промени.
Наш предлог е во училиштата да се воведе предмет или ден посветен на менталното здравје. Тоа би било време посветено на активности, како што се планинарење, гледање филмови, сликање во природа, кратки патувања, спортски турнири, квизови на теми што би ги избрале учениците и разни други работи. Тоа би ни помогнало да ја зајакнеме социјалната интеракција, да се дружиме, да бидеме поблиску до природата и до себе. Покрај релаксирачките активности корисно ќе биде да имаме дебати/дискусии на почувствителни теми, како покажување емоции, соочување со (не)успех, прашања од сексуалната едукација, а особено дебати за споделување на искуствата за време на пандемијата. Одговарање на прашања како „Што ти помогна за време на пандемијата?” или „Што беше најпроблематичното искуство што го имаше во овој период?“ може да ни помогне да разбереме дека не сме единствените што се чувствуваат на овој начин.
Исто така, периодот кога имаме истовремено тестови по сите предмети влијае негативно врз менталното здравје на речиси сите ученици. Подобро би било тестовите да бидат пораспоредени, наместо сите 20 во една или две седмици, да има по два теста неделно или тестирањето да биде континуирано, а оценката да се изведува од посветеноста и активноста на ученикот преку целата годината.
Грижа сега
Покрај идеите за подобро училиште имаме неколку идеи како да останеме продуктивни и како да се развиваме сѐ повеќе. Еве неколку работи кои ни помагаат додека учиме од далечина:
- Да бидеме креативни! Една активност може да биде цртање или прскање бои на празен лист хартија. Не е потребно да изгледа убаво, важно е да го извадиме од себе тоа што го чувствуваме. Освен цртање, може да биде вајање, свирење инструмент, пишување или што било друго што не прави среќни.
- Медитирањето и пешачењето во природа релаксира и ни помага да бидеме присутни и сконцентрирани во моментот.
- Решавање логички задачи, читање книга или статија прави да се чувствувамe продуктивно и исполнето. По цел ден гледање филмови или следење Инстаграм е заморно за мозокот и полека ја губиме способноста за концентрација.
Менталното здравје е исто толку важно како и образованието, а училиштето е најдоброто место каде што младите луѓе може да развиваат здрав начин на размислување. Затоа, да создадеме училишта во кои учениците нема да се жалат од тежината на наставата и од пренатрупаните тестирање и нема да се срамат да станат и да зборуваат отворено за менталното здравје.
Напишано од младите репортери на УНИЦЕФ:
Mihaela Zaneva,15
Erblin Jakupi, 16