Младите „Распаметувачи“ креираат дигитални решенија за инклузивни ресторански услуги

Mind Benders имаат за цел да ги отстранат пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост во рестораните, кафулињата, пекарниците и другите угостителски објекти.

Интервју на Дарио Королија (20), млад репортер на УНИЦЕФ
Team Mind benders, one of the winners of Generation Unlimited challenge
UNICEFMK
16 Јули 2020

Тимот млади иноватори „Mind Benders” е еден од двата тима избрани да ја претставуваат нашата земја на глобалниот младински предизвик „Генерација без граници“ (Generation Unlimited). Тие беа пред предизвик да креираат дигитални решенија што поддржуваат поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот.

„Mind Benders” (Распаметувачи) имаат за цел да ги отстранат пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост во рестораните, кафулињата, пекарниците и другите угостителски објекти. Нивната мобилна апликација „Дигитално мени“ содржи библиотека од дигитализирани менија од ресторани прилагодени да бидат достапни за лица со оштетувања во видот и слухот, лица со дислексија и со аутизам. Работејќи директно со сопствениците на рестораните тимот досега успеа да направи пристапни менија за 25 ресторана. Во иднина планира да го зголеми бројот и да воведе пристапна опција при правење онлајн-нарачки. 

„Mind Benders” се еден од двата тима што освоија национална награда за своето дигитално ресторанско мени, со кое услугите стануваат инклузивни и ќе учествуваат во глобалниот предизвик, со шанса да добијат дополнителни средства до 20.000 американски долари, како и поддршка од глобалната програма за инкубација од партнерите на „Генерација без граници“ за проширување на решението.

Младиот репортер на УНИЦЕФ Дарио (20) се сретна со Кико, Марија, Ивона, Ана и Дамјан од тимот Mind Benders за да дознае повеќе.

 


 

Дарио: Вие сте едни од националните победници. Дали очекувавте победа? Какво е чувството да се има „влезен билет“ за глобалниот предизвик?

Кико: Не очекував дека ќе победиме. За време на паузата, непосредно пред прогласувањето на победниците, си зедов нешто за јадење и си реков „Тоа е тоа, супер успех постигнавме“. Дојде моментот на прогласување на победниците и слушнав „Mind Benders”. Се запрашав, да не станува збор за некоја грешка? Бев многу позитивно изненаден.

Марија: Имав претчувство дека ќе победиме поради тоа што имаме функционален продукт кој вистински им е потребен и претставува големо олеснување за лицата со различни видови на попреченост. Ваква сеопфатна апликација досега не беше достапна на пазарот. Што се однесува до влезниот билет, како што го нарекуваш, немаме конкретен одговор. Од почетокот на нашето учество во предизвикот, потполно сме фокусирани да ја создадеме најдобрата верзија на „Дигитално мени“. Ајде да речеме дека предизвикот за нас претставува еден пат што нѐ води да помогнеме кон постигнувањето на поинклузивно општество.


 

Дарио: Како станавте тим, дали сите се познававте пред предизвикот?

Ивона: Јас, Марија и Дамјан студираме на Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, оттаму и се познаваме. Темата на мојот дипломски труд беше поврзана со лицата со попреченост, така и се запознавме со Кико, кој има оштетувања на видот. За време на пред-работилниците имавме можност за вмрежување, г-ѓата Викторија Волак која е толкувач на знаковен јазик, нѐ запозна со Ана, таа има оштетување на слухот.

Team Mind Benders working during the Gen U workshops
UNICEFMK

Дарио: Од каде се роди идејата за „Дигитално мени”?

Mind Benders: Идејата е на Кико. Самиот тој и лицата со различни видови на попреченост, секојдневно искусуваат пречки при користење на менијата во угостителските објекти, поради нивната неприспособеност. Оттаму и се роди идејата за „Дигитално мени“.


 

Дарио: Што ве натера да се пријавите за „Генерација без граници“ и што ви значи учеството во ваков предизвик?

Ивона: За предизвикот дознавме од нашиот професор Христијан Ѓорески, како што се движевме низ напредните фази на предизвикот тој стана и наш ментор. 

Дамјан: Многу сме среќни бидејќи имаме можност да учествуваме во предизвик од ваков карактер. Задоволството е огромно да им помагаме на оние, на коишто навистина им е потребно, но и паралелно да учиме и да развиваме свои вештини.


 

Дарио: Како предизвикот „Генерација без граници“ и работењето со ментор придонесе кон вашиот успех? Дали тоа дополнително ве охрабри и измотивира?

Кико: Целиот процес е базиран на цврсти партнерства и соработка со различни чинители.

Оваа иницијатива, вклучувајќи го и менторот, особено ни помогна да бидеме таму каде што сме сега. Бидејќи менторот мене не ми е професор, сметам дека би можел да дадам најконструктивно мислење. Многу сум позитивно изненаден од неговите способности. Тој има големо чувство и разбирање за лицата со попреченост. Секогаш е заинтересиран да ни помогне, да нѐ поддржи, да сподели отворено идеи и да ни даде фидбек од пријателска и професорска перспектива. 

Првичната идеја не ни беше да победиме на националниот предизвик „Генерација без граници“, туку да им помогнеме на лицата со различни видови попреченост. Кога сфативме дека добивме простор преку кој ќе можеме да опфатиме повеќе целни групи, добивме уште поголем стимул за работа. 


 

Дарио: Дали и до кој степен процесот на инкубација и менторирање го трансформираа вашето првично решение?

Mind Benders: Процесот на инкубација и менторирање беше клучен во успешното доразвивање на првичната скромна верзија на „Дигитално мени“, но нашата идеја и цел останаа исти. Во оваа фаза бевме во можност да ги вклучиме нашите целни групи и со нивното директно учество ги дизајниравме и ги тестиравме модовите за поддршка на лицата со оштетувања на видот, оштетувања на слухот, дислексија, интелектуална попреченост, како и регуларниот мод. Би сакале да изразиме голема благодарност до специјалните едукатори кои за време на главната тридневна работилница за ко-креирање, многу ни помогнаа во фокусирањето какви модови да создадеме.

Team Mind Benders presenting at the GENU event
UNICEFMK

Дарио: Што ве научи Кико за потребите на лицата со оштетувања на видот?

Ивона: На почетокот од нашето познанство со Кико, кога тој ни објасни како лицата со оштетувања на видот функционираат самостојно во општеството, како користат компјутер и телефон, јас бев во шок. Му поставував најразлични прашања, кои претпоставувам дека можеби за него беа чудни.


 

Дарио: Какви вештини стекнавте во текот на целиот процес?

Mind Benders: Учеството на предизвикот ни донесе уникатна можност за развивање на нови вештини како што се: како се развива бизнис-план, маркетинг вештини, комуникација со партнери и целни групи, организациски вештини и тимска работа, кои веќе ги применуваме во различни сфери на личен и на професионален план. Веруваме дека овие вештини ќе ги применуваме долгорочно.


 

Дарио: Какви беа првичните реакции на јавноста за вашето решение?

Mind Benders: Јавноста е воодушевена од нашиот тим и од инклузивното решение што го создаваме. Се надеваме дека во иднина „Дигитално мени“ ќе стане индустриски стандард што ќе им овозможи на сите самостојно и без пречки да нарачуваат оброк.


 

Дарио: Добивте некои дополнителни средства за доразвивање на вашето решение. Како планирате да ги искористите и на што ќе се фокусирате во претстојниот период? 

Mind Benders: Дополнителната поддршка ја добивме неодамна. Сѐ уште немаме прецизирано како ќе ги искористиме овие средства. Како и да е, во наредниот период активно ќе работиме на маркетинг, рекламни содржини и понатамошен развој на интерфејсот на апликацијата.

Screenshots of the Digital Menu app
UNICEFMK

Дарио: Кој мод ви беше најкомплексен, а кој најлесен за развивање?

Mind Benders: Модот приспособен за лицата со оштетувања на слухот беше најкомплексен за развивање и ни одзема најмногу време. За овој мод беше потребно да создадеме квалитетни GIFs со мал простор за складирање, кои прикажуваат храна и пијалаци на знаковен јазик. Додека модот приспособен за лицата со оштетувања на видот беше најлесен за развивање, бидејќи само требаше да имплементираме Text-To-Speech (TTS) алатка што е широко достапна на многу платформи.


 

Дарио: Докажавте дека младите се агенти за позитивни промени, особено кога се поддржани. Кои се вашите препораки за постигнување на поголема и посеопфатна дигитална инклузија во Северна Македонија, па и регионот?

Кико: Ти благодариме. Ова е филозофско прашање. За да се забрза дигиталната инклузија, сметам дека ваквите иницијативи и акции не треба да останат само на нас младите. Време е повозрасните да учат од младите иноватори, да делуваат подлабоко по однос на ваквите круцијални прашања, да градат мостови со сите оние кои сериозно работат во ова поле и заеднички да ги отстрануваме пречките кои ја спречуваат целосната благосостојба во општеството. 

Што се однесува до проширување на употребата на „Дигитално мени“ при промоција на туризмот во Северна Македонија, ние сме отворени за институциите да поразговараме како би можеле заеднички да придонесеме во ова поле.