Walkiie- Мобилна апликација што ги поврзува волонтерите со деца и млади со интелектуална попреченост

Апликација што ги поврзува децата и младите личности со интелектуална попреченост и нивните родители/старатели со волонтери што се подготвени да им понудат прошетки надвор од домот, а со тоа и да им помогнат да се чувствуваат повклучени во општеството.

Интервју на младите репортери на УНИЦЕФ Дориса Земон (16) и Мариа Митриќеска (15)
The team posing with the check they got as one of the winners of the GEN U challenge
UNICEFMK
16 Јули 2020

Тимот „Нешто нетипично“ е група млади, кои добија почесна награда на националниот младински предизвик „Генерација без граници“ (Generation Unlimited) за своето дигитално решение Walkiie - мобилната апликација за поврзување волонтери со деца и млади со посебни потреби. Тие освоија награда од 1000 американски долари од УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком Македонија за дигитална инклузивна иницијатива, како и дополнителна менторска поддршка што ќе им помогне во реализацијата на својата идеја.

Овој тим се состои од три енергични ентузијасти: Елена, Ѕвезда и Лазе  или како што тие го нарекуваат нивната инспирација и личност полна со креативни размислувања.

Ние, младите репортери на УНИЦЕФ, Мариа и Дориса, ви откриваме нешто повеќе за апликацијата Walkiie и тимот што ја изработи.


 

Дориса и Мариа: Може ли да ни ја објасните и да ни кажете некои детали за апликацијата Walkiie?

Нешто нетипично: Апликацијата Walkiie е направена за да ги поврзува децата и младите личности со интелектуална попреченост и нивните родители/старатели со волонтери што се подготвени да им понудат прошетки надвор од домот, а со тоа и да им помогнат да се чувствуваат повклучени во општеството. Апликацијата моментално е бесплатна и е достапна на Play Store, а работиме на тоа да биде достапна и на App Store. Корисниците на апликацијата најнапред креираат свој профил, потоа одбираат опција корисник или волонтер. Волонтерот остава своја биографија и термини кога е слободен, а корисникот ја гледа листата на волонтери и одбира кој волонтер му одговара. Важно е да се напомене дека безбедноста на корисниците - лицата со интелектуална попреченост е загарантирана, бидејќи само тие можат да ги гледаат информациите за волонтерот, додека пак волонтерот не ги гледа информациите за корисникот, па така и родителите/старателите можат да бидат запознаени во кое време, на кое место и со кого се дружи нивното дете. Во суштина апликацијата е многу едноставна и лесна за користење“.

 

Screenshots of the Walkiie app
UNICEFMK

Дориса и Мариа: Што ве поттикна да изработите токму ваков проект? Која беше вашата мисија?

Нешто нетипично: Инспирацијата ја добивме од лицата со попреченост, со кои ние работиме уште пред предизвикот. Видовме дека се соочени со дискриминација, која е тешка и неправедна и сакавме да придонесеме да има еднаквост помеѓу сите. Коментарите што ги добиваме за нашата апликација навистина нѐ мотивираат да создаваме уште подобри идеи со кои ќе го направиме нашето општеството поинклузивно.

 

Дориса и Мариа: Дали овој проект направи да гледате поразлично на некои работи?

Нешто нетипично: Дефинитивно да, но ние бевме свесни за предизвиците со кои се соочуваат, затоа што веќе подолго време работиме со лица што имаат интелектуална попреченост. Сепак, додека работевме на овој проект, повеќе се запознавме со проблемите што ги имаат, како го поминуваат своето време и секако собравме повеќе искуства. Родителите беа особено задоволни и дури ни кажуваа дека целата идеја е одлично осмислена и дека за нивните деца е мала промена, но за нив, родителите, огромна помош.

 

Дориса и Мариа: Какви чувства се јавија кај вас за време оваа иницијатива?

Нешто нетипично: Се чувствувавме многу исполнето и корисно, бидејќи навистина на лицата со посебни потреби им е потребна поддршка. Ние работиме со четири училишта, па со оглед на тоа имаше многу дружење и нови пријателства на работилниците кои ги одржувавме, навистина беше прекрасно искуство. Но, мораме да признаеме дека беше и малку стресно, се грижевме дали ќе биде сѐ како што треба. Потоа се појави и пандемијата од КОВИД-19, па моравме да ги промениме плановите што ги имавме и малку работите се искомплицираа, но на крајот испадна сѐ како што треба.

The team working during the Gen U workshops
UNICEFMK

Дориса и Мариа: Како влијаеја на вас искуствата што ги стекнавте?

Нешто нетипично: Стекнавме многу искуства: добивме многу совети, научивме да планираме активности, чувствуваме огромна одговорност. Исто така, нашиот ментор Боро Петковски од Телеком нѐ научи на многу нови вештини и секогаш беше тука да ни помогне, навистина беше посветен на овој проект.

 

Дориса и Мариа: Дали ви прави разлика тоа што ви е дадена можност и платформа која ви овозможува да правите нешто вакво заедно со вашиот ментор?

Нешто нетипично: Најголема поддршка ни беше менторот, кој има големо искуство и имаше можност да ни помогне од секој аспект, со него се слушавме секојдневно. На почетокот состаноците ги одржувавме по двапати неделно, но откако почна вонредната состојба почнавме секојдневно да се слушаме.

 

Дориса и Мариа: Кога почнавте со изработка на апликацијата, како ќе ја промовирате и кои се вашите очекувања?

Нешто нетипично: Најпрво имавме идеја да ја промовираме апликацијата преку училиштата. Да одиме во училишта да го претставуваме нашиот проект и да наоѓаме заинтересирани волонтери. Но, бидејќи се најдовме во вонредна состојба немавме начин како да го изведеме тоа, успеавме да отидеме само во едно училиште, каде навистина бевме изненадени и ни беше многу мило кога видовме колкав интерес има. Се пријавија многу волонтери, но не можевме да го реализираме проектот како што ни беше замислено, поради ситуацијата. И затоа, сепак, можеме да кажеме дека првично почнавме да ја промовираме апликацијата преку социјални мрежи и преку телефонски разговори. Како успешна промоција можеме да го издвоиме нашето учество на Утринска програма на телевизија, каде имавме интервју со цел да ги запознаеме луѓето со нашиот проект. И понатаму сме активни на социјалните мрежи, секој ден постираме едукативни содржини за подигнување на свесноста, за работи поврзани со УНИЦЕФ и  децата со цел помасовно вклучување на луѓето.

The team posing for the camera during the GEN U workshops
UNICEFMK

Дориса и Мариа: Може ли да ни откриете нешто повеќе за начинот на кој се подготвувате да го развиете финалниот прототип?

Нешто нетипично: Пред да започнеме со овој проект, ние направивме истражување од типот на правење интервју со деца од училишта, воспитувачи и наставници. Освен тоа, баравме податоци на интернет за досегашното искуство во изработка на слични апликации, поддршка од невладини организации и слично. На крајот ја презентиравме нашата идеја и влеговме во првите пет финалисти, за што бевме многу горди.

 

Дориса и Мариа: Што би им порачале на младите? Дали по ова искуство сметате дека младите имаат моќ да креираат позитивна промена во општеството?

Нешто нетипично: Секако дека ДА. Барем ние сметаме така, бидејќи тоа што го правиме ќе придонесе кон еднаквост. Барем ако ништо друго ќе придонесеме кон стекнување нови пријателства и знаења меѓу волонтерите и лицата со посебни потреби. Освен тоа, една од поголемите придобивки од нашата мобилна апликација е тоа што им овозможуваме на родителите повеќе време за себе. Нешто што го немале пред ова. А како нешто многу важно би го издвоиле тоа дека дружењето без оглед на попреченоста, ќе доведе до поголема социјална инклузија која недостасувала во минатото. Сметаме дека ние сега сме генерација што е многу свесна за околината, за сѐ што се случува, без разлика дали се работи за ситуации поврзани со лица со попреченост, булинг или други проблеми; ние сме свесни дека различностите се природни и сметаме дека со новите генерации сѐ повеќе ќе се развива нашето општество. Ние сме тие што треба да направат чекор напред кон постигнување на општество во кое сакаме да живееме.