Јане Велковски, 11 годишен застапник за деца со попреченост ќе зборува во Обединетите нации во Њујорк

- Достапно на:
- English
- Македонски
Скопје, 15 ноември 2019 – На овогодишниот Светски ден на детето, Јане Велковски, единаесетгодишен застапник за деца со пореченост од Северна Македонија, ќе му се придружи на УНИЦЕФ на глобалниот самит во Обединетите нации во Њујорк каде деца и млади ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.
Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето кој се поклопува со 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата.
“Навистина сум многу возбуден затоа што ова е огромен настан. Но истовремено сум многу среќен затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост може да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не може да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот,“ рече Јане Велковски.
Јане ќе учествува во интерактивниот дел во кој ќе бидат претставени деца застапници, ќе има креативни елементи, музички настапи и учество на амбасадори на добра волја. Тој ќе зборува заедно со други четири деца за време на панел дискусијата насловена како „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.
“Јане е инспирација за сите нас и пример што може да постигнат децата ако им се даде фер шанса, рече Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ. “Многу сме горди што токму тој ќе ја сподели својата порака со светските лидери. Тој ни покажува дека, како и секое дете, децата со попреченост со себе носат потенцијал за среќен, исполнет живот, витално учество во заедницата и давање свој придонес за да изградиме инклузивни и одржливи општества за сите.”
Заедно со Владата и во партнерство со Делегацијата на Европската унија, УНИЦЕФ во Северна Македонија организира низа активности за да ја одбележи 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето. Училиштата низ целата земја се вклучени во активностите околу “Најголемата лекција на светот“ и ја пишуваат “Иднината на детството“. Над 1300 деца испратија свои креативни дела кои ќе бидат дел од настанот на високо ниво во Владата “За децата, од децата“. Повеќе информации ќе споделиме во деновите пред Светскиот ден на детето, 20 ноември.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.