Децата гледаат пријател пред да ја видат попреченоста
Отстранување на бариерите за инклузивно предучилишно образование
- English
- Македонски
Правото на предучилишно образование е основно право на сите деца. Тоа е исто така еден од најефикасните патишта за интеграција и инклузија. Затоа не е фер кога децата не посетуваат предучилишно образование само поради местото на живеење, етничкото потекло, богатството на семејеството или попреченоста. Во нашата земја само 0.5% од децата опфатени со предучилишно образование се деца со попреченост. Има многу причини за оваа состојба вклучително и мислењето на околу 50 отсто од јавноста кои не би прифатиле дете со физичка попреченост во исто одделение или градинка со деца без попреченост. Состојбата не е фер, но приказната за Михаил е една од оние што даваат надеж за промена.
Сите деца имаат огромни потенцијали. Кога се вклучени во квалитетни предучилишни програми заедно со своите врсници, децата со попреченост добиваат можности кои им се неопходни за да го остварат својот потенцијал. Михаил има четири години, живее во Велес и има церебрална парализа. Тој е едно од ретките деца со попреченост во земјава што оди во градинка. Најмногу сака да се игра со другите деца, особено со својот најдобар другар Љупчо.
Она што го ограничува потенцијалот е кога луѓето прво ја гледаат попреченоста пред да го видат детето. Михаил и Љупчо станаа пријатели од првиот ден. Како и кај сите деца нивното пријателство се роди од уживањето во заеднички игри. „Најмногу сакам да играм со Мики трки со коли“, вели Љупчо.
Никој не би помислил дека трка со коли е спорт за деца, особено не за дете со церебрална парализа. Но Маја, воспитувачка во градинката „Дизни“, ОЈУДГ “Димче Мирчев“ — Велес, ја осмисли оваа игра за да може сите деца да играат без оглед на нивната попреченост. Всушност Маја ја смисли оваа игра по консултација со дефектолог. Во играта се бара децата да ги туркаат количките клекнати на колена и на тој начин да се движат заобиколувајќи разни пречки сè до целта. Оваа игра е соодветна за состојбата на Михаил, а во исто време препорачлива за зајакнување на мускулите.
Сите деца имаат полза од опсежната методологија која инклузивните наставници ја применуваат за да одговорат на потребите на сите ученици — вклучувајчи ги и потребите на децата со попреченост. Во градинката што ја посетува Михаил сите деца уживаат во трката со коли и гласно ги бодрат учесниците. „Кога го вклучуваме Михаил во игри рамноправно со другите деца, тој ја зајакнува самодовербата и независноста. Бодрењето го прави да се чувствува горд на постигнатото, впрочем исто како и секое друго дете“, вели Маја.
Маја е иден обучувач за инклузивни практики во предучилишното образование. Таа учествуваше на сите работилници за инклузија на децата со попреченост во редовните градинки што досега ги поддржа УНИЦЕФ. "Обуките ми помогнаа да ги прилагодам постоечките содржини на потребите на децата, вклучително и децата со попреченост. Сè правиме заедно и гледаме Михаил да учествува во целост во сите активности," вели Маја.
Како сите деца, и децата со попреченост со себе носат порив за среќен и исполнет живот, витално учество во заедницата, како и порив за давање сопствен придонес во градењето инклузивно и одржливо општество. Но општеството може да биде правично само доколку ги вклучи сите деца, а децата со попреченост можат да бидат вклучени само доколку средината околу нив се промени и го поддржи нивното учество.