Нови измени на Законот за системот за проценка на лица со попреченост овозможуваат унапредување на правата на децата
Скопје, 2 февруари 2026: УНИЦЕФ го поздравува неодамнешното усвојување на измените и дополнувањата на Законот за системот за проценка на лица со попреченост, како значаен чекор кон обезбедување секое дете со попреченост да може да ја добие потребната поддршка и можности за да го достигне својот целосен потенцијал.
Функционален и ефикасен систем за проценка на попреченост е важен предуслов преку кој децата и младите остваруваат пристап до образовни, здравствени и социјални услуги приспособени на нивните развојни потреби, како и до парични надоместоци поврзани со попреченоста. Измените, изработени од Министерството за социјална политика, демографија и млади со техничка поддршка од УНИЦЕФ, обезбедуваат претстојниот универзален функционален систем за проценка целосно да ги одразува специфичните потреби и развојни карактеристики на децата и младите.
Измените се надоврзуваат на силните резултати постигнати преку долгогодишната посветеност и инвестиции на Владата, поддржани од УНИЦЕФ и други партнери. Со зачувување на институционалните структури и стручната експертиза за проценка на децата, новиот закон обезбедува овие вредни капацитети и во иднина ефикасно да одговараат на потребите на децата.
Клучни унапредувања во зајакнувањето на правата на децата вклучуваат:
• Целосно усогласување со глобалните стандарди: Проценката на попреченост кај децата и младите ќе биде усогласена со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (ICF) и Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (CRPD). Новата методологија ќе применува мултидисциплинарен пристап што ги вклучува секторите образование, здравство и социјална заштита и ќе ја поддржува холистичката вклученост на децата во општеството.
• Фокус на детето и бесплатен пристап за семејствата: Ревидираниот закон ги задржува специјализираните структури за проценка и стручните тимови за деца и млади и гарантира дека проценките на попреченост за нив остануваат бесплатни за семејствата, со трошоци покриени од Фондот за здравствено осигурување.
• Континуитет преку зајакнати системи за податоци: Со задржување на националниот електронски регистар на проценети деца и млади, системот овозможува следење на испораката на услугите и на исходите за децата и обезбедува цврсти податоци за планирање и буџетирање на услугите засновани на докази.
• Активно вклучување на родителите: Ревидираниот закон обезбедува родителите и понатаму активно да учествуваат во процесот на проценка, препознавајќи ги нивните сознанија за функционирањето и потребите на детето и овозможувајќи им подобро да го поддржат развојот на своето дете.
• Гарантирана пристапност и недискриминација: Измените воведуваат соодветни приспособувања, како толкување на знаковен јазик и пристапни материјали, без дополнителни трошоци, во согласност со меѓународните обврски за пристапност и недискриминација.
УНИЦЕФ ѝ честита на земјата за континуираната посветеност кон правата и инклузијата на децата и младите со попреченост. УНИЦЕФ ќе продолжи да го поддржува националниот систем и усогласувањето на методологијата со специфичните потреби на децата, за секое дете да може да пристапи до потребната поддршка и услуги и да има можности да го достигне својот потенцијал.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ, агенцијата на Обединетите нации за деца, работи на заштита на правата на секое дете, насекаде, особено на најранливите деца и на места до кои е најтешко да се допре. Во повеќе од 190 земји и територии, правиме сè што е потребно за да им помогнеме на децата да преживеат, да напредуваат и да го исполнат својот потенцијал.