Услугите за децата со доцнење во развојот мора да бидат ориентирани кон семејството

Новиот документ нуди визија за мултисекторска поддршка на семејствата со деца под ризик од доцнење во развојот

25 Декември 2023
UNICEF Representative and ministers verified the policy recommendations at a forum
UNICEF/North Macedonia/2023

Скопје, 21.12.2023 – Заедно со УНИЦЕФ, Владата и партнерите од граѓанското општество ги поддржаа препораките кои го дефинираат стратешкиот правец за развој на физички и финансиски пристапен систем за интервенции во раното детство во Северна Македонија.

Целта на интервенциите во раното детство е семејствата со деца на возраст од 0 до 6 години кои се под ризик од доцнења во развојот да добијат ресурси и поддршка за да им овозможат на своите деца оптимален физички, когнитивен, социјален и емоционален развој.  

„Свесни сме за потребата од зајакнување на меѓусекторската комуникација со Министерствата за здравство и Министерството за труд и социјална политика во полето на навременото откривање на доцнењата во развојот кај децата уште од рана возраст. Посветено работиме на ова прашање. Секоја од институциите има улога во процесот на идентификување и обезбедување поддршка не само на децата со доцнења во развојот туку и на нивните семејства, како и на образовните институции во земјава” - изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

„Децата кои добиваат квалитетна грижа и можности за развој во раните години од животот имаат поголеми шанси да го остварат својот целосен потенцијал и да имаат продуктивен живот. Колку порано децата под ризик од доцнења во развојот и децата со попреченост добијат помош, толку е поголема веројатноста дека ќе имаат корист од интервенциите во смисла на подобри резултати во учењето, домашно опкружување кое дава поголема поддршка и ќе имаат поголеми изгледи да израснат во независни индивидуи” - изјави претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Раното откривање и интервенција во контекстот на доцнењата во развојот се суштински важни за децата да добијат навремена поддршка. За жал, актуелната состојба со услугите што ги нуди државата во делот на скрининзите и интервенциите во раното детство се или ретки или воопшто не постојат, што голем број деца ги доведува во ризик и во ситуација да не се регистрирани за добивање соодветни услуги.

Само 44% од децата почнуваат да добиваат услуги на скрининг на нивниот развој пред третата година од животот. Постојат големи нееднаквости во добивањето на услугите, при што семејствата во руралните средини, помалите етнички заедници и оние со низок доход се значително помалку опслужени.

Според проценките, повеќе од 17,000 деца[1] на возраст од раѓање до 6 години во државата имаат потреба од услуги на рана интервенција во детството.

Препораките потврдени денес, на форумот на кој учествуваа претставници на Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и претставници на организации од граѓанското општество, ги воведуваат и уредуваат на системско ниво активностите за осмислување и реализација на услугите за интервенирање во раното детство со помош на мултисекторски пристап.

Препораките го истакнуваат мултидисциплинарниот карактер на услугите за навремено идентификување и интервенирање во раното детство, кои имаат потреба од тесна координација меѓу секторите образование, здравство, исхрана и детска заштита.

Клучен аспект на новиот документ е воведувањето на семејно ориентиран модел за рана интервенција кој во центарот на внимание на интервенцијата го позиционира семејството и природното опкружување на детето. За ова да се овозможи, услугите треба да бидат ориентирани кон обезбедување поддршка во семејството или во природните опкружувања на детето од типот на градинка, игралиште и други места каде децата поминуваат одреден период од денот и каде се случуваат нивните секојдневни рутински активности. За да може да се позиционираат семејството и природните опкружувања на детето во центарот на вниманието на интервенциите, родителите исто така треба да се стекнат со знаење за тоа како да ги искористат секојдневните животни рутини за стимулирање на развојот на функционални вештини кај нивното дете.

До препораките се дојде низ партиципативен процес врз основа на фактите добиени од анализата на правната регулатива и од Ситуационата анализа на раниот детски развој во Северна Македонија.

Препораките се однесуваат на структурата за изготвување стандарди и постапки за интервенции во раното детство и дефинирање на улогите, надлежностите и задачите на сите министерства во рамките на системот кој обезбедува поддршка за децата и семејствата преку интервенции во раното детство.

Оваа иницијатива е дел од рамката на заедничкиот проект на Обединетите нации со наслов „Од знаење и ангажирање – до оснажување и учество” финансиран од Фондот на Обединетите нации за партнерство за правата на лицата со попреченост (UNPRPD). Во тесна соработка со Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ поддржува воведување на трансдисциплинарен, семејно ориентиран модел за услуги на интервенирање во раното детство во Северна Македонија.

Денешнава работилница за поддршка на препораките се одржа во партнерство со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија.

 

[1] Според пописот од 2021 година, бројот на деца под шестгодишна возраст во Северна Македонија изнесува 140,436. Ако го користиме како параметар веројатниот процент од 12,5% (светската статистика покажува дека 10-15% од децата од раѓање до шестгодишна возраст имаат доцнења во развојот), на дури 17,554 деца во Северна Македонија може да им се потребни услуги на интервенирање во раното детство.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најранливите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.