10 игри за деца со попреченост

Забавни моменти на учење дома.

УНИЦЕФ
In July 2016, Michael, a child affected by cerebral palsy, finishes an art class. He is 5 and he lives with his parents and brother in Yerevan, Armenia.
UNICEF/UN038651/Pirozzi

Обврските со мали деца можат да траат цел ден, па затоа секогаш е корисно да имате при рака идеи за забавни активности што може да ги правите заедно. Најдобриот начин децата да учат, без оглед на нивните способности, е преку игра. Играта значи откривање – и забава. Еве 10 стимулативни активности кои може да ги правите во затворен простор со вашето дете. Бидете трпеливи со детето, слушајте го и уживајте во дружењето и учењето заедно! 

 

  1. Ставете разни играчки на послужавник или рамна површина за да го поттикнете детето да си игра. Обидете се со сензорни играчки или играчки со вакуумски држачи што се лепат на рамни површини. Може да користите и сунѓери или шолји.

     

  2. Смислете игра со топка – може заедно да направите топка од крпа. Проценете кој е најдобриот начин за играње со рацете и нозете, зависно од подвижноста на вашето дете.

     

  3. Направете видео од детето додека си игра и пуштете му го. Може да го снимите и  само гласот за да му пуштите како пее или се смее.

     

  4. Одведете ги децата во кујната за да помогнат во подготовка на храната. Зависно што правите и колку е заинтересирано детето, може да му дозволите да ви помогне или само да му дадете пластичен сад и лажица за да ги имитира вашите постапки.

     

  5. Искористете го нивниот уметнички талент и дозволете им да бојат или сликаат. Постојат четки и прибор за цртање со големи димензии кои лесно се држат, па децата со мала подвижност лесно може да ги фатат! Сликањето со прсти, исто така, претставува забавна опција.

     

  6. Читајте книги заедно, седејќи или стоејќи во удобна положба (зависно од можноста на вашето дете). Исто така, може да извадите семејни фото-албуми и да му покажувате познати лица. Наоѓањето најдобра положба, со помош на перница или аглеста потпирка на маса, ќе му овозможи на  детето да се чувствува поудобно и ќе го поттикне да ја држи главата исправена.

     

  7. Наполнете сад со вода или со песок за вашето дете да си игра со различни текстури. Може да додадете и играчки.

     

  8. Играјте со домашно направено тесто или со пластелин. Користете калапи и забавувајте се со сечење и составување форми. Можеби детето полесно ќе држи калапи за колачиња или големи шолји со големи рачки.

     

  9. Поминете тивко време играјќи си со едноставни сложувалки или правејќи картички со форми, бои, зборови или броеви. Користењето рамна, мазна површина како што е маса или послужавник ќе ја олесни активноста.

     

  10. Пејте, танцувајте и вревете со вашето дете. Вашето малечко може да користи тенџере и домашно изработени инструменти за да држи ритам со вас.