„Дали децата со попреченост се навистина толку различни?”

Кога размислуваме за децата со попреченост, првото нешто што повеќемина го помислуваат е дека тие се „различни”. Точно е дека децата со попреченост имаат различни потреби, но, зарем сите деца немаат исто така различни потреби?

UNICEF MK
Стефанија 12 годишно девојче со даунов синдром решава задачи во дневната соба од куќата на нејзиното семејство во Делчево
UNICEF/2017/Georgiev
24 Јули 2018

Кога размислуваме за децата со попреченост, првото нешто што повеќемина го помислуваат е дека тие се „различни”. Точно е дека децата со попреченост имаат различни потреби, но, зарем сите деца немаат исто така различни потреби? Секое дете е посебно — децата се развиваат различно, сите тие имаат свои посебни лични карактеристики, различни силни страни и на сите им е потребна различна поддршка за да го остварат својот потенцијал. Што ја прави Стефанија Трајановска, дванаесетгодишно девојче со Даунов синдром да биде различна од останатите деца на нејзина возраст?

Како и повеќето деца, Стефанија многу сака да оди на училиште. Кога ќе ја прашаат кој ѝ е омилен предмет, таа веднаш одговара — сите! „Во текот на летото, таа многу напорно се подготвуваше за преминот од одделенска во предметна настава во петто одделение,” кажува мајка ѝ Милена.

Стефанија 12 годишно девојче со даунов синдром работи на компјутер во дневната соба од куќата на нејзиното семејство во Делчево
UNICEF/2017/Georgiev
Стефанија пребарува на интернет на нејзиниот компјутер дома.

Како и другите деца, Стефанија многу сака на интернет да ги пребарува стиховите на нејзините омилени песни; да се поврзува со своите другарчиња; да игра онлајн игри; и да пронаоѓа одговори на прашања кои не можат да ѝ ги одговорат наставниците или родителите. „Ние треба да ѝ даваме поддршка, но, кога станува збор за компјутери, Стефанија е многу повешта од било кој вработен во дневниот центар,” вели Јасминка Синадиновска, педагог од дневниот центар во Делчево каде Стефанија често оди по завршувањето на наставата во училиште.

Стефанија 12 годишно девојче со даунов синдром гордо го покажува свидетелството со сите петки во дневната соба од куќата на нејзиното семејство во Делчево
UNICEF/2017/Georgiev
Стефанија со гордост в раце го држи свидетелството со сите „петки“.

Како и другите деца, Стефанија е горда на себе кога ќе добие добри оценки. „Стефанија беше подготвена за училиште кога за прв пат почна да го посетува дневниот центар, и тоа благодарение на љубовта и поддршката од нејзиното семејство. Покрај тоа, таа секогаш вложува дополнителен напор кога ги учи новите лекции,” вели Синадиновска.

Стефанија 12 годишно девојче со даунов синдром си игра со домашната мачка во дневната соба од куќата на нејзиното семејство во Делчево
UNICEF/2017/Georgiev
Стефанија в раце го држи домашното милениче за кое се грижи заедно со својот брат.

Како и другите деца, Стефанија многу сака да си игра и да се забавува. Една од омилените работи во нејзиното слободно време е да си игра и да се грижи за домашната мачка.

Стефанија 12 годишно девојче со даунов синдром помага во домот и става домашен сок за гостите во нејзиниот дом
UNICEF/2017/Georgiev
Стефанија вешто во чашите става од домашниот сок од боровинки за гостите во семејната кујна.

Како и повеќето деца, или да речеме „некои” деца, Стефанија никогаш не се жали кога треба да помогне околу домаќинските работи. Таа всушност многу сака да се чувствува одговорна кога мајка ѝ ќе побара од неа да ја постави масата за ручек.

Стефанија 12 годишно девојче со даунов синдром свири на тарабука во дневната соба од куќата на нејзиното семејство во Делчево
UNICEF/2017/Georgiev
Стефанија самоуверено ги покажува своите вештини за свирење тарабука.

Има една работа која ја прави Стефанија поразлична од многу деца — таа многу сака да свири на тарабука. Иако нејзиното семејство не е секогаш среќно заради гласните звуци, сепак со задоволство го прифаќаат нејзиното свирење кога ќе ја видат насмевката на нејзиното лице кога свири во ритам на нејзините омилени мелодии.