Комитетот на ОН за правата на детето ги повикува државите да преземат акција околу обврските со цел заштита на правата на децата и животната средина, со фокус на климатските промени

30 Август 2023
Climate change
UNICEF/2023

Денеска, Комитетот на Обединетите нации за правата на детето објави авторитативно упатство до државите за тоа што мора да направат за да го поддржат правото на децата на чиста, здрава и одржлива животна средина. Во услови на продлабочување на климатската криза, Комитетот ги прецизираше обврските од Конвенцијата на ОН за правата на детето.

ЖЕНЕВА/ЊУЈОРК, 28 август 2023 година – За првпат, Комитетот на Обединетите нации за правата на детето експлицитно го потврди правото на децата на чиста, здрава и одржлива животна средина, издавајќи сеопфатно толкување на обврските на земјите-членки според Конвенцијата на ОН за правата на детето.

Оваа Конвенција, изготвена во 1989 година и ратификувана од 196 држави, ги утврдува универзалните права на децата како што се правото на живот, опстанок и развој, и правото на здравје. Општиот коментар дава правни насоки за тоа што имплицираат овие права за одредена тема или област на законодавството. Сега објавениот „Општ коментар бр. 26 за правата на децата и животната средина со посебен фокус на климатските промени“, експлицитно се однесува на климатската вонредна состојба, колапсот на биолошката разновидност и сеприсутното загадување, наведувајќи контрамерки за заштита на животот и животните перспективи на децата. Филип Жафе, член на Комитетот на Обединетите нации за правата на детето, вели:

„Децата низ светот водат борба против климатските промени, повикувајќи ги своите влади и корпорациите да преземат акција за заштита на планетата и нивната иднина. Со Општиот коментар бр. 26, Комитетот за правата на детето не само што го повторува и го засилува гласот на децата, туку и јасно ги дефинира нивните права во врска со животната средина, коишто државите-членки треба да ги почитуваат, заштитат и исполнат... колективно и итно!“

„Овој нов Општ коментар означува пресуден исчекор во признавањето дека секое дете на Земјата има право да живее во чиста, здрава и одржлива животна средина. Владите сега мора да преземат итна акција за решавање на глобалната еколошка криза со цел да им вдахнат живот на овие инспиративни зборови“, вели Дејвид Бојд, специјален известувач на ОН за човекови права и животна средина.

Општиот коментар бр. 26 прецизира дека државите се одговорни не само за заштита на правата на децата од непосредна штета, туку и за предвидливи прекршувања на нивните права во иднина, поради постапување или непостапување на државите денес. Освен тоа, се нагласува дека државите може да се повикаат на одговорност не само за еколошката штета што се случува во нивните граници, туку и за опасните влијанија на еколошката штета и климатските промени вон границите. Посебно внимание треба да се посвети на несразмерната штета со која се соочуваат децата во неповолни ситуации.

196-те држави кои ја ратификуваа Конвенцијата за правата на детето се повикуваат да преземат итни мерки, како и да организираат постапно исклучување на јагленот, нафтата и природниот гас и да се пренасочат кон обновливи извори на енергија, подобрување на квалитетот на воздухот и обезбедување пристап до чиста вода, трансформирајќи ги индустриското земјоделство и рибарството во производство на здрава и одржлива храна и заштита на биолошката разновидност.

Упатството наведува дека детските гледишта мора да се земат предвид при одлучувањето за животната средина и ја нагласува критичната улога на образованието за животната средина во подготовката на децата да преземат акција, да се заложат и да се заштитат од еколошка штета. Самиот Општ коментар бр. 26 е резултат на глобален и меѓугенерациски ангажман, вклучувајќи широки консултации со земјите-членки, меѓународните и регионалните организации, како што се субјектите и специјализираните тела на Обединетите нации, националните институции за човекови права, граѓанските организации и самите деца.

Џошуа Хоферт, извршен директор на Тер дезом (Terre des Hommes) Германија, вели: „Децата се најмалку одговорни за климатската криза, но најмногу страдаат од нејзините последици: секоја година 1,7 милиони деца на возраст до пет години го губат животот поради еколошка штета што може да се избегне. А сепак, децата и младите се недоволно застапени практично во сите процеси на носење одлуки за политиката за животна средина. Со Општиот коментар бр. 26, се обидовме да го промениме ова: со над 16.000 коментари од децата од 121 земја, ова беше еден од најсеопфатните процеси во кои учествуваат деца на ниво на ОН досега. Како Тер дезом, горди сме што го координиравме овој извонреден процес за Општиот коментар со Комитетот на ОН за правата на детето“.

Тер дезом (Terre des Hommes) — официјален партнер на Комитетот за изработката на Општиот коментар бр. 26 — водеше процес со чинители на повеќе нивоа, значително вклучувајќи ги и ангажирајќи ги децата преку онлајн-консултации околу обликувањето и содржината на текстот. Меѓународната организација за детски права координираше глобален Советодавен одбор од експерти и тим од 12 деца-советници на возраст од 11 до 17 години за поддршка на Комитетот. Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), како член на Советодавниот одбор, обезбеди дополнителна техничка експертиза и помогна да се соберат ставовите од децата низ светот како дел од процесот на консултации.

Едно од децата-советници, Анива, 17-годишна активистка за климата и детските права од островите во Пацификот, коментира: „За мене, Општиот коментар значи светска промена која е неопходна додека напредуваме во борбата против еколошките проблеми и преземаме глобална акција за да ја заштитиме нашата планета за нашата генерација и за генерациите што доаѓаат. Тоа ни дава нам, на децата, поцврста основа во меѓународното право да ги спроведуваме нашите права на здрава животна средина. На глобално ниво, гледаме поголема акција на луѓето за заштита на животната средина преку човековите права, а Општиот коментар 26 претставува важен дел од ова“.

Општиот коментар бр. 26 помага во толкувањето на заложбата на државите според Парискиот договор да ги почитуваат, унапредуваат и да ги земат предвид обврските за правата на децата кога преземаат активности за решавање на климатските промени. Исто така, јасно е дека мора да се направат проценки на влијанието врз детските права кај сите закони, политики и проекти, регулативи, буџетски или други одлуки поврзани со животната средина. Државите ќе мора периодично да поднесуваат извештаи до Комитетот на ОН за релевантниот напредок што го постигнале во заштитата на детските права на животна средина.

„Климатското финансирање и политичките одлуки и натаму ги занемаруваат потребите на децата“, рече Палома Ескудеро, специјален советник на УНИЦЕФ за застапување на правата на децата и климатска акција. „Ова мора да се промени. Општиот коментар претставува итен повик до земјите да им дадат приоритет на активностите во секој аспект од детството засегнат од климатските промени, како што се правото на детето на образование, на безбедна вода и здрава животна средина. Климатската криза е криза на правата на децата. Секоја влада има обврска да ги заштити правата на секое дете во секое ќоше од планетата, особено на оние момчиња и девојчиња кои живеат во земји што најмалку придонеле за овој проблем, но ги трпат најопасните поплави, суши, бури и жештини“.

#####

Белешки до уредниците:

До Општиот коментар бр. 26 може да се пристапи овде: https://www.ohchr.org/en/documents/general-comments-and-recommendations/general-comment-no-26-childrens-rights-and

Верзии на Општиот коментар бр. 26 приспособени за децата ќе бидат објавени на 18 септември 2023 година како дел од официјализирањето на Општиот коментар на претстојната седница на Комитетот во Женева, Швајцарија.

Повеќе информации за Општиот коментар бр. 26 може да се најдат на: childrightsenvironment.org

КОНТАКТ

За новинарски прашања:

Стефан Полман (раководител за односи со јавност, Тер дезом Германија)           
+49 541 7101 135 / s.pohlmann@tdh.de

Тес Инграм, УНИЦЕФ Њујорк, tingram@unicef.org +1 934 867 7867

За интервјуа:

Интервјуа на далечина со членовите од Детскиот советодавен тим (на возраст од 11 до 17 години од 12 земји) може да се договорат со контактирање на Кејти Рид, службеник за детски права на животна средина и учество (и фокусна точка за учество на децата околу Општиот коментар бр. 26) во Тер дезом Германија: k.reid@tdh.de. Исто така, на располагање се и портпаролите на Тер дезом и УНИЦЕФ. 

Интервјуа во живо може да се договорат и во Женева, Швајцарија, меѓу 15 и 19 септември 2023 година.

За Тер дезом (Terre des Hommes)

Меѓународната федерација Тер дезом (Terre des Hommes International Federation) е невладина организација која работи на правата на децата и рамноправниот развој со 730 проекти во 67 земји. Тер дезом се залага за политики засновани на права во сите области од животот на децата.

За повеќе информации, посетете ја terredeshommes.org

За ЦЕРИ (CERI – Children’s Environmental Rights Initiative)

Иницијативата за заштита на детските права на животна средина (ЦЕРИ) е коалиција под покровителство на специјалниот известувач на ОН за човекови права и животна средина, Дејвид Бојд. Таа ги обединува децата и младите, активистите, организациите за детски права, експертите, владините актери и креатори на политики од целиот свет, кои работат заедно на признавање и исполнување на основното право на децата на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина.

ЦЕРИ им овозможува на членовите на коалицијата да соработуваат при кревање на гласот на децата и младите што се најпогодени од еколошката штета и климатските промени, истовремено градејќи ги капацитетите на националните носители на одлуки за спроведување политика за животната средина со фокус врз децата и за поткрепеност со информации на новите стандарди и практики во мултилатералните процеси. Работата на коалицијата ја олеснува посветен секретаријат.

За повеќе информации, посетете ја: ceri-coalition.org.

Контакти за медиуми

Симона Ристоска
Тел: (02) 3231-200
Е- пошта: sristoska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.