Се чувствувам како да немав детство
Системот мора да им помогне на децата да ги надминат стравот и траумата – приказна на деветнаесетгодишно девојче за нејзиното искуство со институциите

Се чувствувам како да немав детство. Не си играв, немав играчки, си играв со кал во дворот. Немав време да учам бидејќи морав да чистам, да готвам, да перам уште од многу мала. Мајка ми ја немаше, а да беше татко ми родител, сѐ ќе беше различно.
Многу често сакав да има некој возрасен за да ме третираат подобро. Кога имав осум години, еднаш додека готвев, многу се изгорев. Сама отидов во болница. Се сеќавам во 4 одделение, многу сакав англиски и требаше една песна да научиме. Откако почнав да пеам со другите деца, наставничката не прекина и ми кажа - само мене - да не пеам затоа што ја расипувам песната. Во прва година средно, училиштето само ме отпиша затоа што јас не можев да одам. Морав да почнам да работам.
Дома ако не беше нешто направено татко ми ќе ме истепаше. Ден денес не можам да разберам зошто никој не сфаќаше дека тоа беше причината зошто со брат ми често бегавме од дома. Ние престојувавме кај еден другар на брат ми, а татко ми ме пријавуваше како изчезната и потоа доаѓаше заедно со полиција за да не вратат кај него.
Ни рекоа да дојдеме сите заедно во социјално.Таму социјалната работничка ме праша дали сакам да одам во дом, а јас не сакав бидејќи бев многу уплашена. Првите две недели со татко ми беше ок. Но алкохолот многу влијае и многу брзо сѐ се врати на старо, не тепаше и дури ја пцуеше мајка ми која веќе беше почината.
Пак ме повикаа во социјално. Ми објаснуваа дека ќе имам подобри услови ако одам во мал групен дом и дека таму ќе се грижат за мене. Прифатив но многу бев збунета и уплашена кога ми рекоа дека веднаш ќе ме однесат во домот. Брат ми почна да се тресе и плаче и само викаше не може да ја земете од мене. Плачевме заедно со брат ми и се качив во комбе.
Не знаев ни каде одам, никој не ми објасни ништо. Брат ми го оставија со татко ми. Не ни даваа да се гледаме 3 месеци од социјалното, ми рекоа дека мора така да биде. Ми рекоа и дека нема да можам да излегувам никаде сама 3 месеци - тоа било за да се адаптирам и бидејќи се плашеле да не избегам.
Едно време мислев дека е само сон, не верував дека сум во домот. Од една страна, не сакав да сум во дом, иако ми беше подобро. Сакав само еден роденден, да се шетаме со моите и брат ми во парк. Ме запишаа пак на училиште и почнав да полагам сѐ од ново, и направија да можам да ги следам часовите што беше подобро и за мене за да ме запознаат наставниците. Во куќата, многу ми помагаа воспитувачите да го совладам материјалот.
Ја немав секогаш поддршката од социјалната работничка кога ми беше најпотребна. Пред да излезам, никој не седна да разговара со мене, да ме спреми дека ќе излезам, да ми помогне да најдам работа. Освен наставниците во домот, не памтам некој да ме пофалил, а имав испуштено години на училиште и станував сѐ подобра во учењето. Како секое дете јас сакав да имам внимание, а не ми беше дадено.
Јас сама се снајдов, си најдов стан и работа, ама има деца што не можат да се снајдат. Треба само да ти помогнат од некаде да почнеш, па сам да си продолжиш. Сега се гледаме со брат ми, а и со братучед ми. Ама уште немам многу доверба во луѓето и доста сум несигурна. А сум пробала, си пишувам и позитивни пораки и некои други совети што ми ги дале, ама уште не ми помага тоа толку. Уште кога гледам деца со родители вртам глава. Одлучив дека нема да имам деца додека не сум сигурна дека можам да им обезбедам детство. Сакам и да почнам да учам англиски и да одам на факултет за да станам социјален работник за да им помогнам на деца како мене, да не им се случи истото.
Приказната е дел од кампањата “Јас сум повеќе од она што се случи“ која се спроведува во рамките на програмата „Правда за децата – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата“ финансирана од Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ за поддршка на реформските напори на Владата со цел да се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на сите деца кои доаѓаат во контакт со законот.