Само со баба ми се чувствував убаво и среќно
Системот треба да ја разбере и да ја залечи траумата што ја доживеало детето во судир со законот – приказна на седумнаесетгодишно момче во судир со законот

Некогаш седам во соба и ми иде да плачам. Се чувствувам лошо за сите овие работи што сум ги направил. Чувствувам и лутина и срам. Загрижен сум за мојата иднина и за тоа дали ќе имам иста судбина како татко ми.
Од раното детство не памтам многу... Не знам како да се сетам. Пред очи ми излегуваат само караниците на моите и модриците на лицето. Не ни памтам некоја убава случка од дома... само проблеми и расправии. Мајка ми и татко ми постојано беа во некоја кавга. Јас пробував да ги спречам да не се расправаат, да не се тепаат, ама мене генерално никој за ништо не ме слушаше.
Ако некој се грижеше за мене, тоа беше баба ми. Многу ме сакаше и пробуваше да ме тргне од дома. Кога бев многу мал често ме шеташе во парк или ќе ме однесеше кај лулашките. Само со баба ми се чувствував убаво и среќно. Кога ќе се вратевме дома, ќе ми направеше нешто убаво за јадење.
Aма од дома, реално, јас не памтам некоја убава случка. Само знам дека кога татко ми подолго време не беше дома, тоа значеше дека е во затвор. И така почнав да одам по лошиот пат, по погрешниот. Со децата од училиште влеговме во лошо друштво и почнавме да правиме големи проблеми. Во тој период татко ми беше во затвор.
Кога имав 11 години мајка ми ме однесе во дом. Ми рече привремено ќе бидеш тука, но важно е да учиш, да бидеш добар и да не правиш проблеми. Тоа ни е последниот разговор кој го направивме. Потоа стигнавме во домот, мајка ми потпиша да останам и си замина. Она што го знам е дека со неа ја зема сестра ми, помалата, и толку. Од тогаш за нив не знам ништо. Се трудам да ја разберам, изгледа тешко ѝ беше да се справи со мене и со проблемите. Немам контакт со роднините од страната на мајка ми. Искрено, мислам дека ми се лути, ама не знам...
По некое време, од првиот дом ме преместија во друг и кога излегов прво што направив – си ги побарав другарите од училиште. И продолживме во иста насока. Кражби, разбојништва. Обивавме по куќи. Брзо и лесно доаѓавме до многу пари и тоа го сакавме. Освен разбојништва, пари сме земале од луѓе на улица, па дури и од службени лица. Биравме темни улици, ќе се соберевме екипа, 5-6 души и ќе го нападневме човекот за да му ги земеме парите.
Пред да дојдам тука, извесен период бев во ДП Охрид. Ми стигна известување од судот да се пријавам таму. Условите не беа како тука, повеќе личеа на затворски. Јадеш, половина час шеташ и потоа те затвораат во соба. По некое време ме префрлија тука, во домот.
Тука учиме. Јас сум на повисоко ниво, изучувам 10 предмети. Најмногу сакам да цртам и да пишувам. А потоа имаме време и за спортски активности, па играме фудбал, баскет.
Се каам за тоа што го правев, ама нема шанси пак да се повтори. Иако понекогаш се грижам за иднината, кога ќе си одам од ова место ќе гледам да си створам нов живот, да си работам легално, да си створам фамилија. Не сакам да ме гледаат како криминалец. Сакам да го завршам образованието и да имам нормален живот. Она што како дете не сум го имал – да бидам родител кој работи пристојна работа.
Приказната е дел од кампањата “Јас сум повеќе од она што се случи“ која се спроведува во рамките на програмата „Правда за децата – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата“ финансирана од Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ за поддршка на реформските напори на Владата со цел да се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на сите деца кои доаѓаат во контакт со законот.