Знам дека има повеќе позитивни работи во кои сум добар
Приказна на осумнаесетгодишно момче сместено во Воспитно поправниот дом во Тетово

Јас сум син единец, немам ни браќа ни сестри. Мајка ми и татко ми се трудеа околу мене, ама пораснав во семејство што не беше стабилно.
Кога почнаа да се караат, се разделуваа на кратко и пак ќе се смиреа. Мајка ми често спомнуваше дека сака да се разведе од татко ми и дека ќе си оди, ама на крајот остануваа заедно заради мене. Кога ќе се разделеа, сеедно ми беше дали ќе останам со мајка ми или со татко ми, и со двајцата бев некако исто близок, ама ми беше криво да бидат разделени и кога не беа заедно ми беше потешко.
Од најраното детство многу работи имам заборавено. Она што го памтам, е дека тетка ми ми купи еден велосипед, и јас многу сакав да го возам. Ама еден ден го оставив на улица и мајка ми се налути и ми го искрши. Кога ќе ми искршеа некоја играчка, за тоа им бев многу многу лут.
Следно што памтам, отидовме во Црна Гора, таму и го започнав училиштето. Татко ми веќе работеше таму, па по некое време му се придруживме и јас и мајка ми. На почетокот супер ми беше во школо, бев одличен ученик, ама некаде на 13, 14 години влегов во лошо друштво и почнав со глупости. Пет, шест другари бевме… Прво, пробај цигара, па пробај ова, она, и така забегав, излегов од колосек.
Не знам зошто почнав да крадам. Сега знам дека тоа беше голема грешка. Имавме повеќе кражби, претежно лесни, од типот, ќе земевме коли да се повозиме, па ги остававме, не ги продававме, повеќе ни беше за забава. Не мислевме многу. Ни беше досадно и тоа го правевме за забава. Глупаво беше – сега знам. И жал ми е што го правев тоа.
Во тој период и мајка ми се разболе, татко ми многу работеше, а нивните караници беа секојдневие. Факторот финансии беше само една од причините, ама просто кажано, не се согласуваа. Ми беше тешко да се справам со тоа и ми требаше да излезам од таа ситуација.И така, јас се свртев на една страна, а тие на друга. Од целата ситуација јас не бев во состојба да застанам да размислам што правам, што ќе се случи за една, две или три години. Ништо од тоа јас не сфаќав сериозно, само ќе излезев од дома, едноставно за да ми помине денот.
Уште додека бевме во Црна Гора, од Центарот за социјални работи ми изрекоа мерка засилен надзор од страна на социјален работник. И морав постојано, на две недели да се јавувам во центарот за проверка. Бев седмо одделение кога се вративме назад дома. Мојот социјален работник се поврза со Центарот за социјални работи во мојот роден град и мерките ги пренесоа од една во друга земја. Ми доделија социјален работник и требаше да продолжам да се јавувам. Мојот нов социјален работник ми кажа дека морам да се придржувам до оваа мерка, во спротивно ќе следи мерка упатување во воспитно-поправен дом. Не знам зошто не се придржував до тоа. Јас тоа не го сфатив сериозно и продолжив по истиот пат.
Од Центарот ме опоменуваа неколку пати, а бидејќи не ми доаѓаше памет, ми изрекоа мерка да се пријавам во воспитно-поправниот дом во Охрид. Таму бев кратко, оваа институција каде што сум сега уште не беше отворена. 16 дена бев во карантин поради состојбата со Ковидот. Ме сместија во ќелија со четири железни ѕида, без прозорец и со 22 решетки што секој ден ги броев додека чекав да излезам.
После карантинот ме префрлија во соба, во група со други деца. Таму бев само три дена, и потоа нè префрлија во Воспитно-поправниот дом во Тетово.Тука учиме со наставниците, имам 10 предмети и училиштето добро ми оди. Спортуваме исто така, најмногу играме фудбал и кошарка. Надвор од училишните активности, се грижиме за дворот и градината. Садиме дрвја, цвеќе, но и компири и кромид. Во слободно време ги потшишувам децата во домов.
Еден другар, тука во домов, ме слушна дека си фристајлувам во соба, си пеев, си рапував сам, и предложи да направиме песна. Ни овозможија просторија и лап-топ и сè што ни беше потребно. Многу ни значеше дека имаа доверба во нас и се трудевме да направиме нешто добро. Наша е композицијата и текстот заедно го напишавме. Знаете, рапот мора да има рима. И излезе добро, песната ни стана хит во домов. Песната е за животот во домов – ја направивме за да покажеме благодарност за поддршката што ја добиваме од воспитувачите и полицајците.
Како созревам животот го гледам малку поинаку и размислувам за последиците. Се прашувам каков ќе беше мојот живот да добиев поддршка кога бев помал – дали ќе појдев по овој пат. Така е како што е, но јас научив дека треба да станам одговорен за мојата иднина.
Научив да ценам работи, а што е најважно од сѐ, научив да се ценам себеси. Неодамна имав можност да бидам дел од проекти заедно со други млади надвор од овој дом и тоа ми помогна малку повеќе да се вклучам во општеството. Бев на неколку семинари и, што е најважно, запознав многу нови пријатели.
Научив да верувам во себе и знам дека има малку повеќе работи во кои сум добар. Ќе ми треба уште многу поддршка, но имам надеж за мојата иднина.
Приказната е дел од кампањата “Јас сум повеќе од она што се случи“ која се спроведува во рамките на програмата „Правда за децата – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата“ финансирана од Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ за поддршка на реформските напори на Владата со цел да се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на сите деца кои доаѓаат во контакт со законот.