Никогаш не сум имал свој дом
Системот треба да им помогне на децата да растат во безбедно семејство полно со љубов – приказна на седумнаесетгодишно момче во судир со законот
Мајка ми и татко ми не ги памтам многу, така како низ магла. Некогаш ќе кажам мајка ми, а мислам на баба ми, или ќе кажам татко ми, а зборувам за чичко ми, затоа што по смртта на моите тие се грижеле за мене. А јас сум имал само три години кога сум останал без родители.
Додека растев, живеев кај чичко ми со неговата фамилија. Беше сиромашен и не можеше многу да ни даде, па секој си беше на своја страна. Ни за јадење не се собиравме заедно. Најубавото нешто што го паметам се љуљашките и Луна паркот; се лизгавме на лизгалките, возевме колички и јадевме сончоглед. Помал бев и не знаев да јадам семки како што треба и ги јадев цели сосе лушпа.
Кога дојде време да одам на училиште, знам баба ми и дедо ми ќе ме однесеа, а јас ќе избегав од часови. Ќе ме најдеа во паркот - знаеја дека се вртам таму - ќе ме земеа и ќе ме вратеа на училиште кај наставничката. Не знам ни да објаснам зошто бегав, само паметам дека цело време се плашев од нешто.
Како растев, улицата сè повеќе ме влечеше, зашто реално јас никогаш не сум имал свој дом. Многу мал за прв пат пробав марихуана. Голема грешка беше тоа, ама како другарите, така и јас.
Следно, влеговме во друштвото на криминалните групи и од нив учевме занает, прво ги гледавме како крадат, потоа тие нè учеа нас како. Имав само 8 години кога почнав. Најмногу крадевме злато. Научивме дека кога крадеш, треба да знаеш како да се приближиш одзади, пополека, и да пазиш да не те забележат, па ќе повлечеш внимателно, ќе го скинеш ланчето и трчаш да не те фатат. Сме обивале и по куќи за да крадеме злато и пари.
Подоцна почнавме да крадеме коли. Ќе украдевме кола и ќе ја однесевме во паркот, ќе ја дигнеа колата и ќе ја однесеа. А нам, за завршената работа, ќе ни дадеа пари. Ние одработувавме, тие нè плаќаа, ама и нè учеа дека парите се кај туристите. Ние немаме образование, не ги разбиравме што зборуваат, ама знаевме дека ако не ги разбираме, значи дека треба да целиме кон нив.
Веќе на 10 години прв пат ме однесоа во дом. Прво во еден дом, потоа во друг, ама јас бегав и од едниот и од другиот. Често спиевме надвор на улица, на клупа. Во тој период често имав и кризи. Последно што украдов беше месо од месарница затоа што немав што да јадам.
За моиве 17 години сè сум прошол. Не знам уште колку ќе седам во домов и дали ќе ме сместат на друго место, ама кога ќе излезам не сакам да бидам на улица. Кога си надвор спиеш со едно око отворено, стравот и стресот демнат на секој чекор.
Тука, во домов учиме, се дружиме, играме кошарка, фудбал, пинг-понг. Гледаме и филмови. Не може вечно да останам тука, знам дека еден ден ќе излезам од овде Вреден сум и од работа не се плашам и си замислувам и посакувам да го продолжам она што го работел мојот татко, да добијам печат за да може да сечам дрва. Од тоа не се заработува многу, ама и скромно нека е, важно да е мое.
Приказната е дел од кампањата “Јас сум повеќе од она што се случи“ која се спроведува во рамките на програмата „Правда за децата – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата“ финансирана од Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ за поддршка на реформските напори на Владата со цел да се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на сите деца кои доаѓаат во контакт со законот.