Само-грижа за родители

Ги прашавме експертите за ментално здравје со деца како тие се грижат за сопствената добросостојба.

UNICEF
Parents self care
UNICEF/UN0465993/Pancic
16 Август 2023

Да се биде родител е тешко. Тоа е работа со полно работно време и многу родители сметаат дека приоритет треба да биде добросостојбата на нивното семејство пред сопствената добросостојба.

Кога сме способни да ги задоволиме нашите сопствени психички и физички потреби, тоа не само што има корист за нашата добросостојба, туку и за нашите деца.

Но, како да го оствариме тоа? Прашавме тројца експерти за ментално здравје, кои се истовремено и родители, како го прават тоа?

Слушнете од д-р Лиза Дамур, Сонали Гупта и д-р Хина Талиб за тоа како тие даваат приоритет на грижата за себе, активностите што ги практикуваат и придобивките кои ги гледаат за нивните семејства.

Ако сè уште не сте почнале, тогаш сега е секогаш добро време да си дадете простор за грижа за себе.

Сонали Гупта

Што научивте за грижата за себе како родител?

ЛизаЧестопати мислам дека родителите претпоставуваат дека одвојувањето време за себе подразбира одвојување време од своите деца. Но, ова не е вистина. Кога се грижиме за себе, подобро можеме да се грижиме и за нашите деца. И грижата за себе им ја нагласува и на нашите деца важноста на самогрижа, истовремено покажувајќи им како се прави тоа.

Хина: Грижата за себе е нешто што може да се направи со одвојување неколку минути од време на време, тоа е како навика за која треба малку труд да се создаде, но потоа е секогаш тука со вас. Но, грижата за себе може да значи и барање помош кога таа ви е потребна дома, на работа, од семејството, а понекогаш и од терапевти или други лекари за ментално здравје.

Сонали: Ако сè уште не сте почнале, тогаш „сега“ е секогаш добро време да си дадете простор за грижа за себе. Тоа е голем чекор кон сочувствување со самата себе и градење издржливост. Бидете нежни кон себе и со другите кога го започнувате „патувањето“ на грижа повеќе за себе. Претворањето мали практики во ритуали бара време, но во исто време тоа е и инвестиција за нашата ментална добросостојба.

Како вие лично практикувате грижа за себе?

Сонали: Времето што го издвојувам за себе е она што го нарекувам мои „Ритуали на пауза“ – свесна пауза во денот проследена со ритуали со кои сами си давате утеха и смирување на физичко, ментално и социјално ниво. Овој термин го смислив откако пред десетина години доживеав крајна исцрпеност (burnout). Клучот е да се фокусирате на само една работа кога се впуштате во овие практики на себе-смирување и да ја вметнете во денот, дури и ако е само 10 минути во многу напорен ден. Одам сама на прошетка, во одредено време, секој ден, медитирам и слушам смирувачки звуци наутро, одвојувам 15 минути (и повеќе ако можам) за дремка која ќе ми даде сила, и поминувам време читајќи книги. Посветување време за забава и игра е исто така нешто што го гледам како грижа за себе. Како терапевт и родител, моите ритуали на пауза ми беа мојот свет простор.

Хина: Како што стареам, се навраќам на овие основни животни состојки за сопствената добросостојба: движење на телото, дишење, доволно спиење, спуштање на телефонот и јадење повеќе овошје и зеленчук. Кога чувствувам дека моето ментално здравје е силно, сфаќам дека ги правам точно овие работи. Секогаш кога доживувам влошување на моето ментално здравје, гледам да правам повеќе од овие работи. Се разбира, кога имам време, сакам да додадам и истегнување, јога или едноставно разговор со моите родители, другите членови на семејството и пријателите. Ме смирува и само неколку минути слушање на нивните гласови и споделување на моите мисли.

Лиза: Како психолог знам дека спиењето неизмерно важно за човекот, па затоа се трудам да ја зачувам мојата способност брзо да заспивам и да спијам преку ноќта. За да си помогнам побрзо да заспијам, се обидувам да ги забавам работите навечер. Како и многу други, открив дека е речиси невозможно да заспијам набргу откако сум имала некаков изискателен ангажман. За да си помогнам да спијам преку ноќта, се трудам редовно да вежбам и да дишам многу свеж воздух, активности што сум сфатила дека ми помагаат да го одржам сонот навечер.

Мислите секогаш ми се разбиструваат кога ќе го оставам мојот ум да талка каде и да треба.

Др. Лиса Дамур

Како наоѓате време за само-грижа?

 

ХинаВремето за грижа за себе ми е недостапно - буквално го испуштам додека трчам наоколу грижејќи се за моите две мали деца и завршувајќи ги задачите од мојата секојдневна работа. Секогаш се чувствувам како да сум на должност. Јас давам приоритет на грижата за себе со тоа што ќе ја вклучувам во рутината со моите деца и на работа. Кога ги мијам забите, вежбам полна свесност (mindfulness), додека готвам, разговарам со моето семејство или пријателите, за време на спиењето со децата, вежбам неколку пози на јога. Често дишам длабоко на работа помеѓу состаноци и се обидувам да го оставам телефонот кога ќе заврши денот, но ова ми е тешко.

ЛизаЕдно нешто што навистина ми помогна како мајка е максимално да го искористам за себе периодот на мир во куќа. Во минатото слушав музика или разговарав со пријателите на телефон додека диплев алишта или правев вечера, но со тек на време ја сфатив убавината на извршување едноставни задачи во тишина, особено кога чувствувам дека мојот ум е натрупан. Сфаќам дека можам да размислувам за работите што ми тежат и да дојдам до креативни решенија за предизвиците со кои се соочувам. Моите мисли се секогаш побистри кога ја користам можноста да му дозволам на умот да заталка каде и да треба.

СоналиСе научив да гледам на грижата за себе како на активност на која ѝ треба секојдневно внимание. Во деновите кога немам време за грижа за себе, се чувствувам преоптоварено, нервозно и анксиозно. Моето семејство и јас избравме отворено да зборуваме за чувствата што ги доживуваме, како на пример кога се чувствуваме преоптоварено и психички уморно. Со текот на годините, сите ние, вклучително и мојот сопруг и ќерка ми, разговаравме едни со други за тоа како грижата за себе и одвојувањето малку време за себе, ни овозможува да се чувствуваме приземјено и спокојно.

Ако не ставам приоритет на сопственото ментално здравје и добросостојба, не се прикажувам во најдобро светло како родител.

Др. Хина Талиб

Како вашето семејство има корист од вашата грижа за себе?

 

Лиза: Кога сум добро одморена и умот ми е бистар, многу сум потрпелива со моите деца и многу позабавна за друштво. По добар сон, имам енергија да играм, да организирам „забава со танцување во кујната“ или да смислам други начини како да уживам во друштвото на моите ќерки. И кога не сум расеана од сопствените грижи, многу подобро можам да се фокусирам на моите девојки и на она што им треба од мене.

Сонали: Нашите практики на грижа за себе помогнаа да се продлабочи отпорноста на моето семејство. Грижата за себе носи чувство на смиреност и оваа смиреност може да биде исто така заразна, што ни помага во тешките моменти. Грижата за себе ни помогна да го почитуваме личниот простор на другиот, различните потреби, а во исто време да изградиме простор за меѓусебно сочувство и емпатија.

Хина: Некои од миговите на најголема гордост како родител е кога ќе ги видам моите мали деца како длабоко земаат воздух за да се смират доколку се вознемирени - нешто што често ме гледале како го правам пред нив. Многу сакам кога ме поттикнуваат да вежбам јога пред спиење или кога самите почнуваат да ги прават вежбите. Научив дека ако не му дадам приоритет на сопственото ментално здравје и добросостојба, не се прикажувам во најдобро светло како родител.

 

За експертите

Др. Лиза Дамур (@lisa.damour) е психолог, авторка, соработничка на Њујорк Тајмс и мајка на две деца.

Сонали Гупта (@mentalhealthwithsonali) е клинички психолог, терапевтка, авторка, колумнистка и мајка на ќерка- тинејџерка. 

Др. Хина Талиб (@teenhealthdoc) е педијатар и специјалистка по медицина за адолесценти, писателка и мајка на две деца.