Програмата за инклузивно образование дава резултати и за ромските девојчиња

Наставниците во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари во Скопје го прифаќаат духот на инклузивното образование, што сега ефективно им помага да се погрижат сите деца да одат на училиште и добро да учат.

UNICEF MK
Девојче чита на час во основното училиште Браќа Рамиз и Хамид во Шуто Оризари во Скопје
UNICEF/2016/Dimishkovski
18 Јули 2018

Прв ден од есента е и една наставничка на третоодделенци во основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Скопје донесла кошница полна со сезонски зеленчук и овошје, заедно со малку грицки. Таа ја става кошницата сред училницата и ги поканува учениците да дојдат и да изберат производ што им се допаѓа.

Фатиме го „крши мразот“ во доста срамежливата група деца. Таа го избира морковот. Тој ѝ е омилен, вели. Потоа, истапува уште едно дете, па уште едно, сè додека кошницата не е речиси празна. На изненадување на наставничката, повеќето деца им дадоа предност на овошјето и зеленчукот пред не толку здравите грицки. Јасно е — лекцијата за важноста на јадење здрава храна е веќе добро научена!

Децата се среќни. Наставничката се смешка. Таа е особено горда на Фатиме, девојчето што имаше храброст да го направи првиот избор. Пред една година, Фатиме никогаш не би учествувала во активноста, а камоли да биде првото дете како пример за другите.

Деца бираат еден прехранбен производ од кошница за време на час во училиштето Браќа Рамиз и Хамид во Шуто Оризари во Скопје
UNICEF/2016/Dimishkovski

„Фатиме имаше тешкотии со вниманието. Често ќе станеше без очигледна причина, или нагло ќе се свртеше настрана кога зборувавте со неа. Таа се мачеше со читањето и пишувањето“, вели Сузана Петровска, одделенскиот наставник.

Откако беше обучена како дел од програмата за инклузивно образование поддржана од УНИЦЕФ, Снежана и нејзините колеги знаат дека сите деца — без оглед на способноста или социо-економското потекло — можат да учат и дека на сите деца им треба поддршка. Тие сфатија дека ист приод кон сите не дава резултати. Додека на некои деца со попреченост им треба поголема поддршка, за други, како Фатиме, потребна беше само почеста поддршка „еден-на-еден“ по математика и читање.

Учителката Сузана дава инструкции на девојче седнато во училишна клупа за време на час во училиштетот Браќа Рамиз и Хамид во Шуто Оризари во Скопје
UNICEF/2016/Dimishkovski

„Научивме многу за инклузивното образование и има уште многу да се научи. Работиме во заедница со висок степен на сиромаштија и ниски стапки на писменост меѓу родителите. Многу од децата ја немаат поддршката што им треба дома“, објаснува Валентина Златановска, педагогот на училиштето. „Инклузивното образование нè учи како да создаваме индивидуализирана образовна програма. Фатиме е една од 230-те деца за кои Инклузивниот тим во училиштето изработи таква програма и нејзиниот напредок е повеќе од охрабрувачки.“

Програмата за инклузивно образование поддржана од УНИЦЕФ е воведена во 2012 година како пилот-иницијатива во 12 училишта, заради градење на капацитетите на училиштата за поддршка на инклузијата на сите деца, вклучувајќи ги и децата со попреченост и децата со други посебни образовни потреби. Од започнувањето, програмата се прошири во 20 училишта, од кои седум во ромските заедници што се поддржани од Австриската агенција за развој.