Онлајн-настава: Предизвик за постигнување подобри резултати во учењето

Младите репортери на УНИЦЕФ ги споделуваат нивните лични искуства и совети како да се надминат некои од предизвиците на онлајн учењето и да се постигнат подобри резултати

Мариа Митрикеска (15), Бранислав Максимовски (16), Дориса Земон (16), Ева Пецалевска (15)
Adolescent boy in bed following an online class on his laptop
UNICEF/UNI313124/Adelson
13 Ноември 2020

Никој од нас не очекуваше дека училниците ќе ги замениме со онлајн-платформи, дека ќе правиме тестови од дома или дека нема да го слушаме училишното ѕвонче. Онлајн-наставата е предизвик за сите директно вклучени во овој процес. Особено за нас учениците. Секој од нас на различен начин ја искусува транзицијата од учење во училиште кон онлајн-настава.

Како млади репортери на УНИЦЕФ сакаме да ги споделиме нашите лични искуства и совети како да надминеме некои од предизвиците и што можеме да направиме во овие несигурни времиња за да постигнеме подобри резултати во учењето.

 

СОВЕТИ ОД МАРИА ЗА ПОГОЛЕМА ЕФЕКТИВНОСТ ПРИ ОНЛАЈН-УЧЕЊЕТО  

Соочувањето со преминот кон онлајн-настава кај некои од нас предизвика чувство на несигурност. Но, несигурноста можеме да ја преобразиме во амбиција. Еве неколку решенија што ми помогнаа мене, како млада ученичка, за подобрување на онлајн-учењето.

Добро организиран простор за учење: Учење на кревет со „грицки“ до мене и вклучен телевизор во заднина звучи примамливо, но искусив дека е непродуктивно. Многу поефикасни резултати во учењето постигнав кога си креирав простор во кој има помалку работи што ми го одвлекуваат вниманието. Добро организиран простор за мене значи работна маса на која ми стои лаптопот, учебниците, мојот рачен часовник, бидејќи доколку го вклучам мобилниот да видам колку е часот, ќе ми го одвлече вниманието и, секако, добро осветлување. На овој начин, забележав дека имам поголема концентрација, побрзо помнам информации и истовремено сум исполнета со позитивна енергија. Па, така, наместо да се нервирам при учењето и лесно да губам концентрација, јас си го организирам просторот најдобро што можам.

Соработка: Најдобро учам во група со дел од моите соученици. Учењето во друштво за мене има многу бенефити, се мотивираме меѓусебно, споделуваме различни мислења и учиме едни од други. Можноста да ги прашам соучениците доколку имам нејаснотии и меѓусебната дискусија ми помага подобро да се запознам со материјалот. Затоа правиме онлајн-групи во кои можеме да соработуваме, а воедно и да се забавуваме. И најважно од сѐ остануваме во контакт.

Експериментирај и пронајди што најмногу ти одговара: Некои од нас подобро учат наутро, други пак навечер, некои практикуваат визуелно учење со мали белешки на страна, а други пак подобро учат по слух. Откако пронајдов што ми одговара мене најмногу тоа ми помогна да стигнам до мојот максимален потенцијал. Одвојувам два часа за учење во мојот работен простор, сосем сконцентрирана на она што не ми е јасно и го читам неколку пати додека не почне да ми се разјаснува, а потоа откако ќе завршам со читање, без исклучок, секојпат си пуштам некое видео на Јутјуб во врска со проблематиката. Но, мислам дека најбитно од сѐ е тоа што мојот мобилен телефон е исклучен и на тој начин не ми го одзема вниманието. Мене токму ова ми помага моите оценки драстично да се подобат и подобро да го сфатам материјалот што го учиме. И најдобро од сѐ е што сето ова го постигнувам за многу помалку време отколку што ми беше потребно порано.

Активирај се за време на наставните часови: Исто како во училница, така и за време на онлајн-часовите најзначајно е да се биде активен за да се стекнат нови знаења и добри оценки. Активноста ни помага подобро да го запознаеме материјалот, стануваме позаинтересирани, градиме поголема самодоверба и побрзо учиме. Од моето лично искуство, секогаш кога сум поактивна во текот на наставниот час чувствувам разлика: сѐ повеќе поставувам прашања и сѐ повеќе ме интересира она што го учиме. Кога нешто не ми е јасно најпрво ги прашувам наставниците, а потоа и другите ученици. Не можеме да ја споредуваме онлајн-наставата со наставата во училница, но со помошта од наставниците и соучениците многу сме поблизу до стекнувањето нови знаења.

Ова се само некои од моите совети што мене ми помагаат за поефикасно онлајн-учење. Се надевам дека ќе инспирираат други да споделат свои идеи и да го преобразиме ова несигурно време во време кога заедно ги подобруваме нештата.                                                           

СО МОТИВАЦИЈА ДО ИЗВОНРЕДНОСТ

Овој период ни дојде неочекувано, но со зголемена мотивација и јасни цели, сепак можеме да имаме и придобивки. Редуцираното времетраење на часовите нѐ предизвика да посветиме повеќе време на самостојното учење. Се разбира, ова не е лесен метод на учење, но ни помага да се изградиме како личности и придонесува кон нашиот личен развој. Учиме да бидеме снаодливи и самостојни. Стануваме свесни за последиците од нашите постапки. Овој метод на самостојно совладување на материјалот нѐ учи да истражуваме, подобро да комуницираме со наставниците, да градиме сопствени мислења и ставови за нештата околу нас. Принудени сме да користиме различни извори, како енциклопедии, стручни материјали и дополнителна литература, видеа, тестови и квизови што се лесно достапни на интернет.

Оваа неочекувана ситуација нѐ принуди и да развиеме некои лични техники за подобро учење и постигнување поголем успех во учењето. Најмногу од сѐ, нѐ научи да го пронајдеме доброто и во лошо време, да ја постигнеме целта и со гордост да кажеме дека сме успеале!