Игра, игра и само игра!
Претворете ги секојдневните навики во забавни разиграни моменти на учење и развивање на мозокот.

Во првите 1.000 дена од животот (првите 3 години), мозокот на вашето дете се развива побргу отколку во кое било друго време. Уште поневеројатно е тоа што може да го потпомогнете развојот на мозокот дури и пред детето да прозбори.
Како? Преку „сервирај и врати“!
>>Гледајте: Развивање на мозокот кај бебињата преку игра: мини-магистратура за родителство
Со помош на нашите пријатели од Центарот за дете во развој на Универзитетот Харвард и Фондацијата ЛЕГО, ќе ви покажеме како да се ангажирате со детето на начин што ќе помогне да создаде важни врски и притоа да се забавува.
Што претставува „сервирај и врати“?
„Сервирај и врати“ претставува низа од взаемни интеракции меѓу детето и родителот или примарниот старател, при што возрасниот реагира со љубов и соодветно на звуците и гестовите на бебето или детенцето. Сфатете го тоа како тенис: префрлање на топчето напред-назад и...забавување!
Најважно е да му покажувате на детето дека го сакате и дека реагирате на неговите потреби, емоции и нешта што го возбудуваат, така што ќе му обрнувате внимание!
Како да вежбам „сервирај и врати“ со моето дете?
Поттикнувањето на развојот на мозокот кај вашето бебе не треба да биде нешто комплицирано, а би било уште подобро тоа да се вклопи во секојдневните навики и моменти. Секој момент со бебенцето може да се претвори во игрива можност за учење!
Еве неколку лесни начини да започнете со внесување „сервирај и врати“ во секојдневните интеракции со вашето малечко.
Именување

Внесете забава во утринската рутина! Облекувањето на детето е одлична можност тоа да открие важни јазични врски. Кога кај него ќе забележите интерес за облеката што му ја облекувате, именувајте ја. На пример, додека ја држите маицата, кажете „да, ова е твојата маица!“ Продолжете така што ќе ги наведете спецификите: „Каква боја има маицава? Сина боја!“
Јадење и забавување!

Истражувајте ја кујната со вашето дете – таа е полна со возбудливи глетки, бои, форми и мириси што вашето бебе може да ги истражува. Поддржете ја и поттикнете ја љубопитноста кај него така што ќе внимавате каде гледа, што го интересира и на што реагира. На пример, ако забележите дека вашето бебе е загледано во банана, земете ја и приближете му ја, кажувајќи му што е, каква е на допир, каква боја е. Уважувањето на интересите на вашето бебе ќе му даде чувство дека го разбирате и го сакате.
Играње при капење

Земете играчки за капење или топка и подгответе се за игра! Вашето бебе нека избере играчка што најмногу го привлекува. Играјте со него напред-назад, а кога ќе биде готово да се префрли на следната играчка, означете го крајот на играта со првата играчка, велејќи „завршивме!“. Малите деца се поподготвени од бебињата да бидат предводници во играта што ќе ја следат возрасните. Посочувањето на почетокот и крајот, обрнувањето внимание на она што го прави и допуштањето детенцето да преземе водечка улога, ќе му даде чувство на поддршка при учењето и истражувањето.
Покажи и научи

Кога излегувате надвор може да видите многу нешта, без оглед дали сте во автомобил или шетате во околината. Обрнете внимание на она што се чини дека го интересира вашето бебе од неговите гестови, погледи или звуци и покажете кон нештото додека му кажувате на бебето што е тоа: „О, ја гледаш птицата? Колку убава птица!“ Ова ќе му покаже на вашето дете дека се грижите за неговите интереси и ќе го поттикне да го истражува светот околу себе.
Трампа со храна

Кога го храните бебето, менувајте се наизменично. Дајте му едно залче, а другото нека го земе само. Дури и ако потрае, почекајте вашето дете да изреагира. Наизменичното хранење му ги гради самодовербата и социјалните вештини. Ова е одлична игра за бебиња од 6 месеци и поголеми.
Секојдневно одвојувајќи време за ваквите взаемни интеракции , вие го подготвувате вашето бебе поставувајќи ги темелите за целоживотно учење и решавање проблеми. Кој знаел дека развивањето на мозокот е толку забавно?!
Статија од Менди Рич, автор на дигитални содржини, УНИЦЕФ