Дете или маж
Од Владимир Бислимовски, тим лидер од Отворена Порта Ла Страда
- English
- Македонски
Еден од теренските работници поддржани од УНИЦЕФ се сеќава на утрото кога бреговите на иронично именуваната „Сува река“ беа преплавени — најтешкиот момент кога требаше да го придружува 15-годишниот Сариф за да ги идентификува телата на две жени и еден маж кои се удавија во обид да ја преминат границата близу Гевгелија. Тој е еден од десетте теренски работници кои ги споделија своите најтешки или највредни моменти во заштитата на децата-бегалци и мигранти од средината на јуни 2015 до денес.
Започна мојата смена. Само што се приближив до мостот пред транзитниот центар, забележав дека реката е разулавена. Никогаш претходно ја немав видено како тече, како што тоа беше случај тој ден, со огромна сила што и ја даваа неколкудневните дождови. Забележав гужва на брегот. Полиција, доктори, луге. Знаев за што се работи, бидејќи имав информации што се случува во транзитниот центар. Две женски тела и едно машко. Луѓе што утрината се удавиле обидувајќи се да ја преминат реката и да ја бараат својата среќа во Европа.
Полицајците ми кажаа — донесете го детето да ги препознае. Се вратив и го земав детето од кампот што исто така безмалку ќе се удавело утрината, заедно со нив. Одејќи кон местото не кажа ниту збор. Ги погледна мртвите тела и рече: тоа се моите сестри и мојот зет. Веднаш се вративме. По патот назад ми рече: не ѝ кажувајте на мајка ми, ако дознае, веднаш ќе умре. Детето потоа се задржа во кампот подолг период и за цело тоа време, ништо не им кажа на неговата мајка и неговите две сестри за случката.
Се чудев и се прашував себеси каква сила има ова 15 годишно момче да биде маж, маж што треба да понесе таков товар на свои 15 години. По околу 15 дена, во кампот дојде неговиот вујко од Германија. Тој таму живее 30 години и тогаш за прв пат лично го погледна ова момче на влезот од кампот. Заплака на сиот глас. Тоа беше плач што и ден денес ми звони во ушите — плач на маж што плаче на сиот глас.
Сариф е веќе во Германија. Неговото семејство сега знае за случката. Ми велеше дека сака да го доврши школувањето и да студира. Му посакувам среќа на ова дете — маж.
Бегалско-мигрантската криза во Европа зафати многу земји, вклучувајќи ја и поранешната југословенска Република Македонија. Во периодот меѓу јуни 2015 и март 2016 година, околу 800,000 лица транзитирале низ земјата. Кога во март 2016 година се затвори балканската рута, 68 отсто од луѓето во движење беа жени и деца. Во моментов, над 200 лица, од кои половина се деца, и натаму остануваат заглавени во транзитните центри.
Одговорот на УНИЦЕФ е великодушно поддржан од страна на Одделот за хуманитарна помош и цивилна заштита (ECHO) на Европската комисија, владите на Јапонија, Германија и Велика Британија, националните комитети на УНИЦЕФ, поединци и корпорации, и приватни партнери.