Мигрантскиот статус на детето никогаш не треба да биде пречка за пристап до основните услуги
Откако мораа да го напуштат домот и се во движење, многу бегалци и мигранти изгубија пристап до здравствена заштита и до други основни услуги
- English
- Македонски
Илјадници бегалци и мигранти минаа низ транзитниот центар Винојуг откако беше воспоставен во јуни 2015 година. Некои од нив останаа неколку часа, други неколку дена. Но, за една мала група заробена кога промените во политиката доведоа до затворање на границите долж балканската рута, Винојуг стана дом повеќе од десет месеци. Откако мораа да го напуштат домот и се во движење, многумина изгубија пристап до здравствена заштита и до други основни услуги. Заедно со партнерите, УНИЦЕФ е на терен, штитејќи ги правата и одговарајќи на потребите на сите деца.
Нехла, мајка од Сирија, го држи своето двомесечно бебе Иван. „Сакавме да одиме во Германија пред да се затворат границите. Тешко е, но мора да ја прифатиме ситуацијата. Исто така, со сета помош од персоналот тука, животот е многу поподнослив.“
Мери Спасиќ, партнер поддржан од УНИЦЕФ, од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, го масира бебето Иван за време на редовниот преглед на неговиот развој. Мери е една од патронажните сестри кои секојдневно го посетуваат транзитниот центар за да ги поддржат мајките на новороденчињата да продолжат со доењето и да го следат развојот на своите деца.
Во катчето за мајки и бебиња на просторот пријатен за децата поддржан од УНИЦЕФ, сестра Мери му ги прегледува раменцата на бебето Иван додека мајка му Нехла набљудува. Заедно со мерењето на тежината и должината, редовните прегледи ѝ помагаат на Мери да препознае знаци на развојни тешкотии и, ако е потребно, да организира пристап до други специјалистички здравствени услуги.
Мери и Нехла разменуваат насмевки додека медицинската сестра го облекува бебето Иван по прегледот. „Мајките се консултираат со нас, ни ги кажуваат проблемите, ни веруваат, развиваме цврста врска … еден од најтешките делови во нашата работа е кога треба да се збогуваме“, вели Мери.
Одговорот на УНИЦЕФ на бегалско-мигрантската криза во поранешната југословенска Република Македонија е великодушно поддржан од владите на Јапонија, Германија и Британија, Одделот на Европската комисија за хуманитарна помош и цивилна заштита (ЕЦХО), Националните комитети на УНИЦЕФ, поединци, корпорации и приватни партнери.