Иднина без чад од тутун е уште еден чекор кон иднина со чист воздух за секое дете

УНИЦЕФ го поздравува Нацрт-законот за заштита од пушење.

27 Јануари 2026
Mother kissing her baby on the cheek
UNICEF/UNI11812/Pirozzi

УНИЦЕФ го поздравува Нацрт-законот за заштита од пушење. Ова е клучен чекор за заштита на децата од изложеност на тутунски, никотински и производи за загревање на тутун. Законот ќе придонесе кон намалување на изложеноста на децата на чад од тутун и никотински производи во училиштата, рекреативните површини, игралиштата, автомобилите и на други места каде што тие поминуваат време, а истовремено ќе воведе мерки за спречување на изложеноста на децата на рекламирање на тутунски и никотински производи.

Ова е важно за децата во нашата земја затоа што:

  • Децата во Северна Македонија започнуваат да пушат исклучително рано – во просек на само 13,5 години, а 12,4% од учениците на возраст од 13–17 години веќе користат тутунски производи.
  • Бебињата, малите деца и адолесцентите не можат да ја контролираат својата изложеност на пасивно пушење. Кога возрасните пушат на места каде што децата живеат, учат и играат, децата вдишуваат токсични загадувачи подлабоко и почесто поради нивната побрза динамика на дишење.
  • На глобално ниво, пасивното пушење предизвикува смрт на проценети 1,2 милиони луѓе годишно, вклучително и 65.000 деца под 15 години. Новороденчињата и малите деца изложени на тутунски чад имаат поголем ризик од астма, респираторни инфекции и менингококна болест, што води до зголемена смртност.
  • Речиси секој втор возрасен (47%) во земјата е пушач, што ги става децата во уште поголем ризик од постојана изложеност на пасивно пушење во домовите, возилата и јавните простори.

Чадот од цигари придонесува кон загадување на воздухот во затворени простории.

Ако ви требаат уште причини за да бидете убедени:

  • Тутунскиот чад е еден од најзначајните придонесувачи за загадувањето на воздухот во затворени простории. Секој пат кога некој ќе запали цигара или тутунски производ во затворен простор, во воздухот се ослободуваат токсични хемикалии, со што сите, а особено децата, се изложени на ризик да вдишат штетни загадувачи што можат да доведат до сериозни здравствени проблеми.
  • Додека граѓаните повикуваат на акција за справување со загадувањето на воздухот на отворено, загадувањето во затворени простории може да биде подеднакво или дури и поопасно; ситните честички од тутунскиот чад можат да навлезат длабоко во белите дробови на децата, да преминат во крвотокот и да ги оштетат органите во развој.
  • Загадувањето на воздухот на отворено веќе е водечкиот еколошки здравствен ризик за децата во земјата, а додавањето на тутунски чад само ја интензивира постојната криза.

Иднина без чад е иднина со чист воздух.

УНИЦЕФ е уверен дека новиот закон може да ја намали изложеноста, да спречи зависност и да спаси животи, но само ако сите застанеме зад неговата целосна имплементација и спроведување откако ќе биде усвоен. УНИЦЕФ исто така препорачува експлицитно да се забрани пушењето во дворовитр во училиштата и градинките, покрај забраната во близина на влезовите на објектите. Ова е во согласност со препораките за квалитет на воздухот издадени од Министерството за образование и наука. Конечно, и лично можеме да направиме уште еден чекор – да ги направиме нашите домови средини без чад за нашите деца.

Заедно можеме да обезбедиме секое дете во нашата земја да расте здраво, заштитено и со можност да дише чист воздух.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: [email protected]

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ, агенцијата на Обединетите нации за деца, работи на заштита на правата на секое дете, насекаде, особено на најранливите деца и на места до кои е најтешко да се допре. Во повеќе од 190 земји и територии, правиме сè што е потребно за да им помогнеме на децата да преживеат, да напредуваат и да го исполнат својот потенцијал.