Улогата на патронажните сестри е незаменлива и покрај предизвиците

Преку посетите во домовите, патронажната служба помага да се надмине нееднаквоста во пристапот до совет и поддршка на семејствата и помага децата да го остварат својот целосен потенцијал

УНИЦЕФ
Patronage nurse visiting a family
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025
08 Мај 2025

Во ромското маало во селото Алгуња, околу 20 километри северно од Куманово, 26-годишната Маријана и нејзиниот сопруг Стефан, родители на осумгодишниот Тео и двомесечниот Јаков ја пречекуваат во својот дом патронажната сестра. Слаѓана работи во здравствениот дом во Куманово и преку посети во домовите им помага на семејствата во кои живеат бремени жени, млади мајки, новороденчиња, доенчиња и деца, но дава и поддршка на другите членови од семејството, особено на постарите и на оние со хронични болести.

Патронажната сестра ѝ дава совети на младата мајка за доење, нега на бебето и грижа за сопствената добросостојба
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Патронажната сестра ѝ дава совети на младата мајка за доење, нега на бебето и грижа за сопствената добросостојба

За време на посетата, Слаѓана го проверува календарот за имунизација на бебето — Јаков веќе примил Бе-се-же и вакцина против хепатитис Б. Патронажната сестра ја потсетува мајката дека следни на распоредот се вакцините против рота-вирус и пневмококна инфекција.

Додека разговараат на повеќе теми, од доење и развој на бебето до појавата на анемија кај Маријана,  Слаѓана и ја претставува апликацијата Bebbo. Заедно го разгледуваат летокот што ги објаснува функциите на апликацијата.

Иако живее во оддалечено село со ограничени ресурси, Маријана има пристап до интернет и е љубопитна, па лесно ја презема апликацијата. Патронажната сестра ѝ објаснува дека Bebbo е апликација изработена од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија и нуди стручни совети за родителство поврзани со здравјето и развојот на детето, вклучувајќи исхрана, доење, рано учење, одговорно родителство и благосостојба на родителите.

Mother downloading a parenting app on her phone while father holds the baby
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 За време на посетата на патронажната сестра, младата мајка Маријана ја презема апликацијата Bebbo

Пред да замине, Слаѓана го мери крвниот притисок на бабата и ѝ дава совети за избалансирани оброци. Нејзината посета кај сите членови од семејството остава чувство дека имаат каде да се обратат за поддршка и дополнителна грижа.

По враќањето во здравствениот дом, таа ќе ја евидентира посетата во системот „Мој Термин“, вклучувајќи важни информации за здравјето и животните услови на семејството кое го посети денес, како дел од националната електронска евиденција за посети во домовите. Иако системот за евиденција е дигитализиран и интегриран во здравствената е-платформа, го користат само околу 60% од патронажните сестри, најчесто поради недостаток на компјутери и ИТ поддршка. Според функционалната проценка на посети во домовите поддржана од УНИЦЕФ во 2022 година, квалитетот на патронажните услуги и начинот на нивното функционирање значително варираат помеѓу регионите и здравствените домови низ земјата.

Предизвиците на професијата и следни чекори

Patronage nurse going back to the hospital after visiting a family in a remote village
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Патронажната сестра се враќа од посетата на семејство што живее во оддалечено село

За време на пандемијата со КОВИД-19, кога сите основни услуги, меѓу кои и  посетите во домот беа прекинати, семејствата и патронажните сестри бараа креативни начини да ја продолжат комуникацијата. Започнаа со телефонски повици, а потоа преминаа на Вибер, споделувајќи фотографии и видеа.

„Добивав многу слики од папочиња на новороденчиња; имавме видео повици за да изнајдеме најдобра позиција за доење и заедно да го надминеме стравот дека мајката не го прави тоа правилно или дека нема доволно млеко...“ вели Слаѓана. Во многу случаи, оваа комуникација на далечина продолжи и по пандемијата, за жал понекогаш заменувајќи ги физичките посети.

Таа признава дека посетите се поретки од порано и дека работите се менуваат. Податоците од УНИЦЕФ покажуваат дека персоналот во паронажната служба старее и по пензионирањето обично не се заменува; преостанатите патронажни сестри се прераспределуваат на други болнички задачи; недостигаат стандардизирани практики и регулаторни рамки; нема доволно финансии и ресурси за да им се обезбеди транспорт, мобилни телефони и пристап до интернет, а за својата работа патронажните сестри не добиваат дополнителни стимулации и признанија.

Patronage nurses in front of the Kumanovo Health Center
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Паторнажни сестри пред здравствениот дом Куманово

Слаѓана работи како патронажна сестра веќе 35 години. Таа ќе се пензионира оваа година заедно со уште две колешки од здравствениот дом во Куманово. Во моментов, повеќето патронажни сестри во Северна Македонија се на возраст меѓу 50 и 60 години, што значи дека голем дел ќе се пензионираат во следните 2–7 години. Без значителни напори за привлекување и задржување на нов кадар, одржливоста на услугата е во ризик.

Патронажните сестри често се првите — и понекогаш единствените — професионалци што влегуваат во домот на семејството и со тоа добиваат единствена можност да идентификуваат, набљудуваат и пријавуваат широк спектар на прашања, од насилна дисциплина во домот до доцнење во развојот на децата. Сепак, достапноста на овие услуги не е рамномерна низ целата земја, што  особено ги погодува руралните подрачја и ранливите заедници, како што се ромските семејства, кои често имаат најголема потреба од ваквиот вид поддршка.

Во партнерство со Министерството за здравство, СЗО и Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, УНИЦЕФ помага во понатамошно зајакнување на системот на патронажни посети преку интензивирање на поддршката за најранливите новороденчиња и нивните родители и надградба на пакетот за домашни посети за да се опфатат новите развојни, здравствени, еколошки и нутритивни ризици.

Mother holding baby in her arms
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 По посетата на патронажната сестра, Маријана, гушкајќи го Јаков во прегратка, се враќа на дневната рутина со чувство на зголемена самодоверба.

Правилната грижа во првата фаза од животот на детето помага во неговиот опстанок и во обликувањето на натамошниот живот и развој. Затоа, мотивираните, обучени и добро поддржани патронажни сестри како Слаѓана се од суштинска важност во помагањето на семејствата — не само преку следење на здравјето и растот на бебиња како Јаков, туку и преку градење доверба, споделување знаење и овозможување семејствата да ја подигаат следната генерација со љубов и верба во себе.