Потребен е нов пакет услуги за спрaвување со растечките стапки на детска сиромаштија и исклученост
Скопје, 14 мај 2025: На настан посветен на справување со детската сиромаштија и социјалната исклученост, Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка од УНИЦЕФ, ги претстави резултатите од анализата и препораките за политики за сеопфатен пакет на услуги кои треба да се разгледаат во рамки на Европската гаранција за децата во Северна Македонија.
Дијалогот за новиот пакет на услуги доаѓа во критичен момент: според најновите достапни податоци, децата во Северна Македонија се изложени на значително повисок ризик од сиромаштија од возрасните, при што 32% живеат под националниот праг на сиромаштија, а 40% се соочуваат со мултидимензионална сиромаштија, според најново достапните податоци.
Предложениот пакет на услуги за гаранција за деца има за цел да обезбеди секое дете — особено најранливите — да има загарантиран пристап до здравствена заштита, образование, социјална заштита и грижа преку координирана, мултисекторска поддршка.
„И покрај достапноста на основни услуги како здравствената и социјална заштита и образование, децата што се соочуваат со сиромаштија и исклученост наидуваат на поголеми пречки поради тоа што системите не се прилагодени на нивните потреби. За да ги надминеме спомнатите предизвици, Владата на Северна Македонија со поддршка од ЕУ и УНИЦЕФ изработи Национален акциски план за правата на децата 2025-2029, кој е во завршна фаза на усвојување. Еден од приоритетите на Планот е намалувањето на детската сиромаштија, вклучително и со воведување на Европската детска гаранција, како и зголемување од 15% на паричните додатоци наменети за децата,“ изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Тој информираше дека Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе ја предводи координацијата со другите владини институции за развивање на план за имплементација на Гаранцијата за деца.
Препораките за политиките се насочени кон најризичните категории деца, вклучувајќи ги децата Роми, децата со попреченост, децата без родителска грижа, децата во судир со законот и други. Пакетот вклучува повеќе услуги, како проширена парична помош, зголемен пристап до предучилишно образование, инклузивно образование, универзален пристап до здравствена заштита, бесплатни оброци во училиштата и други услуги.
„Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да останат сиромашни и како возрасни, продолжувајќи го циклусот на нееднаквост,“ рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Гаранцијата за децата се покажува дека е докажан механизам за борба против овие алармантни трендови и обезбедува да не биде запоставено ниту едно дете.“ Препораките се насочени кон решавање на причините за детската сиромаштија, како што се финансиски тешкотии на домаќинствата, ограничен пристап до квалитетни услуги и системски бариери како стигматизација, слаба координација меѓу институциите и географски нееднаквости. Пристапот ја нагласува интегрираната испорака на услуги, проактивна теренска работа со семејствата и мерки прилагодени на вистинските потреби на децата и нивните семејства.
Настанот обедини широк спектар учесници, меѓу кои и клучни владини институции и граѓански организации кои работат во областа на правата на децата, спроведување политики и обезбедување услуги. Тие учествуваа во богата дискусија и размена на знаења преку две панел-дискусии — првата за транзицијата од секторско обезбедување услуги кон интегрирани пакети на услуги, при што беа претставени искуства и увид од Министерствата за социјална политика, демографија и млади, образование и наука, и здравство; и втората за практичната имплементација на Гаранцијата за децата во земјите-членки на ЕУ, со придонеси од владини претставници од Австрија, Хрватска и Романија.
Националниот акциски план за Гаранцијата за децата, предвидува зајакнување на испораката на услуги и мобилизирање средства преку националниот и општинските буџети за негова реализација. При што веќе се планираат до 3 милиони евра за воведување услуги фокусирани на децата. Модифицираните модели на услуги ќе бидат пилотирани во избрани општини за да се обезбедат податоци за нивно пошироко национално имплементирање.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ, агенцијата на Обединетите нации за деца, работи на заштита на правата на секое дете, насекаде, особено на најранливите деца и на места до кои е најтешко да се допре. Во повеќе од 190 земји и територии, правиме сè што е потребно за да им помогнеме на децата да преживеат, да напредуваат и да го исполнат својот потенцијал.