Детска сиромаштија
Што треба да знаете за детската сиромаштија и за работата на УНИЦЕФ за справување со неа
Во светот, како и во Северна Македонија, поголема е веројатноста децата да живеат во сиромаштија отколку возрасните. Тие се и поранливи на нејзините ефекти.
Децата може да доживеат сиромаштија во повеќе димензии – може да бидат лишени од засолниште, храна, вода, образование, здравство или заштита. Да се расте без овие неопходности претставува кршење на правата на детето, со последици што може да траат цел живот.
Што е детска сиромаштија?
Сиромаштијата се дефинира низ повеќе димензии, со помош на разни мерења. Во светот, живот во „екстремна сиромаштија“ значи преживување со помалку од 2,15 долари на ден. Во Северна Македонија, монетарната сиромаштија се мери како процент на луѓе чии приходи се значително помали во споредба со животниот стандард на поголемиот дел од населението.
Но сиромаштијата не е само сума пари, особено во очите на детето. Децата доживуваат сиромаштија кога не добиваат храна, вода, засолниште, образование или здравствената заштита што им се потребни за да преживеат и да напредуваат. Ова се нарекува „повеќедимензионална сиромаштија“ и опишува лишеност од повеќе основни права.
Во Северна Македонија, УНИЦЕФ воведе повеќедимензионален индекс на детска сиромаштија што опфаќа дванаесет димензии: исхрана, пристап до вода и санитарни услови, здравје, домување, образование, информации, други социјални услуги, грижа и љубов, безбедност, слобода од експлоатација, ран детски развој и материјална благосостојба. Индексот е осмислен да им помогне на креаторите на политики да планираат добро насочени, ефективни и ефикасни политики за намалување и елиминирање на детската сиромаштија.
Колку деца живеат во сиромаштија?
Во Северна Македонија, приближно 120.000 деца, или секое трето дете живее во монетарна сиромаштија.
Детската сиромаштија е глобален проблем. Се јавува во земјите со низок, среден и висок приход, со различен степен и последици.
Околу 1 милијарда деца во светот доживуваат повеќедимензионална сиромаштија – што значи дека не им се исполнети потребите како што се храна, вода, засолниште, образование и здравствена заштита.
Околу 333 милиони деца живеат во екстремна сиромаштија, преживувајќи со помалку од 2,15 долари на ден. И покрај тоа што екстремната сиромаштија е проблем што сè повеќе се концентрира во Супсахарска Африка, дури и во некои од најбогатите земји на светот, милиони деца се погодени од сиромаштија.
Во Северна Македонија, приближно 120.000 деца, или секое трето дете живее во монетарна сиромаштија. Секое второ домаќинство со 3 и повеќе деца и со самохрани родители живее во сиромаштија.
Кога станува збор за повеќедимензионалната сиромаштија, во една студија на УНИЦЕФ се заклучува дека лишувањето од образование, ран детски развој, исхрана, безбедност, љубов и грижа спаѓа меѓу првите 5 фактори што придонесуваат за детската сиромаштија во Северна Македонија. Децата-Роми имаат трипати поголема веројатност да доживеат повеќедимензионална сиромаштија во споредба со вкупната детска популација. Два региона, источниот и југоисточниот, имаат висока застапеност на повеќедимензионална сиромаштија, а полошкиот и скопскиот регион, исто така, покажуваат висока ранливост.
Кои се последиците од детската сиромаштија?
Да се стави крај на детската сиромаштија е политички избор.
Ефектите од доживување сиромаштија во детството се сериозни. Кога децата растат лишени од какви било основни потреби – од храна, преку засолниште, до образование – се попречува нивниот физички и когнитивен развој, ограничувајќи ги нивните социјални и економски можности како возрасни.
Во светот, децата од најсиромашните домаќинства имаат двапати поголема веројатност да умрат во споредба со нивните подобро ситуирани врсници. За оние кои живеат во хуманитарни кризи како што се вооружен конфликт или природна катастрофа, ризиците од лишеност драстично растат. Дури и во најбогатите земји во светот, скоро секое петто дете сè уште живее во сиромаштија.
Без оглед каде се наоѓаат, децата што растат во сиромаштија страдаат од лош животен стандард, развиваат помалку вештини за влез на пазарот на работна сила и заработуваат пониска плата како возрасни. Затоа, во отсуство на доволно програми за нејзино решавање, сиромаштијата и натаму опстојува од една генерација до друга.
Може ли да се реши детската сиромаштија?
Да, ставањето крај на детската сиромаштија е политички избор. Постојат докази за тоа како може да ја решиме.
Со поставување вистински приоритети, политики и програми, владите може да се справат со детската сиромаштија во сите нејзини димензии. Програмите за социјална заштита – како што се парична помош, здравствено осигурување, ослободување од школарина и обезбедување породилни бенефиции – помагаат на секое дете да му се даде рамноправна шанса во животот.
Како УНИЦЕФ ја решава детската сиромаштија?
На национално, регионално и глобално ниво, УНИЦЕФ соработува со владите и со другите партнери за да им помогне на земјите да ја измерат детската сиромаштија во сите нејзини форми и соодветно да се справат со неа.
Во партнерство со Светска банка, правиме глобална статистика за екстремната детска сиромаштија што им помага на носителите на одлуки да донесуваат ефективни политики и програми. Исто така, нашите истражувања и застапувања, им помагаат на владите да направат помудри инвестиции во социјалните услуги кои се најважни за децата.
Затоа, УНИЦЕФ промовира проширување на детските бенефиции и на другите програми за социјална заштита, за кои во разни земји и контексти се покажа дека ги подобруваат здравјето, образованието и исхраната на децата. Исто така, ги поддржуваме владите при спроведување политики погодни за семејството, а со кои се подобрува благосостојбата не само на децата, туку и на старателите.
Како копретседавач, заедно со Save the Children (Спасете ги децата), на Глобалната коалиција за ставање крај на детската сиромаштија, УНИЦЕФ игра водечка улога во подигање на свеста за детската сиромаштија и забрзување на глобалните напори за нејзино решавање.