Семејните примања не се единствениот фактор за сиромаштија на децата

УНИЦЕФ и Фајнанс Тинк го претставија новото истражување за мултидимензионалната сиромаштија на децата во Северна Македонија

09 Декември 2021
Roma boy wearing red jacket standing on a street
UNICEF

Скопје, 9 декември 2021:  Новото истражување за мултидимензионалната сиромаштија на децата во Северна Македонија ги повикува креаторите на политики да го преосмислат начинот на кој државата ја мери детската сиромаштија и се справува со неа. Студијата се надоврзува на нова методологија која увидува дека децата ја доживуваат сиромаштијата поинаку од возрасните и дека благосостојбата на децата ја одредуваат повеќе фактори надвор од семејните примања. Истакнува дека лишувањата во образованието, раниот детски развој, исхраната, безбедноста и љубовта и грижата се меѓу петте најголеми фактори на мултидимензионалната сиромаштија на децата.

Новото истражување беше претставено на форумот за политики „Сиромаштијата кај децата во Северна Македонија – семејните примања не се единствениот фактор“ во организација на УНИЦЕФ и Фајнанс Тинк. На форумот за политики кој официјално го отворија претседателот Пендаровски и претставничката на УНИЦЕФ учествуваа претставници од Владата, креатори на политики и претставници на граѓанското општество  и разговараа за импликациите од новиот извештај врз политиките.  

“Не можеме да кажеме дека живееме во слободно и праведно општество се додека има деца кои живеат во сиромаштија. Оттука прашањето на детската сиромаштија е пред се морално и етичко прашање. Нам не ни треба некаква апстрактна етика втемелена врз нејасни концепти, туку конкретна етика што подразбира практични чекори и политики кои водат кон системски и структурни промени што ќе создадат услови за издигнување на децата од зоната на сиромаштија, и нивно рамноправно вклучување во општеството. Солидарноста кон ранливите е многу повеќе од чин на великодушност. Солидарноста подразбира борба против структурните причини за сиромаштијата и нееднаквоста,” рече Н.Е. Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија.

“Треба да го преосмислиме нашиот сеопшт пристап во справувањето со детската сиромаштија. Треба да го поместиме фокусот од семејните примања. Инвестициите во подобрување на квалитетот на образованието, проширување на пристапот до предучилишно образование и основни услуги и воведувањето нови услуги и програми за поддршка на родителите за секое дете да расте во семејно опкружување исполнето со љубов, мора да бидат согледани како инвестиции за справување со детската сиромаштија и изградба на посветла иднина за сите граѓани во земјата,“   рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Истражувањето воведува нов индекс за повеќедимензионална детска сиромаштија за Северна Македонија кој опфаќа дванаесет димензии: исхрана, пристап до вода и до санитации, здравство, домување, образование, информации, други социајлни услуги, грижа и љубов, безбедност, слобода од експлоатација, ран детски развој и материјална благосостојба. Осмислен е за да им помогне на креаторите на политики да планираат добро насочени, ефикасни и ефективни програми и политики со цел да се намали и елиминира сиромаштијата на децата.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека:

  • 12% од децата на возраст од 5 до 17 години и 9% од децата помали од 5 години страдаат од мултидимензионална сиромаштија.
  • Децата Роми, без оглед на возраста, се значително поранливи. Најмалку едно од три ромски деца страда од мултидимензионална сиромаштија, споредено со едно од девет деца на ниво на вкупното население.
  • Над 40% од децата помали од 5 години кои се соочени со мултидимензионална детска сиромаштија, се лишени од можности за ран детски развој, безбедност и материјална благосостојба.
  • Секое второ дете на возраст меѓу 5 и 17 години кое е соочено со мултидимензионална детска сиромаштија, доживува различни видови лишувања во областите образование, безбедност и грижа и љубов.
  • Два региона – Источниот и Југоисточниот – имаат висока преваленца на мултидимензионална сиромаштија, но и во Полошкиот и Скопскиот регион нивото на ранливост е високо.
  • Детската сиромаштија во урбаните средини може значително да се намали со мерки за подобрување на образованието и материјалната благосостојба, додека во руралните средини потребен е поширок пристап кој бара интервенции низ повеќе димензии.
  • Образованието на децата и родителите е важен фактор за излегување на децата надвор од кругот на сиромаштијата.

Врз основа на овие наоди, новата студија ѝ препорачува на Владата: редовно да ја мери мултидимензионалната детска сиромаштија и да вклучува цели и индикатори поврзани со детската сиромаштија во соодветните стратегии; да дава приоритет на политики и планови кои ја намалуваат нееднаквоста и се насочени кон најранливите деца, пред сè ромските деца и децата кои живеат во рурални заедници; да воведе нови услуги за поддршка на родителите; да продолжи да инвестира во реформирање на образовниот систем и во напорите за создавање на што поинклузивно предучилишно и училишно образование преку кое секое дете ќе може да ги стекне знаењата и вештините што му се потребни за да просперира.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.