При осмислување на мерките за намалување на кризата со храна и енергија најмногу треба да се мисли на децата

УНИЦЕФ и партнерите презентираат нови податоци за последиците од кризата со енергија и храна

28 Февруари 2023
Children must be the forefront of measures to reduce food and energy poverty
УНИЦЕФ/2023/Георгиев

Скопје, 28.02.2023: На настан наменет за претставување на наодите од  нова анализа за влијанијата од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата, претставници на власта, граѓанското општество и партнерите кои ги поддржуваат реформите во земјата дискутираа за препораките за борба против порастот на сиромаштијата.

Новата анализа презентирана од страна на УНИЦЕФ и аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ посочува дека околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата заради кризата со храна и енергија. И покрај тоа што владините мерки вродија плод да не се зголеми бројот на семејства засегнати од кризата, учесниците на настанот ја истакнаа потребата од попрецизно насочени интервенции за да им се помогне на најранливите домаќинства.

„Министерството за економија од почетокот на енергетската криза континуирано носи мерки за поддршка на граѓаните. Покрај тоа што државата субвенционира 80% од електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, уште минатата година кога започна енергетската криза креиравме посебна Програма во рамки на Министерството за економија преку која се реализираше мерката за субвенционирање на сметката за електрична енергија за ранливи категории на граѓани. Мерката е продолжена и во текот на оваа година,“ изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

The Minister of Economy, Kreshnik Bekteshi had the opening remarks of the presentation of the new analysis.
УНИЦЕФ/2023/Георгиев
Министерот за економија, Крешник Бектеши сподели дека од започнувањето на енергетската криза, Министерството за економија континуирано спроведува мерки за поддршка на граѓаните.

Споредено со 2021, Индексот на трошоци на живот во 2022 година во Северна Македонија пораснал за 14%. Цените на храната во просек пораснале за 22%, додека цените на некои прехранбени производи се зголемиле за дури 36%. Овие ценовни шокови несразмерно повеќе ги погодија семејствата со повеќе деца и со пониски приходи, со оглед на поголемиот удел на трошоците за храна и енергија во нивниот домашен буџет. На најранливите делови од населението им остануваат малку пари за задоволување на преостанатите основни потреби. 

Енвер Хусеин, заменик министерот за труд и социјална политика истакна дека Министерството за труд и социјална политика обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите односно социјално исклучените граѓани. За таа цел, Владата на Република Северна Македонија по предлог на Министерство за труд и социјална политика изготви Закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза.

Enver Husein, the Deputy Minister of Labour and Social Policy
УНИЦЕФ/2023/Георгиев
Енвер Хусеин, заменик министерот за труд и социјална политика истакна дека Министерството за труд и социјална политика обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите односно социјално исклучените граѓани.

Анализата покажува дека секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година, што е за 9 процентни поени повеќе во споредба со ситуацијата пред кризата. Состојбата е полоша кај семејствата со 3 или повеќе деца. 44% од нив страдаат од прехранбена сиромаштија.

„Јавните расходи мора да обезбедат услугите за децата да не бидат дополнително влошени поради растечките трошоци и падот на јавните приходи. Децата треба да останат во центарот на вниманието на сите национални развојни напори кои ќе обезбедат пристап за секое дете до основни социјални услуги како што се образованието, здравството и детската заштита, без оглед на растечките трошоци за електрична енергија и греење на објектите,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

Patrizia DiGiovanni, UNICEF Representative.
УНИЦЕФ/2023/Георгиев
„Јавните расходи мора да обезбедат услугите за децата да не бидат дополнително влошени поради растечките трошоци и падот на јавните приходи.“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

„Мерките од двата пакети мерки на Владата се проценети како ефективни во распон од 30 до 60%, зависно за која конкретна стапка и за која конкретна популациска група, односно ако не беа мерките, ударот на кризата врз благосостојбата на домаќинствата ќе бил за 40 до 70% поинтензивен,“ рече Марјан Петрески од Фајненс тинк.“ Но, анализата јасно покажува дека мерките им помогнале на сите доходни групи, значи и на оние кои ударот на кризата можеле да го поднесат самите, што создава значителни јавни расходи и создава потреба дополнително да се задолжуваме.“

Aleksandar Nikolov and Marjan Petreski
УНИЦЕФ/2023/Георгиев
Александар Николов од УНИЦЕФ и Марјан Петрески од Finance Think ги презентираат наодите од новата анализа.

Препораките за кои се дискутираше на настанот се фокусираа на потребата од обезбедување попрецизно насочена поддршка за намалување на товарот врз децата, како на пример:

  • Проширување на субвенцијата за енергетска сиромаштија за најранливите семејства и олеснување на условите што треба да се исполнат за добивање гарантирана минимална помош за клучните ранливи групи на домаќинства.
  • Почести приспособувања на социјалната парична помош со цел нејзино усогласување со растечките цени и зачувување на нејзината вредност.
  • Во контекстот на растечките притисоци врз националниот и општинските буџети, потребно е да се заштитат основните здравствени услуги, социјалната заштита и образованието преку зголемување на ефикасноста, ефективноста и правичноста во трошењето на јавните пари за овие сектори. 
  • Воведување програма за бесплатен оброк за учениците, што не само што ќе го подобри пристапот до здрав и хранлив оброк за учениците, туку и ќе ја намали сиромаштијата. 

Оваа нова анализа беше направена од страна на аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ во партнерство со УНИЦЕФ, како дел од заедничка иницијатива на Обединетите нации за идентификување на системски модалитети за одговор на глобалната криза со храна и енергија. Заедно со УНДП и ФАО, УНИЦЕФ соработува со национални и меѓународни партнери на изнаоѓање одржливи и долгорочни решенија кои ќе одговорат на потребите на ранливите групи, а истовремено ќе значат поддршка за економскиот раст и развој во услови на висока инфлација и скромни финансиски ресурси.

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.