Намалувањето на сиромаштијата мора да почне од децата

23 Октомври 2018
Minister for labour and social policy, Mila Carovska speaks at the child poverty conference.
UNICEF/2018/Georgiev

СКОПЈЕ, 21 септември 2018:  Според последните податоци од Државниот завод за статистика повеќе од 100,000 деца во земјава – или 28 отсто од сите деца – живеат во сиромаштија.  На денешната конференција што ја организира Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ и Светска банка, експерти од областа на детската сиромаштија и претставници од владини и академски институции дискутираа за решенија кои ќе помогнат да се стави крај на детската сиромаштија во земјата и се согласија дека во социјалната реформа која има за цел да се справи со сиромаштијата приоритет мора да им се даде на децата.

“Социјалната реформа, која ја најавивме пред неколку дена, а ќе стартува од почетокот на годината, треба да го преобрази целото општество и да помогне во справувањето со детската сиромаштија. Бидејќи секое дете ни е важно, за сите домаќинства и за оние кои примаат гарантиран минимален приход и за оние со минимална плата обезбедуваме детски и образовен додаток. Ова го правиме за да им дадеме шанса на децата од сиромашните семејствата да се вклучат во образовниот процес и да имаат еднаков старт со децата од семејствата со повисоки примања,“изјави Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Истражувањата покажуваат дека сиромаштијата во детството влијае на сите аспекти од животот и може да има долгорочни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјален развој на децата. Негативните ефекти од сиромаштијата се посилни кога децата трпат долготрајна сиромаштија и штетните последици опстојуваат долгорочно не само за засегнатите лица, туку и за општеството, економијата на земјата и идните генерации. 

“За да ставиме крај на сиромаштијата мора да почнеме од децата. Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да бидат сиромашни како возрасни и така да продолжат да го повторуваат меѓугенерацискиот круг на сиромаштија,” рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. “Вистинска промена може да се случи ако работиме заедно на три паралелни стратегии – подобрување на социјалната помош така што ќе обезбедиме да ја примаат оние деца и семејства на кои им е најпотребна; поддршка на семејствата за да можат да подигаат успешни членови на општеството и обезбедување универзален опфат со предучилишни програми за сите деца.“

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека најпогодени од сиромаштија се децата кои живеат со еден родител или во семејства со многу деца. Постојат големи разлики помеѓу различни региони што укажува на фактот дека не постои унифицирано решение за целата земја. Детската сиромаштија во Североисточниот регион – во Куманово, Крива Паланка, Кочани и околните села -  изнесува 54 отсто, додека во Пелагонискиот регион – Битола и Прилеп – таа изнесува 11 отсто. 

Според други последни расположиви податоци во земјата само едно од 300 сиромашни деца посетува предучилишна програма, а една третина од сиромашните деца не одат во средно училиште. Шест пати е поголема веројатноста девојчињата кои живеат во сиромаштија да се омажат пред својот осумнаесетти роденден, а двојно поголема е веројатноста сиромашните деца да  бидат физички дисциплинирани од страна на своите родители во споредба со другите деца. 

“Во последните години Македонија постигна значаен напредок во намалувањето на сиромаштијата, но сепак секое трето дете и понатаму живее во сиромаштија. Овие деца имаат ограничен пристап до квалитетни образовни услуги што влијае на нивните способности за градење на човечки капитал, отежнувајќи ја нивната подоцнежна интеграција на пазарите на труд и влијае на нивните шанси да ја избегнат сиромаштијата и ранливоста подоцна во животот ", изјави Марко Мантованели, директор на Светска банка за земјата. "Преку неодамна одобрениот проект за подобрување на социјалните услуги, Светската банка, заедно со македонската Влада, работи на решавање на овие предизвици, особено оние поврзани со социјалната исклученост на ранливите групи и нискиот квалитет и фрагментација на грижата и образованието во раното детство и социјалните услуги.“ 

Земјата во моментов е во процес на сеопфатна реформа на системот за социјална заштита, која вклучува целосна трансформација на шемите за парични надоместоци, како и промени во планирањето и пружањето услуги до корисниците. Се очекува дека, како резултат на реформата, системот ќе може подобро да ја насочи помошта кон децата и семејствата со деца кои живеат во сиромаштија и ќе може поефикасно да реагира за да ги заштити децата и семејствата од катастрофалните ефекти на сиромаштијата.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Twitter и Facebook.