Анализа на состојбата со децата и адолесцентите во Северна Македонија 2024
Сеопфатна проценка на положбата на децата и адолесцентите во земјата
Главни црти
Анализата на состојбата за 2024 година нуди сеопфатна проценка на положбата на децата и адолесцентите во Северна Македонија, нагласувајќи го напредокот, предизвиците, нееднаквостите и можностите во остварувањето на нивните права и постигнувањето на Целите за одржлив развој поврзани со децата (ЦОР). Фокусирајќи се на човековите права и еднаквоста, Анализата овозможува да се стекне увид и да се придонесе за дијалогот и застапувањето за политики, како и за ориентираноста на националните програми и политики за деца. Притоа, Анализата на состојбата има важна улога во мониторингот на детските права, со цел да се насочат владините субјекти, граѓанските организации, агенциите на ОН, партнерите за развој и заедниците во унапредувањето на политиките и активностите за подобрување на животот на сите деца во Северна Македонија.
Северна Македонија се соочува со значителни демографски поместувања, со намалување од 18 проценти на детската популација од 2011 до 2023 година и ниска стапка на фертилитет од 1,5, што е далеку под стапката на замена и укажува на
намалување на населението. Урбанизацијата е во пораст, при што 63 проценти од децата сега живеат во урбани средини. Земјата, исто така, се соочува со конзистентен модел на негативна нето миграција, со 1.000 повеќе иселеници, отколку доселеници на годишно ниво, освен за време на пандемијата со КОВИД-19. Сепак, основните услуги не се соодветно прилагодени на овие демографски поместувања, коешто негативно влијае на капацитетот да се задоволат растечките потреби на населението, особено потребите на децата и најранливите групи.