Децата не ги губат своите права кога ги минуваат границите
Дали „бегалци“ или „мигранти“ — за УНИЦЕФ и партнерите, тие отсекогаш биле прво деца.
- Достапно на:
- English
- Македонски
Децата се во срцето на едно од најголемите движења на луѓе во историјата. Десетици илјади патуваа низ поранешна југословенска Република Македонија со надеж дека ќе стигнат до безбедност или до подобар живот во Европа. Кога промените во политиката доведоа до затворање на границите долж балканската рута, транзитниот центар за бегалци и мигранти Винојуг стана дом за околу педесетина деца повеќе од десет месеци. Дали „бегалци“ или „мигранти“ — за УНИЦЕФ и партнерите, тие отсекогаш биле прво деца.
Мигрантскиот статус на детето никогаш не треба да биде пречка за пристап до основните здравствени услуги и за уживање на правото на здрав почеток во животот. Двомесечното бебе Иван ужива во прегледот на физичкиот развој од страна на Мери Спасиќ — партнер поддржан од УНИЦЕФ, од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки.
Почитувањето на достоинството и отпорноста на децата, како и обезбедувањето заштита на нивните права и потреби е важно за сите деца, а особено за најранливите. Сириски деца уживаат во правото на игра на игралиште надвор од просторот пријатен за децата поддржан од УНЦИЕФ, во транзитниот центар Винојуг.
Со поддршка, меѓу другото, од Владата на Јапонија, УНИЦЕФ обезбеди околу 5.000 кутии храна во прав и 120 кутии хранлива супа за дополнување на исхраната на децата, бремените жени и доилките во транзитните центри. Душанка, патронажна сестра држи здраво сириско бебе на влезот од просторот пријатен за децата во транзитниот центар Винојуг.
Рекреативно-ликовните активности во раното детство им даваат на децата чувство на нормалност, што е од суштинско значење за нивната емотивна благосостојба. Даниела и Курдистана, двегодишни девојчиња учествуваат во предучилишните активности, во просторот пријатен за децата, во транзитниот центар Винојуг.
Понекогаш, сите деца имаат потреба да се чувствуваат безбедно, сакано, и да знаат дека луѓето им се наклонети и се грижат за нив. Ивана, партнер на УНИЦЕФ од Ла Страда, гушка две девојчиња додека си играат во просторот пријатен за децата, во транзитниот центар Винојуг.
Откако мораа да го напуштат домот и се во движење, многу деца го пропуштаат правото на образование. Рава (11), од Сирија, на час по ИКТ — една од активностите на неформално образование поддржани од УНИЦЕФ, со цел да им се помогне на децата да му се вратат на учењето и да се подготват за интеграција во формалните образовни програми.
Без оглед од каде се, без оглед кои се, заштитата на нивните права е секогаш во центарот на сè што правиме. Среќно четиригодишно девојче за време на предучилишните рекреативно-ликовни активности организирани во просторот пријатен за децата поддржан од УНИЦЕФ, во транзитниот центар Винојуг.
Натамошните напори на УНИЦЕФ за заштита на правата и за враќање на нормалноста во животот на децата-бегалци и мигранти во поранешната југословенска Република Македонија се великодушно поддржани од владите на Јапонија, Германија и Британија, Одделот на Европската комисија за хуманитарна помош и цивилна заштита (EЦХО), Националните комитети на УНИЦЕФ, поединци, корпорации и приватни партнери.