На децата им треба поддршка за да се чувствуваат безбедно и заштитено
УНИЦЕФ помага децата и семејствата евакуирани од Авганистан во Северна Македонија да имаат релативно нормален живот додека се тука

Децата тешко го пребродуваат напуштањето на домот, другарите, училиштето и бегањето од матичната земја поради конфликт и нестабилност. Овие настани може да остават трага врз нивната благосостојба и менталното здравје. Затоа е важно, особено додека поминуваат низ стресен период, кај децата да се создаде чувство на привидна нормалност и предвидливост на она што ќе се случува во текот за да се успокојат и да се чувствуваат побезбедно.
За да им помогне на децата од Авганистан кои се привремено сместени во Северна Македонија да се чувствуваат безбедно и заштитено, УНИЦЕФ, во партнерство со Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и други партнери, обезбеди услуги за поддршка на нивната благосостојбата преку секојдневни активности и рутини.
Активностите се осмислени за да се стимулира раниот детски развој и неформалното образование во средина која е сигурна, пристапна за децата и стимулативна. УНИЦЕФ исто така обезбеди здравствена нега и поддршка за заштита на децата и нивните семејства, како и правна помош.

„Дојдовме тука во октомври 2022 година со сопругот и двегодишната ќерка. Истата година ја изгубив мајка ми. Другите членови на семејството се раселени во други земји,“ вели 27-годишната Ајша* од Кабул. „Имам завршено факултет и зборувам англиски јазик, па понекогаш навечер им давам часови по англиски на другите повозрасни жени овде. На тој начин полесно се фокусирам на сегашноста. Ми падна камен од срцето што имаме детско катче, зашто ќерка ми навистина ужива во играта со другите деца и е среќна.“

„Иако се во исчекување, овие деца се среќни деца затоа што биле евакуирани и почнале да добиваат помош навреме,“ вели Светлана Ботева, едукатор од „Ла Страда“, невладина организација која е партнер на УНИЦЕФ и УСАИД. Во Катчето за деца, млади и родители таа ги подучува децата на здрави навики, лична хигиена и одржување на менталното здравје. „Целта на нашата работа е не само да им помогнеме да продолжат со образованието каде што застанале, туку и да им го разубавиме животот додека се овде“.

Тројца едукатори и еден толкувач им овозможија на околу 78 деца да се вклучат во неформално образование, да се играат, да усвојат контекстуално релевантни вештини и да добијат поддршка. Покрај тоа што нуди активности за мали деца, Катчето за деца, млади и родители обезбедува и поддршка за родителите и за поголемите деца на тинејџерска возраст. За да може да одговори на потребите на сите и да создаде безбеден простор за учење и развој за сите деца, во осмислувањето на програмата учествуваа и самите деца и родители.
“Ако си заинтересиран, може да ја обогатиш програмата. Така, на пример, најдов на интернет вежби јога со смеа со кои се намалува стресот и се подобрува расположението. Исто така, воведовме арт работилница што ја водеше еден сликар од заедницата со кого децата научија да користат различни сликарски техники,“ вели Светлана.
Во текот на целата година, Катчето за деца, млади и родители прерасна во средина која овозможуваше учество, стимулација и поддршка за сите деца. Едукаторите се зближија со цели семејства и, како што вели Светлана, продолжија да одржуваат контакт со семејствата што заминаа во други земји.

Максим Јорданоски, професор по англиски од Центарот за странски јазици - еден од партнерите на УНИЦЕФ и УСАИД во програмата - предава англиски на групи деца на возраст од 7 до 9 и од 11 до 13 години. „На почетокот предавањата беа преку интернет, поради пандемијата со КОВИД-19. Забележавме големо подобрување во март 2022 година кога се префрливме на часови со физичко присуство. Децата беа многу позаинтересирани и поангажирани. Беа среќни што се во контакт со луѓе,“ вели Максим.
„Применивме различни наставни методи, почнувајќи со техниката наречена „Целосна физичка реакција“, во која се користат песни, движења и имитација за децата да совладаат нов јазик непосредно, без претходно познавање или помош од толкувач,“ вели Весна Петровска, директорка на наставната програма при Центарот за странски јазици. „Досега 120 деца присуствуваа на часовите. Се надевам дека наученото на часовите по англиски ќе им помогне полесно да се интегрираат во новите средини и на училиште.“

Во првата група евакуирани семејства од Авганистан што беа сместени на оваа локација имаше осум трудници. Пет патронажни сестри редовно го следеа нивното здравје и продолжија со визитите и откако се родија бебињата. Патронажните сестри имаа соодветна обука за нега на бебиња и новороденчиња и за советување на мајките.
„Младите мајки ме слушаат и се придржуваат до моите совети за нега на новороденчињата со апсолутна доверба. Имаме среќа што се сите здрави. Само едно бебе се роди прерано, тежеше само 1.8 кг, но сега, по шест месеци, добро се развива. Ме преплавуваат чувства кога ќе помислам што сѐ преживеале овие семејства... Им се восхитувам на отпорноста,“ вели патронажната сестра Саније.

УНИЦЕФ исто така обезбедува правна помош за авганистанските семејства во партнерство со Македонското здружение на млади правници, меѓу другото и преку поддршка за добивање на неопходните документи поврзани со нивниот престој и правен статус, извод од Матична книга на родените, процедури за преселување и барања за виза. „Имавме разбирање од локалните служби и успеавме да го поедноставиме процесот за вадење извод од Матичната книга на родените. Ова беше неопходно затоа што некои семејства не ги носеа со себе сите лични документи, бидејќи заминале од Авганистан во брзање. За среќа сѐ добро се заврши. Осумте бебиња родени последниве шест месеци се сега соодветно регистрирани,“ рекоа Даниел Станоески и Ивана Ристовска.
Преку програмата, вклучените стручни лица добија соодветна обука за заштита на деца и за принципите за заштита на децата и ги зајакнаа професионалните капацитети за идентификација, заштита и упатување на ранливите деца во ризик. Во стручните лица спаѓаат социјалните работници, социјалните педагози, детските психолози и културните медијатори.
Активноста за поддршка на Авганистан е финансирана од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и е поддржана од Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
*Името е променето за да се заштити идентитетот на лицето.