Најголемата награда ми е прегратка од дете – заслужена преку доверба

Анета, социјална работничка од Пробиштип, ги објаснува предизвиците и придобивките од нејзината работа.

УНИЦЕФ
Профилна фотографија на жена која стои пред влезот на Центарот за социјална работа.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025
25 Јуни 2025

Анета Томева работи како социјална работничка во Центарот за социјална работа во Пробиштип повеќе од 15 години. Таа вели дека во оваа професија нема ден без предизвици и дека не постои можност да се следи строго утврден список на задачи.

„Работата е многу динамична. Мора брзо да се реагира и да се даде приоритет на одредени случаи. Во еден момент подготвуваш документи за парична помош, а веќе следниот момент си повикан на интервенција за семејно насилство. “

И покрај предизвиците, Анета ја гледа својата професија како зрак на надеж за семејствата кои се соочуваат со тешки околности.

„Кога семејство ќе ни се обрати, тоа значи дека бара поддршка за надминување на проблемите. Често веќе ја изгубиле довербата во себе и во системот, а наша задача е заеднички да работиме на враќање на стабилноста и нормалноста во нивниот живот.“

Работата на Анета се одвива според структуриран процес на управување со случаи – започнува со проценка на потребите на детето и семејството, планирање на поддршката, координација со клучните сектори како што се образованието и здравството, упатување до соодветни услуги во заедницата и редовно следење на напредокот.

Жена која влегува во дворот на семејна куќа.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Анета во посета на семејство во Пробиштип.

Во зависност од ситуацијата и ранливоста, семејствата можат да добијат различни видови на социјална заштита и услуги. Семејства со ниски приходи или членови со попреченост можат да аплицираат за парична помош и додатоци за деца. За посложени случаи, особено кога се работи за деца во ризични семејни ситуации, постојат социјални услуги кои бараат директна и континуирана работа со семејствата.

„Во случаи на нарушени брачни односи, семејно насилство или деца во ризик, советувањето и директната поддршка на семејствата се најважни. Заедно изготвуваме план за работа со семејството и се согласуваме за интервенции, вклучувајќи психо-социјална поддршка и работа со родителите за подобрување на односот со нивните деца. Во овие случаи, домашните посети се клучни“, вели Анета, која овој дел од работата го смета за сржта на социјалната работа.

Важноста на домашните посети

Едно од семејствата на кои Анета редовно им дава поддршка се соочува со повеќе предизвици – сиромаштија и здравствени проблеми. Таа ги познава нивните семејни односи, медицинската историја, како и напредокот на децата во училиштето – речиси како член на семејството.

Две жени седат и разговараат – едната е свртена со грб кон камерата, а другата внимателно слуша и држи документи во рацете.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Анета ги познава нивните семејни односи, медицинската историја, како и напредокот на децата во училиштето – речиси како член на семејството.

За време на една од посетите, таа се информира за здравствената состојба на таткото кој боледува од рак. Го прашува за третманот, лековите и му дава информации за упатување кај лекар. Потоа се интересира за двете ќерки тинејџерки – дали редовно одат на училиште.

Мајката споделува дека една од ќерките во последно време има панични напади. „Нека дојде утре кај мене во канцеларија“, вели Анета. Таа планира да разговара со девојчето и доколку е потребно, ќе ја упати на психолог. Но, тоа не е секогаш едноставно – во Пробиштип нема психолог, а најблискиот е во Кочани, на оддалеченост од околу 23 километри.

Поддршката за семејствата кои се соочуваат со повеќекратни ранливости често бара години работа и следење. Домашните посети се најважната алатка за социјалните работници за да ги идентификуваат промените и да го оценат напредокот.

Административниот товар

Во зависност од случајот, Анета ги посетува семејствата два до четири пати месечно. Посетите би требало да се почести, но честопати се ограничени поради административните обврски. „Понекогаш се чувствувам повеќе како административен работник отколку како социјален работник,“ вели таа. „Кога семејство е во социјален ризик, наша работа е да му помогнеме да се врати во нормален живот. Но често сме оптоварени со процедури и документација, што ни го отежнува квалитетното работење.“

Центарите за социјална работа се соочуваат со недоволна кадровска екипираност, висок обрт на кадар, тешкотии со вработување на нов кадар и зголемен обем на работа. Недостигот од стручни лица, заедно со административните задачи, го отежнуваат ефикасното управување со случаи, особено превентивната социјална работа.

Лице запишува белешки на маса.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Анета пополнува извештај за својата посета на семејството.

Од друга страна, Анета смета дека социјалните работници треба да имаат поголема автономија и флексибилност за самостојно да ја одредуваат соодветната помош и итноста на постапувањето врз основа на сопствена проценка.

„Порано, центрите за социјална работа имаа посебна буџетска линија што можеше да се користи во итни ситуации, особено за еднократна парична помош, па можевме веднаш да исплатиме средства на лице на кое му се потребни. Сега немаме сопствен буџет, и целиот процес трае и до два месеци.“

Меѓусекторска соработка

И покрај предизвиците, Анета ја истакнува добрата соработка со други институции како еден од најважните позитивни аспекти на нејзината работа. „Имаме одлична соработка со полицијата, училиштата, градинките, здравствените установи. Штом се појави проблем, веднаш нè информираат.“

Ова е особено важно за случаи на семејно насилство. Во соработка со Министерството за внатрешни работи, воспоставиле меѓусекторска група на локално ниво и пракса на заедничко сослушување, за да се избегне повторна виктимизација на жртвите.

„Поради ова, сослушувањето се прави заеднички и само еднаш. Ги обезбедуваме сите информации и ги собираме сите потребни потписи и за полицијата и за социјалните работници истовремено. Потоа продолжуваме со работа преку психо-социјална поддршка и други потребни услуги. Нема потреба жртвата на насилство повторно да пријавува и да поминува низ повеќекратни интервјуа.“

Две насмеани жени се поздравуваат на врата
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Потребни се време, трпеливост, доследност и емпатија за да се стекне довербата на семејствата, а особено на децата.

Да ги задржиме семејствата заедно

Анета чувствува дека често социјалните работници се погрешно разбрани како лица кои одземаат деца од семејствата. „Тоа е далеку од вистината. Нашата главна цел е да ги задржиме семејствата заедно.“ Но признава дека кога првпат влегува во домот на едно семејство, децата најмногу се плашат, и потребни се време, трпеливост, доследност и емпатија за да се стекне нивната доверба.

„Кога ќе ја стекнеш, ја гледаш во нивните очи. Само тогаш детето се чувствува доволно сигурно за да ти даде прегратка – тоа е најголемата награда за нашата работа.“

Квалитетот на заштитата зависи од стручноста и личната посветеност на професионалци како Анета, кои неуморно работат за да им помогнат на семејствата да ја вратат надежта и стабилноста. Но, освен нивната експертиза и посветеност, потребна е и системска поддршка. Особено кога се работи за деца – бидејќи ранливоста и исклучувањето во раното детство имаат долгорочно влијание врз шансите за успех подоцна во животот.

Во тек се реформи на системот за социјална заштита и зајакнување на социјалната служба, со цел да се прошират превентивните услуги и да се обезбеди соодветна поддршка за ранливите семејства. Ова е клучно за секое дете да добие фер шанса да го оствари својот целосен потенцијал, без разлика на семејните околности.

………………………………………………………………………………………………………………………………………..

УНИЦЕФ ја поддржува работата на Министерството за социјална политика, демографија и млади за унапредување на организациската структура на Центрите за социјална работа и зајакнување на капацитетите на социјалната служба за ефикасна и ефективна заштита на децата во социјален ризик и нивните семејства. Врз основа на искуствата од земјите членки на ЕУ, УНИЦЕФ од 2021 година ја поддржува државата во воспоставување на механизам за Гаранција за детето – со цел да се спречи и намали детската сиромаштија и социјалната исклученост преку обезбедување пристап до основен пакет социјални услуги, како и до таргетирани и специјализирани услуги, прифатливи за децата и нивните семејства, без стигматизација и дискриминација.