Секое дете може да напредува и да се развива ако му се даде шанса

Kога децата добиваат можности да учат во поттикнувачка училишна средина и кога растат во семејство што се грижи за нив, можат да постигнат одлични академски резултати.

UNICEF
Профилна фотографија од Астина
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025
28 Мај 2025

Астина има 14 години и е ученичка во деветто одделение во основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“, во општината Шуто Оризари во Скопје. Ова училиште во кое следат настава над 2,000 ученици, претежно Роми, е едно од најголемите во земјата. 

Астина најмногу ги сака часовите по математика и иновации и планира да студира информатика. Неочекувано и хемијата се искачи на листата на омилени предмети — првично благодарение на нејзиниот постар брат кој откри на Интернет “заразна“ песна за учење на Периодниот систем на елементите.  

Средношколци на час по хемија
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Демонстрација на промена на температура   
Средношколци на час по хемија
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Појава на гас
Средношколци и нивната наставничка на час по хемија
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Талог
Наставничка покажува експеримент на час по хемија
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Промена на боја

Денес, на часот по хемија, Астина учествува во експерименти преку кои се докажува дека хемиска реакција настанува кога има промена на боја, појава на гас, талог или промена на температурата. 
 
Ова практично и забавно искуствено учење им помага на учениците подобро да разберат што значи секој од овие показатели, а притоа да не ни забележат дека учат. Астина објаснува што ја привлекува кон хемијата: „Она што те тера искрено да засакаш некој предмет е начинот на кој наставникот го предава и како те вклучува во наставата. “ 

Наставничката по хемија Габриела го претставува експериментот “пламена рака“ за да покаже како пената гори без да ја изгори раката на изведувачот на експериментот.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Наставничката по хемија Габриела го претставува експериментот “пламена рака“ за да покаже како пената гори без да ја изгори раката на изведувачот на експериментот.

Навистина, наставничката по хемија Габриела, ги инспирира учениците да експериментираат, слободно да размислуваат и да се стремат кон поголеми достигнувања, охрабрувајќи ги да постават високи очекувања од себе  во животот. 
 
На пример, само пред неколку месеци, еден од нејзините ученици, 14-годишниот Елиф, го освои првото место по хемија на државен натпревар по природни науки, натпреварувајќи се со 237 ученици од основни училишта од целата земја. 
 
Со сјај во очите и со одлучност,  тој споделува дека ќе го продолжи образованието во средното стручно училиште „Марија Кири Склодовска“ и ќе стане технички лаборант.  

Елиф, 14 ја покажува дипломата за освоено прво место на државниот натпревар по хемија
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Елиф, 14 ја покажува дипломата за освоено прво место на државниот натпревар по хемија

Сведок е на тоа дека многу деца што ги познава и живеат во истата општина го напуштаат училиштето,без да го завршат образованието – тој е убеден дека кога би имале поголема поддршка од семејството и од наставниците, би биле мотивирани да учат и би имале поголема верба во себе.  
 
„Татко ми е музичар и свири во бенд, а мајка ми е домаќинка. Иако тие самите не завршиле училиште - барем не до крај - секогаш ме охрабруваат да учам и да успеам. Беа пресреќни кога решив да се пријавам на натпреварот!“ 

Астина, наставничката по хемија Габриела и Елиф по завршување на часот, во училишниот коридор.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Астина, наставничката по хемија Габриела и Елиф по завршување на часот, во училишниот коридор.

Астина и Елиф се пример дека кога децата добиваат можности да учат во ангажирана и поттикнувачка училишна средина и кога растат во семејство што се грижи за нив, можат да постигнат одлични академски резултати.

Поттикот од возрасните — членови на семејството, браќа и сестри и посветени наставници — во голема мера ги зголемува шансите децата да останат во училиште и да го продолжат своето образование. 

За жал, многу деца Роми во Северна Македонија се соочуваат со сериозни пречки во образованието — само 56% од нив го завршуваат основното образование, во споредба со 94% на национално ниво. Сиромаштијата и ограничениот пристап до предучилишно образование — 79% од децата Роми живеат под националниот праг на сиромаштија, а само 8% посетуваат градинка — ги ставаат во неповолна положба уште од самиот почеток на детството. 

Ученици во основното  училиштето “Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари внесено учествуваат во тимска работа за време на часот.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Ученици во основното училиштето “Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари внесено учествуваат во тимска работа за време на часот.

УНИЦЕФ ја поддржува земјата во надминувањето на овие нееднаквости и разлики во пристапот до услуги и застапува политики и програми што ќе обезбедат секое дете да има фер шанса да напредува и да го развие својот целосен потенцијал. 

Во моментов, УНИЦЕФ соработува со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство за да се обезбеди системски пристап до основни социјални услуги за децата во ранлива положба, преку развој на холистички пакети со конкретни мерки за поддршка. Овие интервенции се водени од пристапот на Европската гаранција за деца – механизам на ЕУ за спречување и надминување на социјалната исклученост на децата, со обезбедување пристап до клучни социјални услуги без стигма и дискриминација.  

Спроведувањето на Гаранцијата за деца во Северна Македонија ќе овозможи спроведување и на универзални и на насочени интервенции за обезбедување социјална заштита, образование и здравствена заштита за најранливите деца, вклучително и децата Роми. Со тоа постепено ќе се постигне секое дете да има пристап до квалитетни услуги и фер шанса со еднакви можности за успех – особено преку запишување и завршување на квалитетно и инклузивно образование. 

Затоа што, кога ќе добие шанса, секое дете може да успее.