Колку често треба да се храни новороденче?
Хранењето на новороденче често носи предизвици – а еден од нив е да се знае колку често бебето воопшто треба да се храни.
Колку често треба да се храни новороденче? Одговорот, велат стручњаците и истражувачите за лактација, е изненадувачки едноставен: новороденчето треба да се храни онолку често колку што е гладно – а обично, барем на секои два до три часа – како дење, така и ноќе.
Ова се нарекува „хранење како одговор“ (или „хранење по потреба“) и не е суштинско само за бебињата, кои ќе ги добијат хранливите материи и хидратација што им треба, туку и за доилките, за кои ова претставува најдобар начин да го одржат доењето онолку долго колку што е потребно. Обидот да се „растегнат“ интервалите меѓу оброците, хранењето по утврден распоред или намалувањето на ноќните оброци може да доведе до мало покачување на тежината кај бебето, слабо лачење млеко или до целосен прекин на доењето.
Исто така, и кај бебињата што се хранат со шише, важно е хранењето да биде според сигнали за глад, а не според часовник, велат стручњаците. „Човечките бебиња се раѓаат многу, многу незрели“, вели Рафаел Перез-Ескамила, професор по јавно здравје на Универзитетот Јеил и водечки истражувач за бебешка исхрана, со над 400 истражувачки статии за лактација. „Тие треба да научат како да се хранат и да разберат што е тоа што им предизвикува непријатно чувство.“
„Ова е многу важно и за нивниот натамошен живот, бидејќи ги учи сами да си го регулираат внесот на храна во иднина… и да знаат кога се гладни, а кога не се гладни.“
Хранењето по потреба и онолку често колку што му е потребно на бебето може без соодветна поддршка да изгледа како предизвик. Затоа, во УНИЦЕФ, се залагаме владите, општествата и системите да обезбедат поголема поддршка за жените што сакаат да дојат да можат да дојат – на пример, преку повеќе инвестиции во програми со кои се поддржува доењето, спроведување политики како што се платено породилно отсуство и паузи за доење, како и понуда на совети за доење како дел од рутинската здравствена заштита.
Ако се решите да доите, еве што покажуваат истражувањата за тоа како да бидете што поуспешни во доењето.
Зошто новороденчињата цицаат толку често
И мајчиното млеко и современите вештачки млека имаат многу шеќер, а малку масти. Ова значи дека бебињата го варат млекото многу бргу. Исто така, новороденчињата имаат мал желудник што прима само 20 мл, т.е. четири лажички течност одеднаш, па затоа често огладнуваат (и ожеднуваат).
Само врз основа на физиологијата на бебињата, некои истражувачи проценуваат дека новороденчињата треба да се хранат најмалку на секој час.
Но, вреди да се напомене дека многу малку бебиња природно се хранат во редовни интервали. Тие може да се нацицаат, потоа да не цицаат три часа, а потоа да цицаат трипати во наредниот час. Ова е нормално и не укажува на проблем, велат стручњаците.
Колку често треба да доите новороденче?
За мајките кои дојат, има уште повеќе причини за често доење: доењето е систем на понуда и побарувачка, во кој „нарачката“ за повеќе млеко се пренесува преку хормонот пролактин.
Кога бебето цица од дојката, нивото на пролактин кај мајката расте. Но, пролактинот е највисок околу 30 минути откако бебето ќе почне да цица. Ова е затоа што ваквиот пораст на пролактинот не се однесува на тековниот оброк – туку претставува вложување барање за млеко за следниот оброк.
Всушност, нивото на пролактин се зголемува само кога бебето цица од дојката. Кога бебето ќе се тргне од дојката, нивото на пролактин кај мајката повторно се намалува.
Ова започнува од раѓање. Всушност, во првите три или четири дена по породувањето, бебето поставено на градите е она што го активира мајчиното млеко.
„Колку почесто бебето се става на дојка, толку побргу се зголемуваат нивоата на пролактин“, вели Хелен Бол, директорка на Центарот за доенчиња и спиење во Дарам и истражувачка која ги проучува лактацијата и спиењето кај доенчињата, а е и членка на уредничкиот одбор на „Списание за човечка лактација (Journal of Human Lactation)“. „Кога пролактинот ќе достигне одреден праг, тогаш почнува да се лачи млеко.“
Во наредните неколку недели, овој процес произведува пролактински рецептори кои долгорочно ја одржуваат секрецијата на млекото.
Ова можеби е дел од причината зошто околу шестата или осмата недела, некои мајки мислат дека немаат доволно млеко, вели Бол. „Во голема мера се сомневам дека дел од тоа има врска со недоволно често доење во тие први шест недели“, вели таа.
Дали новороденчето треба да се храни ноќе?
Да. „Всушност, доењето е поважно ноќе – затоа што произведувате повеќе пролактин ноќе“, вели Бол.
Веројатно ова е дел од причината зошто, кога се користат кај бебиња под шест месеци, методите за навикнување на спиење со кои доенчињата се поттикнуваат да „спијат цела ноќ“ – а не да се будат за да цицаат – не само што општо се покажаа како неефикасни, туку можеби и го зголемуваат ризикот од прекин на доењето.
По шестмесечна возраст, на бебињата им се препорачува да започнат со јадење цврста храна. Меѓутоа, стручњаците за лактација велат дека ова не значи оти недоењето ноќе нужно е добра идеја. Повеќето цврсти храни коишто бебињата почнуваат да ги јадат се понекалорични и понехранливи од мајчиното млеко.
Патем, посебно ако мајката е оддалечена од бебето во текот на денот, многу бебиња се обидуваат да го „надоместат“ изгубеното време со повеќе цицање ноќе, вели Бол. Овие дополнителни оброци потпомагаат непрекинато лачење млеко кај мајката.
Дали треба да се обидете да ги „растегнете“ интервалите меѓу оброците?
Не, не треба да се обидувате да ги „растегнувате“ интервалите на хранење.
Освен ако нема проблем со пораст на телесната тежина или друг здравствен проблем, не мора да се грижите за бебе кое природно влегува во ритам на поретко цицање, особено ако е постаро од неколку недели.
Но, ова не мора нужно да се поттикнува.
Прво, нема никаква корист. Иако погрешните сфаќања за „растојание“ меѓу подоите опстојуваат – како на пример, идејата дека тоа помага градите да се „наполнат“ со млеко, да се обезбеди помасно млеко или дека тоа е неопходно за „целосни“ подои – ова се дезинформации.
„Градите никогаш нема да бидат празни“, вели Оливија Хинџ, сертифициран меѓународен консултант за лактација (IBCLC) и бабица од Велика Британија. „Секогаш ќе има околу 30 проценти млеко што ќе остане во градите. Тоа е како машина за мраз: мразот излегува, но потоа и влегува повеќе… Тоа не е ‘тргни, застани’, туку постојан, тековен механизам.“
Исто така, дојките го регулираат сопственото производство на млеко. Ако се празни почесто, се полнат почесто. А ако се полнат почесто, токму ова млеко има поголема содржина на масти – сосема спротивно од митот дека подобро е подоите да се „растегнуваат“.
Освен што нема потреба да се растега времето меѓу доењата, тоа може да биде и ризично. Бидејќи градите произведуваат млеко кога се празнат, пореткото празнење испраќа сигнал дека не мора да произведуваат толку многу млеко. Ова води кон помала секреција на млеко.
Колку долго треба да се дојат новороденчињата?
Сите бебиња се различни. Дури и новороденчињата ги има со различни форми, големини и метаболизми. Ова значи дека сите бебиња имаат различни потреби за исхрана – не само во однос на тоа колку често цицаат, туку и колку долго цицаат.
Исто така, некои бебиња се поефикасни при цицањето млеко од други, без оглед дали цицаат од гради или од шише. „Некои ќе имаат повеќе тешкотии, па затоа ќе се обидат да цицаат почесто зашто не примаат доволно млеко при секое доење“, вели Бол. „Има други што многу ефикасно ќе го цицаат млекото, па затоа ќе примат големо количество за краток временски период.“
Затоа, честото цицање, краткото или долгото цицање, не се знак дека бебето не добива доволно млеко.
Од истата причина, дезинформација е дека бебето мора да биде на дојката 20 или 30 минути за „целосно“ да се најаде. Единствениот начин да се знае дали бебето е сито е да се прочитаат сигналите за ситост на тоа бебе.
Значи… колку често треба да се хранат новороденчињата?
Разликите меѓу бебињата и важноста на доењето според знаците за глад на бебето, значат дека, на крајот на краиштата, многу е тешко да се одреди прецизна бројка за тоа колку често треба да се дојат новороденчињата.
„Дванаесетпати на ден на почетокот е во дозволените рамки“, вели Перез-Ескамила. „На крајот, може да биде околу седумпати на ден. А кога ќе се воведе дополнителна храна, бројот треба да опадне.“
Но, некои бебиња може да цицаат почесто, а некои помалку.
И бидејќи сите бебиња минуваат низ периоди на кластерско хранење – при што цицаат дури и почесто од обично, понекогаш и на секои неколку минути, честопати затоа што имаат или се приближуваат кон скок во растот – уште потешко е да се постави просек, па дури и опсег, за тоа колку често новороденчињата цицаат.
„Може да зборувате за просеци, но просеците секогаш кријат огромен опсег на варијации“, вели Бол. „Мислам дека би било навистина тешко да се одреди точна бројка.“
Наместо тоа, таа и други стручњаци за лактација советуваат, слушајте го своето бебе – а доколку доите, и своето тело, бидејќи дојките често ќе ви „трпнат“ или ќе дадат некој друг сигнал дека е „време“ за доење.
Иако зачестеноста на доењето сама по себе не укажува на никаков проблем со хранењето, ако многу честото цицање се јавува покрај други симптоми – како што се болни брадавици или набрекнатост – можеби вреди да се консултирате со стручно лице за да исклучите проблеми како на пример, врзан јазик.
Истовремено, некои новороденчиња може да бидат особено „поспани“ (особено доколку примале или биле изложени на лекови за време на породувањето). Затоа е важно да бидете сигурни дека вашето новороденче цица барем на секои два до три часа и, повторно, внимателно да ги следите пелените и накачувањето на тежината.
По првите неколку дена или недели, ако порастот на тежината е во ред и ако бебето не се буди само ноќе на секои два или три часа за да цица, обично е во ред да не го будите, но треба да се консултирате со неговиот здравствен работник.
„Секогаш, ама баш секогаш, растот и развојот на бебето треба да го следат квалификувани здравствени работници“, вели Перез-Ескамила.
Ако имате некаква загриженост околу хранењето на вашето дете, контактирајте со стручно лице.
Тука во УНИЦЕФ, знаеме дека доењето може да претставува предизвик. И веруваме дека со поддршка, доењето е возможно. Затоа се залагаме владите, општествата и системите да обезбедат поголема поддршка за жените што сакаат да дојат да можат да дојат – на пример, преку повеќе инвестиции во програми со кои се поддржува доењето, спроведување политики како што се платено породилно отсуство и паузи за доење, како и понуда на совети за доење како дел од рутинската здравствена заштита.