14 митови за доењето

"Доењето треба да биде на одредени временски интервали". Факт или фикција?

Mother in white dress sitting on the floor breastfeeding her child
UN0424942/Grigoryan
1. Мит: Доењето е лесно.

Бебињата се раѓаат со рефлекс да ја бараат дојката на мајка си. Но, на многу мајки им е потребна практична поддршка кога треба да го наместат бебето за доење и да се погрижат тоа правилно да цица. Доењето е вештина што мајките и бебињата ја учат заедно. Бара време и пракса, па на мајките им треба простор и поддршка дома и на работа.

 

2. Мит: Вообичаено е доењето да боли – болните брадавици се неизбежни.

Многу мајки доживуваат непријатност во првите неколку дена по породувањето кога учат да дојат. Но, со правилна поддршка при поставување на бебето за доење и негово правилно прилепување на дојката, болните брадавици може да се избегнат. Ако мајката се соочува со предизвици при доењето, како што се болни брадавици, поддршката од советник за лактација или друго квалификувано стручно лице може да ѝ помогне да го надмине проблемот.

 

3. Мит: Многу мајки не можат да произведат доволно млеко. 

Речиси сите мајки произведуваат соодветно количество млеко за своите бебиња. Создавањето на мајчиното млеко зависи од тоа колку добро бебето се прилепува за дојките, од зачестеноста на доењето и од тоа колку млеко исцицува детето при секој подој. 

Доењето не е обврска што мајката треба да ја носи сама. За успешно доење потребна е поддршка – стручни совети и насоки од здравствени работници, помош од семејството во секојдневните обврски, како и грижа за сопственото здравје преку доволен внес на течности, разновидна исхрана и одмор кога е тоа можно.

 

4. Мит: Доењето треба да биде на одредени временски интервали.

Бебето треба да се дои толку често и толку долго колку што сака самото, дење и ноќе. Тоа значи дека мајката реагира на знаците на глад на бебето и го дои без временско ограничување или на одреден распоред. Ова е најдобар начин за да се одржи создавањето на мајчино млеко во градите според потребите на бебето, како и напредок во телесната тежина. Ваквиот начин на доење подразбира дека доењето не е само исхрана, туку и љубов, утеха и емотивна врска меѓу бебето и мајката.

 

5. Мит: Новороденчето треба да се одвои од мајката за таа да се одмори. 

Лекарите, медицинските сестри и акушерките често ја охрабруваат практиката „кожа на кожа“ – позната и како „кенгурирање“ – веднаш по раѓањето. Ставањето на бебето во директен контакт, така што неговата кожа да биде на вашата, е многу важна практика која му помага да ја пронајде и да се прилепи на дојката. Ако ова можете да го вежбате во рок од еден час по породувањето и честопати потоа, полесно ќе воспоставите доење. Ако мајката не може да го прави тоа, тогаш може да се вклучи партнерот или друг член на семејството. 

 

6. Мит: Треба да ја смените исхраната додека доите.

Како и сите други, мајките кои дојат треба да имаат урамнотежена и здрава исхрана. Општо, нема потреба да се менуваат навиките во исхраната. Бебињата се запознаваат со различните вкусови уште додека се во мајчината утроба, а тие вкусови продолжуваат да ги чувствуваат и преку мајчиното млеко. Ако мајката забележи дека бебето ѝ реагира на одредена храна што ја јаде, најдобро е да се консултира со специјалист. 

 

7. Мит: Вежбањето ќе влијае на вкусот на вашето млеко.

Вежбањето е здраво и за мајките што дојат. Нема докази дека тоа влијае врз вкусот на вашето млеко. 

 

8. Мит: Нема да можете да доите доколку не го направите тоа веднаш.

Полесно е да започнете со доење ако тоа го направите во првиот час по породувањето, бидејќи рефлексите на бебето во тој момент се многу силни. Тоа е подготвено да научи да цица. Ако бебето не го прилепите на дојката веднаш по раѓањето, направете го тоа што поскоро според вашата ситуација. Ако ви треба помош да го ставите бебето на дојката, побарајте поддршка од квалификуван советник за лактација или друго квалификувано стручно лице. Честиот контакт кожа на кожа и ставањето на бебето на дојка ќе помогне да се активира доењето. 

 

9. Мит: Ако сакате да доите, никогаш не смеете да користите адаптирано млеко.

Некои мајки може да одлучат повремено да користат адаптирано млеко, а истовремено да продолжат со доењето. Во такви ситуации е важно да добијат објективни и стручно засновани информации за адаптираното млеко и другите производи што го заменуваат мајчиното млеко, за да можат да донесат информирана одлука.

За да се одржи производството на мајчино млеко, препорачливо е бебето да се става на дојка што е можно почесто. Доколку мајката сака да продолжи со доењето, консултација со советник за доење или друг обучен здравствен работник може да помогне да се изготви план кој најдобро одговара на потребите на мајката и бебето.

 

10. Мит: Не треба да доите ако сте болни.

Во повеќето случаи, мајките можат да продолжат со доењето и кога се болни, во зависност од видот на заболувањето.

Важно е да добијат соодветен третман, да одмораат доволно, да внесуваат доволно течности и да се хранат разновидно и балансирано. Доколку е потребно лекување, секогаш треба да се консултираат со лекар за терапија што е соодветна и безбедна за време на доењето.

Во многу случаи, антителата што телото на мајката ги создава за да се бори против инфекцијата преминуваат и во мајчиното млеко, помагајќи му на бебето да ја зајакне својата природна заштита.

 

11. Мит: Не смее да земате никакви лекови ако доите.

Важно е да го известите вашиот лекар дека доите и да ги прочитате упатствата за сите лекови што ги купувате без рецепт. Можеби е неопходно да земате лекови во одредено време или во одредена доза, или да земате алтернативна терапија. Исто така, треба да му кажете на лекарот на бебето за сите лекови што ги земате.

 

12. Мит: Бебињата што биле доени се емотивно зависни.

Сите бебиња се различни. Некои се емотивно зависни, а некои не, без разлика како се хранат. Доењето не само што ја обезбедува најдобрата исхрана за доенчињата, туку е важно и за нивниот мозок во развој. Доените бебиња многу се држат в раце, па затоа, се покажува дека доењето ја подобрува блискоста со мајката.  

 

13. Мит: Тешко е бебето да се одбие ако го доите повеќе од една година.

Нема докази дека е потешко да се прекине со доењето по една година, но има докази дека доењето до две години е корисно и за мајките и за децата. Сите мајки и бебиња се различни и треба заедно да одредат колку долго сакаат доење. 

 

14. Мит: Ако се вратите на работа, ќе мора бебето да го одвикнете од доење.

Многу мајки продолжуваат со доењето откако ќе се вратат на работа. Прво, проверете ги политиките во вашата земја и на вашето работно место. Ако имате право на време и место за доење во текот на работното време, можеби ќе може да отидете до дома и да доите, да побарате од член на семејството или пријател да ви го донесе бебето или да се одмолзете и млекото да го однесете дома. 

Ако немате можност да доите во текот на работното време, барајте моменти во текот на денот за да го одмолзите млекото и потоа директно да го нахраните бебето кога ќе бидете дома. Ако одлучите на бебето да му давате замена за мајчино млеко при одредени подои, сепак е многу добро да продолжите со доењето секогаш кога сте со вашето бебе.
 


Оваа статија е изработена во соработка со д-р Мишел Гризволд, доктор на науки, магистер по јавно здравство, медицинска сестра, меѓународно овластен советник за лактација. Д-р Гризволд е советник за лактација, регистрирана медицинска сестра, истражувач и застапник за доење. Таа ја претставува Меѓународната асоцијација на советници за лактација во Глобалниот колектив за доење на СЗО/УНИЦЕФ, кој ги повикува владите и општеството во целина да им ја пружат на мајките потребната поддршка за доење.