Како да знам дали моето бебе добива доволно мајчино млеко?
Доите? Може да е тешко да знаете дали вашето бебе прима доволно млеко. Еве ги знаците дека вашето бебе внесува – или не внесува – доволно млеко за да расте и да напредува.
Како и возрасните, и бебињата имаат различни форми, големини и метаболизми. На едно бебе може да му треба повеќе или помалку млеко отколку на друго. Кај возрасните, нашиот апетит и степенот на жед се менуваат зависно од тоа што сме правеле тој ден, колку сме се движеле или сме биле стимулирани, дали надвор е жешко или студено, или едноставно како се чувствуваме. Истото важи и за доенчињата. Всушност, бидејќи бебињата растат толку бргу, нивните потреби од ден на ден може да варираат дури и повеќе отколку кај возрасните. Тие минуваат низ нагли скокови и фази на раст, што значи дека понекогаш, може ненадејно да посакаат да се хранат 24 часа на ден (честопати наречено „кластерско хранење“).
Бебињата се различни и во однос на тоа колку ефикасно се хранат. Кога цицаат, некои бебиња го примаат целото млеко што им треба за пет минути. На други може да им требаат 30 минути. Некои може да се хранат четири или петпати дневно; други, 11 или 12 пати. Уште позбунувачки е што истото бебе може да сака различни количества од час на час, од ден на ден или од недела на недела.
Ова значи дека да најдете објективен начин за да „измерите“ дали вашето бебе добива доволно млеко може да претставува предизвик.
„Не може да сметате на тоа колку често се храни вашето бебе. Не може да се потпрете врз должината на подојот. Не може да си речете „Плаче ли? Дали е вознемирено?“, бидејќи ова може да значи 20 различни работи“, вели Ема Пикет, меѓународен сертифициран консултант за лактација од Велика Британија.
Дури и други знаци што многумина ги толкуваат како знаци дека бебето сè уште е гладно – како што е прифаќање шише по доењето – не мора нужно да укажуваат на тоа, велат специјалистите за лактација.
Па, како да препознаете дали вашето бебе доволно се нацицало? Кои се знаците дека можеби сака да ја смени дојката или целосно да престане да цица?
И најкрупното прашање од сите: Како да знаете дали вашето бебе воопшто добива доволно млеко за да расте и да напредува? Еве девет совети за да знаете дали вашето бебе прима доволно млеко.
1. Нека цица според потребите, а не според часовникот.
Истражувачите и специјалистите за лактација се согласни: важно е бебето да цица кога има потреба, што значи да му се понуди доење или шише кога ќе забележите дека е гладно, а не според часовникот или проценетото количество млеко. Кај доењето, цицањето по потреба е клучно за бебето да добива доволно хранливи материи и хидратација, како и за да се одржи доењето (и произведувањето млеко) онолку долго колку што се сака. Исто така, со доењето се поттикнува зближување меѓу мајката и бебето.
Но, не е секогаш лесно да знаете како да го храните според потребите (и кои се сигналите на бебето). Треба внимателно да го следите своето бебе, како пред, така и за време на хранењето.
„Ако бебето повеќе не сака да биде на дојката, тогаш ни кажува нешто“, вели Пикет. Тоа не значи секогаш дека сака целосно да заврши со цицањето; може да значи дека само сака да ја смени страната.
2. Познавајте ги сигналите на своето бебе со кои ви кажува кога е гладно, а кога сито.
Кои сигнали да ги барате за да знаете дали бебето завршило со цицање? Некои бебиња може да почнат да ја оттурнуваат дојката или да ја вртат главата настрана кога ќе им се понуди. Може да се клатат нагоре и надолу на дојката, да станат немирни, нервозни или да се врполат. Или може да бидат на дојката, но да не цицаат активно.
Кај новороденчињата, некои од овие однесувања може да се повеќе поврзани со имање гасови отколку со завршување на хранењето. Тргнете го бебето од градите и кренете го в раце за да ждригне и да го потапкате. „Но, ако сè уште не е задоволно во оваа положба, ни кажува нешто – па нема штета да му ја понудиме и другата страна“, вели Пикет.
Меѓутоа, ако се понуди втората страна, а однесувањето на бебето и натаму сигнализира дека не е заинтересирано, веројатно засега завршило со цицање.
3. Плачењето на бебето не мора да значи дека не прима доволно млеко.
Секако, нервозата или вознемиреноста често се знак дека бебето е гладно – а ставањето на градите е добар начин да се дознае тоа, велат стручните лица.
Но, плачењето не значи секогаш дека бебето е гладно. Најважно од сè, плачењето по доење не мора нужно да укажува на тоа дека бебето не се нацицало доволно.
„Бебињата ги соопштуваат емоциите на различни начини“, вели Рафаел Перез-Ескамила, водечки истражувач за лактација кај доенчиња и професор по јавно здравје на Универзитетот Јеил. „Тие плачат од многу причини – не секогаш затоа што се гладни. Може да има многу светлина во собата. Сакаат да се одморат. Многу луѓе им ги штипкаат обравчињата.“
Затоа, тој и другите стручњаци предупредуваат дека плачот на бебето, сам по себе, не е знак дека бебето не цицало доволно – иако, секако, не треба да е проблем пак да му се понуди дојката за да бидете сигурни.
4. Не заборавајте дека бебињата можат да цицаат и додека спијат.
Една популарна заблуда е дека цицањето додека бебето спие не му обезбедува храна. Ова може да ги загрижи мајките дека ако бебето често или секогаш заспива на дојката, не добива доволно млеко. Но, ова не е точно, а заспивањето на дојката само по себе не е причина за загриженост.
Всушност, многу е вообичаено бебињата да заспиваат на градите. Посебно малите доенчиња тешко остануваат будни додека цицаат. Препуштени на себе, тие обично ќе заспијат на првата страна, вели Пикет. Кога ќе се разбудат, можеби пак ќе посакаат да цицаат. Во тој момент, има смисла да ги ставите на другата страна.
Но, не треба да се грижите дека бебето кое заспало не се храни. Всушност, бебето сè уште внесува млеко – понекогаш изненадувачко количество – дури и додека спие.
„Рефлексите за хранење се неволеви рефлекси. Цицањето и голтањето се неволеви. Не мора да бидете будни за да ги правите“, вели Пикет. „Додека се во таа прва фаза од сонот, бебињата сè уште активно ќе се хранат. Сè уште ќе голтаат. Но, ќе бидат задоволни што се тука и што сè уште го добиваат она што им треба.“
Како што бебето навлегува во состојба на подлабок сон, така неговите мускули сѐ повеќе се опуштаат. Тогаш ќе видите како престанува да цица, се откачува од брадавицата и главата му паѓа од дојката. Освен ако не е препорачано од лекар, не мора да го будите за да го поттикнете да цица уште. И секогаш може повторно да му ја понудите дојката кога ќе се разбуди.
Проблемот со загриженоста околу цицањето при спиење, вели Пикет, не е само тоа што е непотребна, туку и тоа што тргањето на бебето кое дреме и цица на градите може да го засегне произведувањето млеко, а потенцијално дури и долгорочниот раст на бебето.
„Лицата што многу се загрижени околу бебињата кои заспиваат на градите, веројатно нема да имаат долгорочни позитивни резултати од доењето, бидејќи ќе ги тргаат бебињата коишто реално можеле да примат уште 20 или 30 проценти млеко доколку биле оставени на градите“, вели таа.
5. Не значи дека бебето што пие од шише по доењето не примило доволно млеко.
Една причина зошто многу семејства веруваат дека нивното бебе не добило доволно млеко е тоа што ќе му понудат шише по доењето, а бебето ќе го прифати.
Всушност, од истата причина поради која бебињата можат да цицаат додека спијат, можат да се хранат и од шише кога веќе се сити. „До околу три или четири месеци, бебето ќе има рефлекс на цицање, при што буквално сè што ќе му ставите в уста, ќе го цица“, вели Оливија Хинџ, IBCLC и бабица од Велика Британија.
Патем, млекото излегува од шишето многу побргу отколку од дојката, дури и ако има цуцла со бавен проток. Затоа, бебето можеби нема толку бргу да сигнализира дека е сито, на пример со обид да го оттурне шишето или со плачење.
Не постои иста загриженост околу прејадување кај доењето, бидејќи доењето бара поактивно учество на бебето. Стимулацијата на дојката од бебето покренува таканаречен „рефлекс на исфрлање млеко“. Овој рефлекс – при што млекото „прска“ од дојката – се случува само кога бебето ја стимулира дојката со големо движење на јазикот, а тоа се случува само периодично во текот на еден подој. Ако бебето е сито, нема да ја стимулира дојката за исто количество млеко.
6. Знајте кои се (а кои не се) знаците на слабо лачење млеко.
На многу доилки им се кажува дека одредени симптоми се знак на слабо произведување млеко, а не се, велат специјалистите за лактација.
На пример, омекнувањето на градите не е знак за намалено млеко. Ниту тоа што од градите веќе не тече млеко, ниту пак тоа што менструацијата се враќа.
Една голема заблуда во врска со пумпањето мајчино млеко, вели Хинџ. Таа често советува родители кои истиснуваат само малку млеко, а потоа се загрижени дека тоа значи оти нивното бебе прима само малку млеко додека цица. Но, процесите се сосема поинакви. „Механизмот на пумпата е многу груб во споредба со устата на бебето“, вели Хинџ. „Ослободувањето на мајчиното млеко зависи од окситоцинот. Значи, држењето на вашето убаво, топло, пријатно бебе со многу меко, свиленкасто, ритмичко движење на устата, и потоа неверојатниот ритам на цицање и перисталтиката на јазикот, е толку умно и толку различно од пумпата. Па, можеби вашето тело само вели: ‘Не ја сакам пумпата, го сакам бебето.’“
7. Ако се прашувате дали бебето активно цица, слушајте го голтањето.
Важно е да ги следите сигналите за глад и ситост кај вашето бебе, па знаењето е важно. Но, друг показател може да биде звукот што го испушта бебето додека се храни.
„Гласното голтање е показател за успешно доење“, вели Пикет. „Идеално, во тивка просторија – особено ако бебето не сме го доеле подолго време – треба да слушаме гласно голтање.“
Исто така, корисно е да се препознае како изгледа голтањето. Обично, тоа вклучува спуштање на брадата, пауза за момент, а потоа повторно кревање на брадата. Еве едно видео за видот на голтање на кој треба да се внимава.
8. Ако сте загрижени дали бебето добива доволно млеко во целина, еве ги знаците на кои треба да обрнете внимание.
Времето или следењето на подоите не е сигурен начин да се утврди дали бебето прима доволно млеко. Ниту пак ако бебето цица од шише, заспива на градите, па дури и плаче. А и многу од знаците што ги поврзуваме со немање доволно млеко, исто така, не се сигурен начин.
Па, како да знаеме дали бебето добива доволно млеко или не?
„Ќе ја погледнете целата слика“, вели Пикет – поточно, колку му се „полни“ пелените на бебето и колку накачило на тежина.
Всушност, единствениот вистински начин да се знае дали бебето добива доволно млеко е да се следат неговиот раст и пелени. Знаци дека нема доволно млеко се: губење тежина на бебето од над 7 проценти, помалку од шест влажни пелени дневно и помалку од три празнења на цревата дневно (по првите четири дена од животот).
„Секогаш, ама баш секогаш, растот и развојот на бебето треба да го следат квалификувани здравствени работници“, вели Перез-Ескамила.
Ако сте загрижени, важно е да разговарате со здравствениот работник на вашето бебе.
9. Пред сè, слушајте го своето бебе – а не Гугл.
Вистината, велат специјалистите за лактација, е дека – освен општите правила како што се „полните“ пелени и зголемувањето на тежината – не постои еден единствен список на знаци што сите бебиња ги користат за да сигнализираат кога примаат доволно млеко или кога сè уште се гладни. Токму затоа, набљудувањето на сопственото бебе е толку корисно.
„Многу прашања поврзани со доењето немаат цврсти и брзи одговори“, вели Пикет. „Ќе забележите многу сигнали кои се потсвесни, за кои дури и не знаете дека ги забележувате.“
Тука во УНИЦЕФ, знаеме дека доењето може да претставува предизвик. И веруваме дека со поддршка, доењето е возможно. Затоа се залагаме владите, општествата и системите да обезбедат поголема поддршка за жените што сакаат да дојат да можат да дојат – на пример, преку повеќе инвестиции во програми со кои се поддржува доењето, спроведување политики како што се платено породилно отсуство и паузи за доење, како и понуда на совети за доење како дел од рутинската здравствена заштита.