Како да го дисциплинирате вашето дете на вистински начин
Позитивна дисциплина за подобро ментално и физичко здравје и за среќно детство.
Секој родител се соочува со ситуација кога не знае како да го дисциплинира своето дете. Без оглед дали си имате работа со мало дете кое постојано вреска или со лут тинејџер, понекогаш е тешко да се остане смирен. Ниеден родител не сака да се најде во таква ситуација, но важно е да се знае дека викањето и физичкото казнување никогаш не помагаат.
За среќа, постојат и други, поефективни начини, а еден од нив е позитивното дисциплинирање. Ја консултиравме Луси Клавер, професорка по социјална работа со деца и семејства на Универзитетот во Оксфорд и мајка на две мали момчиња, за да истражиме како пристапот може да им помогне на родителите да изградат позитивни односи со своите деца и да ги научат на одговорност, соработка и самодисциплина.
Нема лоши деца, само лошо однесување.
Зошто позитивна дисциплина?
„Родителите не сакаат да им викаат или да ги удираат своите деца. Тоа го правиме затоа што сме под стрес и не гледаме друг начин“, вели професорката Клавер.
Доказите се јасни: викањето и удирањето едноставно не делуваат и долгорочно може да направат повеќе штета од корист. Постојаното викање и удирање може дури и негативно да влијае на целиот живот на детето. Продолжениот „токсичен стрес“ што притоа се создава може да доведе до низа негативни исходи како што се поголеми шанси за напуштање на училиштето, депресија, употреба на дрога, самоубиство и срцеви заболувања.
„Тоа е исто како да кажете: земи го леков, нема да ти помогне, ама ќе те доразболи“, вели професорката Клавер. „Кога знаеме дека нешто не функционира, имаме добра причина да побараме поинаков пристап.“
Наместо казнување и кажување што да не се прави, пристапот на позитивна дисциплина става акцент врз развивање здрав однос со вашето дете и утврдување кои се очекувањата на родителот во однос на однесувањето. Добрата вест за секој родител е дека пристапот носи плод и еве како може да почнете да го применувате:
1. Испланирајте време само со детето
Времето поминато „еден на еден“ е основа за градење на секој добар однос, а уште повеќе со вашите деца.
„Тоа може да биде 20 минути дневно. Или дури 5 минути. Може да го комбинирате со нешто како миење садови заедно додека пеете песничка или додека си муабетите кога закачувате алишта за сушење“, вели професорката Клавер. „Најважно е во тие моменти целото ваше внимание да биде насочено кон детето. Исклучете го телевизорот, оставете го телефонот настрана, спуштете се на неговото ниво и бидете целосно присутни. Тоа време е само за вас двајца.“
2. Пофалете го позитивното
Како родители, често се фокусираме врз лошото однесување на нашите деца и да го корегираме. Децата ова може да го прочитаат како начин да ви го привлечат вниманието и да продолжат со лошото однесување, наместо да прекинат.
Децата напредуваат кога добиваат пофалби. Така се чувствуваат сакани и посебни. „Обрнете внимание кога прават нешто добро и пофалете ги, дури и ако тоа се само пет минути играње со братот или сестрата“, препорачува професорката Клавер. „Ова може да поттикне добро однесување и да ја намали потребата од дисциплинирање.“
3. Поставете јасни очекувања
„Многу поефикасно е да му кажете на вашето дете што точно сакате да прави отколку да му кажете што да не прави“, вели професорката Клавер. „Кога ќе побарате од дете да не прави неред или да биде добро, тоа можеби не знае точно што се очекува од него“. Јасните упатства како „Те молам, собери си ги играчките и стави ги во кутијата“, посочуваат јасно очекување и ја зголемуваат шансата детето да го направи тоа што го барате.
„Но, важно е да се постават реални очекувања. Да ги замолите да молчат цел ден веројатно нема да биде изводливо како што е изводливо да побарате 10 минути тишина додека зборувате на телефон“, вели професорката Клавер. „Знаете за што е способно вашето дете. Но, ако го побарате невозможното, тоа нема да успее.“
4. Креативно пренасочете го вниманието
Кога вашето дете станува напорно, корисна стратегија е да му го одвлечете вниманието кон некоја позитивна активност, вели професорката Клавер. „Ако го пренасочите кон нешто друго – со менување на темата, започување игра, одење во друга просторија или одење на прошетка, може успешно да му ја пренасочите енергијата кон позитивно однесување.“
Вистинскиот момент е пресуден. Пренасочувањето на вниманието значи и да забележите кога работите тргнуваат наопаку и да преземете нешто. Следењето кога вашето дете станува нервозно, раздразливо или вознемирено, или кога братот и сестрата се фаќаат за иста играчка, може да помогне да се избегне потенцијален проблем.
5. Применувајте мирни последици
Дел од растењето е да се научи дека ако направите нешто, може да се случи нешто друго како резултат на тоа - односно дека секоја постапка има свои последици. Ако ова му го објасните на вашето дете, применувате едноставен процес со кој поттикнувате подобро однесување, истовремено учејќи го на одговорност.
Прво, дајте му на вашето дете шанса да постапи како што треба, објаснувајќи му ги последиците од неговото лошо однесување. На пример, ако сакате да престане да чкрта по ѕидовите, може да му кажете да прекине затоа што ќе му го завршите времето за игра. Со ова, му се дава предупредување и можност да го промени однесувањето.
Ако не прекине, постапете според предупредувањето смирено и без лутина, „и дајте си признание за тоа – не е лесно!“ додава професорката Клавер.
Ако прекине, пофалете го, препорачува професорката Клавер. „Она што всушност го правите е создавање позитивна средина за меѓусебна комуникација со вашето дете. Се покажа дека мирните последици успешно помагаат децата да научат што се случува кога се однесуваат лошо.“
Доследноста е еден од најважните принципи на позитивното родителство. Затоа е важно да го исполните тоа што сте го кажале, но и последиците да бидат реални и соодветни на ситуацијата. „Може да му го одземете телефонот на тинејџер еден час, но тешко би останале доследни една недела“.
Дружење со помалите деца
Времето поминато еден на еден со детето може да биде забавно, а притоа не чини ништо. „Може да ги имитирате нивните изрази, да удирате со лажици по лонците или заедно да пеете“, додава професорката Клавер. „Постојат извонредни истражувања што покажуваат дека играњето со децата го поттикнува развојот на нивниот мозок.“
Дружење со поголемите деца
Исто како и помалите деца така и тинејџерите бараат пофалби и сакаат да се сметаат за добри. Времето поминато со вас „еден на еден“ сè уште им е важно. „Сакаат кога танцувате низ собата со нив или се впуштате во разговор за омилениот пејач“, вели професорката Клавер. „Можеби секогаш не го покажуваат тоа, но им се допаѓа. А и тоа е успешен начин за градење однос според нивни услови.“
Додека поставувате очекувања, „замолете ги да помогнат при смислувањето правила“, сугерира професорката Клавер. „Седнете ги и обидете се да се согласите за тоа што смее, а што не смее да се прави дома. Исто така, може да помогнат да се одлучи какви ќе бидат последиците од неприфатливо однесување. Вклучувањето во процесот им помага да увидат дека сте свесни дека стануваат свои луѓе.“
Совети за родителите во стресни ситуации
Во продолжение следуваат неколку совети што можат да им помогнат на родителите полесно да се справат со стресните моменти и секојдневните предизвици.
1. Пауза
На сите ни е познат стресот кога нашето дете е тешко за контролирање. Токму тогаш е важно да застанете за момент и свесно да се смирите пред да реагирате. Стиснете „пауза“, како што вели професорката Клавер. „Петпати вдишете длабоко, бавно и внимателно, и ќе забележите дека може да изреагирате помирно и попромислено. Родители од целиот свет велат дека токму оваа кратка пауза им помага најмногу.“
2. Повлечете се
Родителите често забораваат да се грижат за себе, вели професорката Клавер. „Одвојте малку време за себе, како на пример кога децата спијат, за да правите нешто што ве усреќува и ве смирува. Навистина е тешко за сѐ исправно да постапите како родител, ако не сте си дале оддишка.“
3. Честитајте си
Лесно е да се заборави неверојатната работа што ја правите секојдневно како родител и треба да си припишете заслуга за тоа, советува професорката Клавер. „Секој ден, можеби додека ги миете забите, одвојте миг и прашајте се: „Што е едно нешто каде навистина добро постапив со моите деца денес?“ И само бидете свесни дека сте направиле нешто одлично.“