Еден тим за секое дете! Нулта дискриминација.
Заедничка кампања за секој спортски терен, секое училиште и секоја заедница да бидат безбедно и инклузивно место за децата.
Секое дете има право да расте, да игра, да учи и да напредува без дискриминација.
Сепак, предрасудите и стереотипите - без разлика дали се засновани на етничка припадност, пол, попреченост или социјална позадина - и понатаму ги ограничуваат правата, учеството и благосостојбата на децата.
Дискриминацијата им штети на децата. Инклузијата им помага да напредуваат.
⚽ Фудбалот, со својата култура на тимска работа и фер игра, претставува моќна платформа за промовирање на инклузијата, обединување на заедниците и поттикнување позитивни промени. Кога играчите, тренерите, настаниците, родителите и децата се дел од оваа промена, можеме да создадеме средини во кои секое дете се чувствува добредојдено, почитувано и безбедно.
Има место за сите во нашиот тим!
За кампањата
„Еден тим за секое дете! Нулта дискриминација“ е заедничка иницијатива предводена од УНИЦЕФ, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Надоврзувајќи се на претходната кампања #ЕденТим, оваа национална иницијатива започна на Светскиот ден на детето 2025 со заеднички настан поддржан од Министерството за образование и наука.
Кампањата ги обединува децата, фудбалерите, тренерите, родителите и наставниците за да се подигне свеста за дискриминацијата, предрасудите и стереотипите — со посебен фокус на девојчињата, децата Роми и децата со попреченост — и да се зајакне препознавањето, реагирањето и пријавувањето на дискриминацијата преку официјалните механизми на Комисијата.
Што треба да се направи
За да се осигураме дека секое дете може да расте, да игра, да учи и да напредува без дискриминација, фудбалските клубови, училиштата, семејствата, заедниците и институциите сите имаат своја улога.
Заедно можеме да создадеме средини во кои секое дете се чувствува почитувано, прифатено и безбедно:
1. Да се спротивставиме на предрасудите и стереотипите каде и да се појават
Активно да се адресираат ставови и однесувања што доведуваат до дискриминација, особено оние што ги засегаат девојчињата, ромските деца и децата со попреченост, и да се создадат средини во кои децата се чувствуваат безбедно да го искажат своето мислење.
2. Да изградиме простори каде што секое дете навистина припаѓа
Да се промовираат вредностите на фер игра, почит и тимска работа, така што секое дете, без оглед на својата позадина или способности, се чувствува добредојдено на теренот и во заедницата.
3. Да се зајакне препознавањето и пријавувањето на дискриминацијата
Да се осигураме дека децата, родителите, тренерите и наставниците знаат како да препознаат дискриминација, каде да ја пријават и како официјалните механизми за заштита ги штитат правата на децата.
Што значи „Еден тим“?
Ги прашавме момчињата и девојчињата од фудбалски клубови низ целата земја што значи за нив #ЕденТим?
Еднакви можности. Фер игра. Добредојде за сите.
Нивните мислења нѐ потсетуваат дека инклузијата не е комплицирана. Децата веќе знаат што значи да припаѓаш.
Погледнете ги видеата за да слушнете што значи „Еден тим“ со нивни зборови.
Фудбалерска заклетва
Фудбалерската заклетва беше создадена во рамките на кампањата, заедно со момчиња и девојчиња од ФФМ Академија и младинските фудбалски клубови. На интерактивна работилница, младите фудбалери и фудбалерки заеднички ги дефинираа вредностите што, според нив, треба да го водат секој фудбалски терен: почит, фер игра, храброст да се реагира и поддршка за секој соиграч.
Го покануваме вашиот клуб, тим, училиште или група од заедницата, да застане заедно со децата, да даде заклетва и да се заложи за креирање место за сите.
Активности во училишта и фудбалски клубови
Како дел од кампањата, до училиштата и фудбалските клубови низ целата земја беше споделен пакет со материјали, наменет да им помогне на наставниците и тренерите да водат отворени разговори со децата за правичност, инклузија и дискриминација во спортот и во секојдневниот училиштен живот.
Пакетот содржи:
- презентација (на македонски и албански јазик),
- кратко видео со насоки за користење и
- практични алатки и прашања за дискусија со учениците.
Овие материјали им помагаат на училиштата да ги вклучат учениците во препознавање на дискриминацијата, промовирање на фер игра и создавање средина во која секое дете се чувствува безбедно и прифатено.
Училиштата и клубовите кои дополнително сакаат да се вклучат во активноста можат да ги преземат материјалите и да ги користат во наставата или во спортските активности.
Приклучи се и помогни пораката да се прошири
📣 Сподели го твојот #ЕденТим момент
Објави фотографија, рил или стори и покажи што значи инклузијата во спортот за тебе. Користи ги хаштазите #ЕденТим #НултаДискриминација
📲 Сподели и тагни нѐ
Сподели ги нашите рилови, сторија и пораките од играчите и помогни пораката да стигне до повеќе луѓе.