Северна Македонија ја доби првата серија вакцини против КОВИД-19 преку механизмот КОВАКС

28 Март 2021
COVAX
UNICEF/2021/Georgiev

Скопје, 28 март 2021 година – Денес Северна Македонија ја доби првата серија од 24.000 дози вакцини АстраЗенека/Оксфорд произведени од АстраЗенека-СКБио (Република Кореја) преку механизмот КОВАКС, партнерство меѓу Коалицијата за иновации за епидемиска подготвеност, ГАВИ, УНИЦЕФ и СЗО.

“Првите  граѓани кои ќе бидат имунизирани со оваа пратка вакцини, се хронично болните и лица над 75-годишна возраст, како ризична група. Масовната вакцинација ќе започне во среда во здравствените домови. Во текот на април се очекува да стигнат преостанатите 76 илјади ‘АстраЗенека’ преку КОВАКС механизмот“, рече Венко Филипче, министер за здравство.

„Пристигнувањето на вакцините преку КОВАКС денес, претставува значаен момент за подобра заштита на оние на кои тие им се најпотребни: здравствените и другите работници во првите редови, постарите лица и лицата кои страдаат од хронични состојби, а живеат во страв од инфекцијата“, рече д-р Џихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија. „Време е да се пофали Министерството за здравство за сериозните напори на осврнување кон сите сложени аспекти на вакцинацијата против КОВИД и за утврдување на флексибилен план за вакцинација. Нашите партнери покажаа извонредна солидарност, поддржувајќи го КОВАКС финансиски, политички и локално, кревајќи го гласот во прилог на иницијативата КОВАКС. Но, има уште многу да се направи. Никој од нас не е безбеден сè додека сите не бидеме безбедни“, додаде д-р Тавила.

„УНИЦЕФ е партнер на КОВАКС во набавката на вакцините за КОВИД-19 и навистина ми е драго што ја поддрживме оваа дистрибуција“, рече Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ. „Пандемијата на КОВИД-19 сериозно влијае врз животот на децата и младите, а имунизацијата ќе биде важен чекор кон закрепнување, вклучително и кон безбеден и целосен пристап до виталните услуги. Вакцините против КОВИД нудат надеж, но како што ќе продолжуваат да бидат достапни, мора да запомниме дека превентивните мерки како што се физичкото растојание, маските, вентилацијата и хигиената на рацете треба да продолжат и по вакцинирањето.“

„КОВАКС не е само инструмент за праведна дистрибуција на животно спасувачките вакцини, туку и стратегија за брзо сузбивање на пандемијата, спасување животи, заштита на здравствените системи и обновување на глобалната економија. Уште поважно, тој е најдобар пример за тоа како оваа пандемија што нѐ засега сите може да се победи само ако сите работиме заедно“, рече Росана Дуџиак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија.

Нашата земја е дел од самофинансирачките земји и економии кои учествуваат во механизмот КОВАКС. За овие земји, механизмот служи како битна осигурителна полиса, па со здружување средства преку него, земјите и економиите-учеснички всушност помагаат да се зголемат шансите на светот да добие вакцини против КОВИД-19. 

Како најголем дистрибутер на вакцини во светот, набавувајќи над 2 милијарди дози годишно за рутинска имунизација и одговор на епидемии во име на скоро 100 земји, УНИЦЕФ во земјите ги координира и ги поддржува набавката, меѓународниот транспорт и дистрибуцијата на вакцини против КОВИД-19 преку механизмот КОВАКС.

СЗО има повеќе улоги во рамките на КОВАКС: обезбедува нормативно водство за политиката, регулирањето, безбедноста, истражувањето и развивањето на вакцините, итното користење, распределбата, подготвеноста на земјите и испораката. СЗО ја поддржуваше Северна Македонија во напорите да се подготви за вакцините како што е овој момент. Ова значи помош при изработката на национален план за вакцинација, поддршка за инфраструктурата со студен синџир и обука на оние што ја спроведуваат вакцинацијата.

Обединетите нации ја препознаваат глобалната соработка што стои во основата на КОВАКС, овозможена со великодушната поддршка од многу партнери.

КОВАКС, столбот за вакцини на Акцелераторот за пристап до алатки за КОВИД-19, заеднички го водат Коалицијата за иновации за епидемиска подготвеност (ЦЕПИ), Гави, (Алијансата за вакцини Гави) и Светската здравствена организација (СЗО) - кои работат во партнерство со УНИЦЕФ како клучен имплементирачки партнер, но и со граѓанските организации, производителите на вакцини, Светска банка и други.

Целта на иницијативата КОВАКС е на државите да им се обезбеди рамноправен и финансиски достапен пристап до безбедни и ефективни вакцини против КОВИД-19, без оглед на нивниот степен на приход. 

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.