Заштитени заедно – редовните вакцини за деца делуваат

Министерството за здравство и УНИЦЕФ отпочнаа со национална кампања за редовна имунизација на децата

26 Април 2023
Patrizia DiGiovanni, UNICEF Representative.
UNICEF/2023

Скопје, 26 април 2023: Со посетата на пунктот за имунизација во Поликлиниката “Букурешт“ заменик-министерката за здравство, д-р Маја Манолева, претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани и Горан Кочински, национален офицер за имунизација од Канцеларијата на Светската здравствена организација отпочна националната кампања за редовна имунизација на децата „Заштитени заедно – редовните вакцини за деца делуваат“, поддржана од УНИЦЕФ.

Кампањата има за цел да се справи со колебливоста на родителите и старателите во процесот на донесување одлуки за вакцинирање на своите деца преку градење доверба во научните достигнувања, потенцирајќи дека пропуштањето или одложувањето на вакцинацијата ги доведува децата во ризик да заболат од болести кои може да се спречат со вакцина.

„Факт е дека КОВИД пандемијата имаше негативен ефект врз процесот на редовната имунизација на децата, како на глобално ниво, така и кај нас. Оваа година драго ми е што гледаме дека тој тренд се менува. Иако имаме подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, сакам да потенцирам дека сѐ уште не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет, утврден и со програмата за задолжителна имунизација – 95% на национално и 90% на локално ниво. Токму затоа продолжуваме интензивно да работиме на оваа тема“, рече заменик-министерката за здравство, д-р. Манолева.

Protected together
UNICEF/2023

Сите вакцини за деца кои се примаат до 12 месеци,  со исклучок на пневнококната и рота вакцината, воведени во 2019 година, имаат достигнато опфат од околу 84%.

Пораст на националниот опфат има и кај МРП вакцината; минатата година за првата доза имаше покриеност од 70.4%, оваа година има благо покачување на 70.7%. Втората доза минатата година изнесуваше 80.4%, а оваа година има значителен раст и достигнува над 89% покриеност на национално ниво.

Оваа година е забележано и значително покачување на опфатот со ХПВ кој во 2021 изнесувал 35.5%, а оваа година е над 50%.

„Редовните вакцини за деца се докажано безбедни и ефикасни и секоја година спасуваат 2 до 3 милиони деца од смртоносни болести на глобално ниво. Ги повикуваме сите родители – не одложувајте ја вакцинацијата. Апелираме до родителите и негувателите да им ја обезбедат на нивните деца заштитата што ним им ја обезбедиле нивните родителите во минатото. Во 21-от век не смееме свесно да ги загрозуваме животите на децата и да ги изложуваме на ризик од болести што може да се спречат со вакцини и кои се докажани како безбедни и високоефикасни,“ рече претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Protected together
UNICEF/2023

Во националната кампања поддржана од УНИЦЕФ здравствени работници, педијатри, вработени во вакцинални пунктови и гинеколози ќе зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата, како и бенефитите од вакцините за деца кои се најефикасниот начин за заштита на нивното здравје.

„Од суштинско значење е за родителите да ја разберат важноста на надополнување на одложени или пропуштени дози на вакцина за своите деца. Во исто време, мора да продолжиме со напорите да ги направиме вакцините лесно достапни во Република Северна Македонија. Сите партнери во државата во изминатите години работевме на иденфикацијата на невакцинираните и нецелосно вакцинираните лица и на олеснувањето на пристапот до вакцините“, рече Горан Кочински, преставникот на СЗО. Национален офицер за Имунизација на СЗО  во Северна Македонија.

Преку кампањата ќе се промовира и новата дигитална платформа Е-здравство, која содржи посебен дел посветен на имунизација и ги интегрира сите информации за вакцините на едно место. Повеќе информации за кампањата ќе најдете овде https://uni.cf/3LckNge.

 

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.