Преку искуствено учење до подобро образование за животната средина и климатските промени
Наставниците од основните училишта и воспитувачите од градинките воведуваат настава за климатските промени преку експерименти и практична работа
Скопје, 5-6 октомври 2022 г.: На Светскиот ден на наставниците, воспитувачите и наставниците од околу 100 градинки и училишта ќе учествуваат на дводневна конференција за да дискутираат како да се интегрира искуственото учење во наставните програми, како поткрепа на учењето за животната средина и климатските промени во предучилишното и основното образование.
Како резултат на партнерството меѓу Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ и партнерите, учесниците на конференцијата ќе имаат можност да споделат искуства од оваа иницијатива за развој на капацитетите во областа на искуственото учење.
На првиот ден од конференцијата ќе учествуваат наставници од основните училишта кои се вклучени во иницијативата, додека на вториот ден ќе учествуваат воспитувачи од градинките. На конференцијата особено внимание ќе им се посвети на професионалните заедници за учење преку кои наставниците и воспитувачите ќе може да продолжат да го споделуваат своето знаење, совети и алатки со кои ќе се обезбеди широка примена на искуственото учење во училиштата.
„Учењето преку игра им овозможува на децата да ги изразат и прошират начините на кои се разбираат себеси и влијанието што го имаат на светот околу нив,“ рече Јованка Тренчевска, министерката за труд и социјална политика. „Конференцијата дава одлична можност воспитувачите кои учествувале во програмата, да ги поддржат колегите и да ги споделат со нив вештините и знаењето“.
Изминатите две години, воспитувачите и наставниците од основните училишта учествуваа во иницијативата на УНИЦЕФ и партнерите за градење на капацитетите преку експерименти, практични активности и преку критички осврт на нивното стекнато искуство. Иницијативата беше креирана со цел да се обезбедат нови пристапи со кои ќе им се помогне на учениците подобро да ги поврзат работите што ги учат на училиште со секојдневниот живот.
„Наставниците покажаа дека знаењето не мора да се пренесува само со помош на книги и предавања, туку и преку интеракција и практична примена на знаењето,“ рече нејзината екселенција Ами Ларсон Јаин, амбасадорка на Шведска во Северна Македонија. Дополнително, амбасадорката потенцираше за да се подготват учениците за динамична иднина полна предизвици, потребен е флексибилен и иновативен образовен систем.
„Климатската криза е прашање на детските права. Начинот на кој децата ја разбираат климата и кризата на животната средина е пресуден за нивната вклученост и влијание во општеството. Од оваа причина, воведувањето на образование за животната средина уште од најрана возраст е од суштинска важност за начинот на кој ќе одговориме на најголемиот предизвик на нашето доба - климатските промени и уништувањето на животната средина,“ изјави Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ. „Многу ни е драго што наставниците и воспитувачите вклучени во оваа иницијатива знаат како да ги применуваат експериментите во наставата и учењето. Со пристапите за учење преку игра се преобликуваат образовните искуства на децата, се зголемува мотивацијата за учење и се постигнуваат подобри резултати. Кога сложените научни концепти се совладуваат преку експерименти, се стимулира љубопитноста кај децата и децата продолжуваат да учат целиот свој живот“.
„Досега над 10.000 деца од градинките и основните училишта учествуваа во спроведување на експериментите и практичните активности и дадоа неверојатни повратни информации. Од нашето искуство со организирање искуствено учење за климата и за животната средина, можеме со сигурност да заклучиме дека ова е една од најважните методи да се продлабочи знаењето на децата за феномените од животната средина и за начинот на кој нашето однесување влијае на еко-системите,“ изјави Никола Нешкоски, директорот на невладината организација „Еко Логик“.
Наставата за темите поврзани со животната средина и климатските промени преку експерименти и практична примена е дел од програмата „Оспособување на децата и младите луѓе да бидат двигатели на промените за да ја намалат ранливоста на климатските промени за заедниците“ финансирана од Шведска и спроведена од националната канцеларија на УНИЦЕФ во Северна Македонија.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.