ОНЛАЈН-ПОДДРШКА ЗА УЧЕЊЕ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

27 Април 2020
A girl working on a computer
UNICEFMK

Скопје, 27 април 2020 година – Денес започна со работа онлајн платформата за поддршка при учењето и развојот на децата со попреченост која беше изработена во соработка со Министерството за труд и социјална политика и во партнерство со организацијата која промовира асистивна технологија „Отворете ги прозорците“.

„Откако привремено се затворија училиштата, УНИЦЕФ ја поддржува Владата во обезбедување настава на далечина со цел да се обезбеди континуитет и да им се помогне на родителите, старателите и децата да пристапат до ресурси за далечинско образование и поддршка,“ рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Но, децата со попреченост имаат потреба од дополнителна поддршка, индивидуализиран пристап и модифицирани часови за да продолжат да учат дома. Мора да се погрижиме родителите и во овој период да ја добиваат неопходната поддршка, а децата да имаат пристап до иновативни услуги со кои ќе се стимулира нивниот развој и континуирано учење.“

Бидејќи мрежите за поддршка на кои се потпираа родителите привремено не се достапни поради мерките против пандемиската криза со КОВИД-19, многу родители на деца со попреченост се принудени целодневно да ја играат улогата на наставници и старатели, поучувачи и терапевти.

За да се пополни оваа празнина, со онлајн-услугата преку специјални едукатори и логопеди, родителите ќе добијат помош во изработка на индивидуализиран план за онлајн-поддршка на нивните деца. Услугата која се заснова на пристапот насочен кон личноста на децата има за цел да го поттикне нивниот развој во  четири различни области:  рана стимулација на развојот, употреба на компјутери и интернет, логопедски услуги и советодавна/консултативна поддршка на сите старатели и негуватели во домот.

“Преку платформата децата со попреченост добиваат помош за полесно да следат настава, да го организираат слободното време или да унапредат некоја компјутерска вештина. Платформата е добредојдена и за родителите кои ќе дознаат како низ игра компјутерот или таблетот да го користат како алатка за развој на нивното дете со попреченост. Најзначајно е што поддршката за секое дете со попреченост ќе биде индивидуална, прилагодена на личните потреби на секое дете“, рече Санела Шкријељ, дополнителна заменик министерка за труд и социјална политика.

Онлајн платформата е достапна за сите деца со попреченост. Родителите и старателите може да го регистрираат своето дете за индивидуализирана поддршка при учење на следниве броеви: 072/275 211 и 078/282 662 за поддршка на македонски, 071/989 822 за поддршка на албански, секој работен ден од 9:00 до 17:00 часот.

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.