Нова дигитална наставна платформа за поддршка на учењето од далечина за децата кои привремено не одат на училиште поради КОВИД-19

24 Март 2020
Print screen of the web classroom platform
UNICEFMK

Нова дигитална платформа со видео-настава и активности за учење преку игра сега се достапни на http://eduino.gov.mk/

 

СКОПЈЕ, 24 март 2020 година – Во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на образованието и партнерите, УНИЦЕФ денес ја пушти во употреба Е-училница - дигиталната платформа преку која наставниците добиваат алатки за поддршка на учењето од далечина за децата кои привремено не одат на училиште поради КОВИД-19.

Првично планирана да биде пуштена кон крајот на оваа година, по затворањето на училиштата на 10 март, УНИЦЕФ и партнерите ги мобилизираа сите достапни ресурси за платформата веднаш да ја стават на располагање, додавајќи дополнителни функции, заедно со видеа на предавања од наставници.

„Нашите тимови деноноќно работеа во изминативе две недели за да изнајдат решенија со кои ќе се овозможи да не се наруши правото на образование на децата поради новововедената мерка за спречување на ширењето на корона вирусот во земјата“, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Степенот на солидарност кај сите што работат во образовниот сектор заедно со наставниците кои волонтираа за да ја поддржат иницијативата е доказ дека во време на криза луѓето се обединуваат.“

Во чин на солидарност, над 1000 наставници од целата земја одговорија на заедничкиот повик на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ да волонтираат при снимањето наставни часови на сите наставни јазици, вклучувајќи македонски, албански, турски, босански и српски. Досега се добиени над 400 видео-часови и секојдневно се поставуваат на платформата.

“Со задоволство информирам дека веќе пристигнуваат видео лекции. Имаме пријави за над 1000 лекции, а пристигнати се досега околу 400 лекции. Секако очекуваме бројката драстично да расте во следните денови, а во меѓувреме апелираме на трпеливост до целосно пополнување со содржини за сите одделенија и по сите предмети.” рече Арбен Адеми, министер за образование и наука. “Како што напоменав очекуваме веќе од утре, платформата да биде достапна и да се применува од училиштата и од наставниците за онлајн едукација на учениците, од кои исто така, очекуваме проактивност и интерес за овој тип на настава во овие вонредни околности. Сепак, овој начин на образование додека трае кризниот период станува формален и од наученото, ќе зависи исходот со кој секој ученик ќе ја заврши учебната година.”

На почетокот, платформата беше замислена да служи како простор каде наставниците, воспитувачите и родителите ќе најдат идеи за спроведување на нови начини за учење преку игра и креативни алатки со кои се поттикнува социо-емоционалниот развој на децата од 3 до 10 години. Освен видео-часовите, на платформата Едуино наскоро ќе бидат ставени на располагање сите планирани ресурси и функционалности, вклучувајќи наставни активности преку игра изработени од просветните работници низ повеќе континуирани краудсорсинг-настани.

Платформата ќе биде дел од ресурсите на Бирото за развој на образованието во поддршка на наставната програма и професионалниот развој на наставниците и по привременото затворање на училиштата. Материјалот што се поставува во моментов има фокус врз материјалот што треба да се опфати до крајот на учебната година. Иако првично наменета за предучилишна возраст и ученици од основно училиште, опфатот на платформата сега е проширен на основно и средно образование.

Е-училница ја надополнува иницијатива за ТВ-училница започната една недела по затворањето на училиштата, од страна на националната телевизија и социјалните медиуми на македонски, албански, турски, босански и српски јазик. Достапни се и други алатки преку УНИЦЕФ и партнерите, во кои спаѓаат дигитални алатки и активности за учење дома.

Е-училница е дел од иницијативата на УНИЦЕФ, финансирана од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а ја имплементира СмартАп-Лабораторија за социјални иновации.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.