Неопходно е зголемување и реорганизација на училишните ресурси за да се подобри квалитетот на образованието

07 Јули 2023
School optimization
UNICEF/2023

Скопје, 6 јули 2023: Со зголемување на ресурсите и реорганизација на мрежата на основни училишта може да се подобри квалитетот на образованието – ова беше главниот заклучок на денешниот меѓународен форум на кој учествуваа креатори на политики, експерти и практичари кои дискутираа за извлечените поуки и клучните фактори на успех од реорганизацијата на училишната мрежа во европските земји.

Форумот го организира Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и Светска Банка  за да се добијат информации што ќе помогнат во спроведувањето на тековната работа поврзана со оптимизацијата на училишната мрежа во Северна Македонија.

 

Со цел да се одговори на тековните предизвици во образованието, во тек е спроведување на иницијативата за оптимизација на мрежата на основни училишта која опфаќа и ревидирање на формулата за финансирање на основното образование во Северна Македонија. Во моментот десет пилот општини добиваат поддршка за спроведување на локални планови за оптимизација во блиска консултација со учениците, родителите и наставниците во училиштата.

“Оптимизацијата на училишната мрежа во соработка со општините е една од приоритетните активности на Министерството за образование и наука,“ рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири. “Општините не треба да бидат загрижени од оптимизацијата, затоа што заедно ќе работиме со нив за успешно да го спроведеме овој процес. Во случаите каде што немаме доволен број ученици заради намалениот наталитет или миграцијата, ќе се консултираме со локалната заедница за да се идентификуваат потреби за пренамена на неискористениот училиштен простор за задоволување на потребите на граѓаните од други социјални услуги.“

Patrizia
UNICEF/2023

„Зголемувањето на јавното финансирање и инвестирањето во образованието е предуслов за подобрување на квалитетот и инклузивноста на образованието за сите деца“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

„Треба да добиеме повеќе од инвестициите направени во образованието и за да го постигнеме тоа, треба да истраеме во реформите на наставната програма што обезбедуваат децата да ги стекнат знаењата, вештините и способностите потребни за напредување во модерното општество.Треба да се стави поголем фокус. ставен на обезбедување дека ресурсите се насочени кон областите каде што најдобро може да се постигнат подобрувања во резултатите од наставата и учењето Системот за финансирање треба да обезбеди соодветни ресурси за образование во училиштата со повеќе наставни јазици, како и за децата во социјален ризик, вклучително и децата со попреченост и оние кои доаѓаат од посиромашни домаќинства,“ нагласи ДиЏовани.

Bojana
UNICEF/2023

“Во моментов се работи на финализирање на формулите за финансирање за основно и средно образование  и на методологии за оптимизирање на училишната мрежа во основното образование. Главни придобивки што може да ги очекуваме како резултат:

1) со новите формули финансиите ќе го следат ученикот и неговите потреби, на начин на кој најранливите ученици ќе бидат приоритет;

2) ќе ги стимулираат и наградуваат училиштата кои работат добро и одговорно врз база на јасни критериуми

3) ќе ја подобрат ефикасноста со што ќе се ослободи повеќе простор за инвестиици во средината за учење и поддршка за наставниците,“ рече Бојана Нацева, виш специјалист за образование, Светска Банка.

Земјата се соочува со образовна криза, при што постигнувањата на учениците се под просекот на Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД. Огромните демографски промени, вклучително и намалувањето на наталитетот, зголемената миграција и урбанизација без поголеми прилагодувања на мрежата на основните училишта, резултираа со недоволна искористеност на училишниот простор и кадар во некои средини. Наспроти тоа, други училишта имаат премногу ученици и недостиг на кадар, па затоа мора да организираат часови во две смени – што може да влијае на резултатите од учењето.

Ваквите промени доведоа до неефикасна и неправична распределба на ресурсите. Дополнително, најголемиот дел од расходите за основно образование се за покривање плати на училишниот кадар, што остава недоволно финансиски средства за одржување на објектите во добра состојба и инвестирање во модерна  опрема, воведување иновативни методи во наставата и учењето и професионален развој на кадарот.

Зголемувањето на ефикасноста и ефективноста на мрежата на училиштата во основното образование, истовремено обезбедувајќи еднаквост во пристапот до училиштата, е предизвик за многу земји.
За да дознаат повеќе за искуствата од други европски земји, учесниците имаа можност да разговараат со експерти од Португалија, Полска, Данска, Норвешка и Бугарија за време на трите сесии посветени на оптималното финансирање, подобрената распределба и искористеност на човечките ресурси во училиштата за подобрена ефикасност и квалитет, спојувањето или проширувањето на училиштата како одговор на демографските промени, обезбедувањето превоз и соодветна средина за префрлените ученици во училишта што нудат подобри услови за учење.

School optimization
UNICEF/2023

Главниот говорник на настанот,  Лука Боескенс, аналитичар за политики во ОЕЦД, сподели информации за реорганизацијата на училишните мрежи во неколку земји на ЕУ и како тој процес придонесе за зголемена ефикасност и подобар квалитет на образованието.

Првата сесија ја отвори заменик министерот за финансии, г. Филип Николоски.

„Инвестицијата во образованието и човечкиот капитал е инвестиција во иднината и развојот на државата, тоа е движечката сила во општеството, затоа и политиките што ги спроведуваме, а се дел од целокупниот реформски процес, се насочени кон обезбедување сеопфатно, инклузивно и интегрирано образование кое ќе овозможи идните генерации да се стекнат со знаења, вештини и компетенции согласно потребите на демократското мултикултурно општество, пазарот на трудот и новите предизвици во глобалниот научно-технолошки амбиент,“ рече заменик-министерот за финансии Филип Николоски и додаде дека со цел спроведување на реформите се зголемува буџетот за образованието и блок-дотациите до општините заради пренесените надлежности.

Orce ZELS
UNICEF/2023

Другите сесии ги отворија министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, раководителот на оперативниот оддел на Делегацијата на ЕУ, Александру Албу и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. 

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов нагласи дека Владата е подготвена и отворена за соработка со општините, локалната самоправа и ЗЕЛС со фокус на суштината на проблемот и потребните решенија.

Претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски изрази надеж дека конечно ќе се стави крај на постојната нереална и пред сè недоволна распределба на финансиските средства што се доделуваат на општините за основното образование и дека ќе се примени пообјективна методологија, каде како почетна основа се зема однапред  утврдената сума на сите трошоци по ученик.

За повеќе информации, посетете ја веб страницата за конференцијата и документот за политики „Колку се училиштата по мерка на децата? ”.

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org
Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.