Млади луѓе добија почетен капитал за да ги спроведат идеите и решенијата за заштита на почвата
Скопје, 23 март, 2023 г.: Пет групи составени од млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за да ги остварат иновативните решенија за подобрување и заштита на почвените ресурси во заедницата и да се прилагодат на последиците од климатските промени.
Иноваторите беа избрани во рамките на програмата „Апшифт“ (анг.UPSHIFT), во која 10 средношколски тимови од Скопје, Тетово, Кочани, Штип, Делчево, Битола и општина Долнени учествуваа во тродневната работилница за осмислување дизајн. Под водство на менторите и професорите, сите тимови имаа можност да ги развијат идеите и да се стекнат со нови практични вештини.
Последните пет циклуси на програмата „Апшифт“ беа фокусирани на младински решенија за еколошки предизвици, и над 250 млади луѓе учествуваа во овие тематски циклуси на „Апшифт“, спроведени со поддршка на Шведска и во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој.
“И овојпат младите дадоа пример како треба да се справуваме со сложените еколошки предизвици. Решенијата насочени кон иднината зборуваат многу за нивната подготвеност да предводат со вистински, конкретни промени во своите заедници. Шведска целосно ги поддржува младите и ги цени напорите што ги вложуваат во заедничката работа за поодржлива иднина,“ рече амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Јаим.
„Начинот на кој децата и младите луѓе реагираат на овој циклус на „Апшифт“ е повторно показател за нивната способност да изнајдат иновативни идеи, кога им е обезбеден простор за слободно и креативно изразување. Им честитам на овие млади луѓе за ангажираноста и одличните идеи, и се надевам дека ќе претставуваат инспирација за своите врсници и дека ќе поттикнат позитивни промени поврзани со животната средина и подобрување на климата,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.
„Честитки за победничките тимови, кои со своите истражувачки проекти докажаа дека со креативно размислување, труд и напорна работа можат да произлезат иновативни решенија од кои придобивки би имало целокупното општество.
Со четвртиот циклус на програмата „Апшифт“, согледавме дека младите се свесни за важноста од квалитетно одгледувана почва, која е од клучно значење за зачувување на животната средина, но воопшто и за луѓето, од аспект на производство на квалитетна храна. Преку поддршката на проекти и програми наменети за младите, ФИТР ја зацврстува својата јасна определба, да биде секогаш на страна на младите, поддржувајќи ги нивните иновативни идеи, креативен потенцијал и претприемничка култура” изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Во петте најдобри тимови, кои добија почетен капитал за да ги спроведат идеите, спаѓаат:
- Тимот од стручното училиште „Панче Арсовски“ од Скопје за идејата за изработка на мобилен стакленик. Со стакленикот ќе може да се мери количината на вода во почвата, влажноста на стакленикот и температурата во стакленикот.
- Тимот од стручното училиште „Браќа Миладиновци“ од Скопје ќе произведува биохумус преку одгледување калифорниски црви и употреба на органско ѓубриво и растителен отпаден материјал. Со биохумусот ќе се одгледуваат различни култури со кои се прочистува почвата.
- Тимот од стручното училиште „Методи Митевски Брицо“ од Делчево ќе проектираат автоматизирана машина за прочистување почва со термално третирање, при што се уништуваат штетните метали.
- Средното училиште „Ѓошо Викентиев“ од Кочани ќе направи подвижен уред со сензори за детекција на метали во отпадните води што ја загадуваат почвата. Уредите ќе бидат поставени на 3 места во Кочани и ќе бидат поврзани со мобилна апликација која ќе ја програмираат учениците.
- Средното училиште „Кузман Шапкарев“ од Битола ќе направи органска градина за одгледување зачини и лековити тревки. Тревките потоа ќе се користат за производство на чаеви.
Следните три месеци тимовите ќе бидат поддржани од менторите за да ги спроведат идеите.
„Апшифт“ е иницијатива поддржана од УНИЦЕФ во која работилниците за социјална иновација се комбинираат со менторство, материјали и почетен капитал. Целта ѝ е да потпомогне иновативно и креативно размислување кај младите луѓе, да ги согледа предизвиците со кои се соочуваат и да им помогне да осмислат креативни решенија во вид на производ или услуга.
Се надоврзува на методологијата „дизајн според потребите на човекот“, која може да се пренесе и со која и наставниците и учениците развиваат претприемачки вештини, како што се: раководење со проекти, критичко мислење, тимска работа и успешна комуникација.
Програмата ја финансира Шведска, ја спроведуваат УНИЦЕФ и здружението LEAD во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој, а е поддржана од Министерството за животната средина, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Министерство за труд и социјална политика.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.