Развивање на бебешкиот мозок преку игра: мини-магистратура за родителство

Совети за тоа како да го засилите развојот на мозокот на вашето бебе.

Mother and father playing with baby laughing
UNICEF

Сте знаеле ли дека најважната интеракција со вашето дете е преку игра? Д-р Џек Шонкоф од Универзитетот Харвард ја објаснува најважната работа што родителот може да ја направи за да го поддржи развојот на мозокот кај своето дете.
 

Embedded video follows
UNICEF

Транскрипт од видеото „Развивање на бебешкиот мозок преку игра: мини-магистратура за родителство“

„Јас сум Џек Шонкоф.

Сте знаеле ли дека најважната интеракција со вашето дете е преку игра?

Развојот на мозокот на вашето бебе звучи малку застрашувачки, па подзастанете и земете длабок здив.

Родителството е многу повеќе уметност отколку наука.

Јас сум Џек Шонкоф и ова е мојата мини-магистерска обука за развојот на бебешкиот мозок преку игра.

1. Зошто раните години од животот на детето се толку критични за развојот на мозокот?

Раните години се важни затоа што искуствата на малите деца и односите со важните луѓе во нивниот живот буквално го обликуваат развојот на нивниот мозок.

Тие први темели влијаат врз целото учење, однесување, физичко и ментално здравје што следуваат понатаму во животот. Важноста на првите години просто не се искажува со зборови.

2. Што најважно може да направи родителот за да го поддржи развојот на мозокот на своето дете? 

Најважното нешто што секој родител може да го направи за да го поддржи развојот на малото дете и особено развојот на неговиот мозок е да го запознае тоа мало дете, да умее да ги чита неговите знаци, да умее да се вклучи во она што го нарекуваме интеракција „сервирај и врати“.
3. Што претставува „сервирај и врати“ и како изгледа?

Сервирај и врати е исто како во тенисот.

Станувам подобар!

Значи, кај ова сервирај и врати, станувате подобри со вежба.

„Сервирај и врати“ точно опишува што е важно за интеракцијата затоа што таа се одвива во две насоки. Бебето сервира насмевка, гугање, џагор, гест, а родителот или возрасниот што се грижи за него враќа со одговор кој се надоврзува на она што го направило бебето. Бебето испушта звук – вие му враќате со ист звук. Бебето покажува на нешто – го погледнувате тоа и покажувате кон себе. Тоа е клучот. Интеракцијата е двонасочна. Може да започне бебето. Може да започне родителот. Клучно е како ќе реагирате.

„Сервирај и врати“ не мора нужно да функционира првиот пат кога ќе го пробате. Но, колку повеќе вежбате, толку станува полесно.

4. Како „сервирај и врати“ е поврзано со играта меѓу родителот и детето?

Кај многу малите деца, сето важно учење се одвива во контекст на игра. Играта е истражување. Играта е пробување. Играта е обид да се сфати дека кога се прави едно, се случува нешто друго. Играта е обид да се осознае светот. Многу од ова се постигнува така што ќе се пружи безбедна средина со можности за учење.

Голем дел од игрите и интеракциите меѓу родителите и малите деца спаѓа во категоријата „сервирај и врати“. Во некои игри, детето си игра само.

5. Како би му советувале на родител преку игра да „сервира и да врати“?

Би започнал со „сервирај и врати“ кај нешто што е лесно, пријатно и опуштено. Играта може да се случи кога го храните детето, кога го пресоблекувате, кога го капете. Сѐ ова е можност за разиграна интеракција и учење меѓу возрасните и децата.

Би сакал родителите да сфатат дека кога ќе возвратите со насмевка, не треба тука да застанете, туку да почнете да играте, со што всушност градите нови врски во мозокот на вашето дете.

6. Зошто некои игри што родителите ги играат со детето го зајакнуваат неговиот мозок?

Во детството, кај многу малите бебиња, сè е поврзано со интеракцијата: видот, звукот, гледањето на бебето в очи, личното поврзување, препознавање на чувствата на вашето бебе.

Еве нешта за кои луѓето можеби мислат дека не се игри, но се. Ѕе! – ставање крпа на главата. „Каде е бебето, о, еве го“. Тапши, тапши, танана! „Колку е големо бебето? Толку големо!“ Најдобрите игри градат чувство на емоционална безбедност што овозможува раст. Кога го покривате лицето со крпа и играте Ѕе, бебињата учат.

Зошто бебето се смее секојпат кога го правите ова? Прво, се работи за лична интеракција; таа носи големо задоволство. Но, второ, бебето го совладува концептот дека работите исчезнуваат и се враќаат, дознавајќи дека сè уште постојат.

Ако бебето постојано го сака ова, постои причина. А причината е што мозокот на бебето вели – „Јас го совладувам ова. Учам многу од ова. Уживам во учењето“. Запрашајте се: што ужива моето бебе да прави? И потоа запрашајте се зошто мислите дека бебето ужива во тоа? А одговорот секогаш е „затоа што така се развива мозокот на бебето“.

Д-р Џек П. Шонкоф е професор по Здравје и развој на децата од Институтот ФАМРИ на Џулиус Б. Ричмонд при Школата за јавно здравје Т.Х. Чан на Педагошкиот факултет на Харвард; професор по педијатрија на Медицинскиот факултет на Харвард и детската болница во Бостон; и директор-основач на универзитетскиот Центар за дете во развој на Универзитетот Харвард.


Оваа мини-магистерска обука за родителство ви е овозможена со поддршка од Фондацијата ЛЕГО.